1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мирот не може да се јаде“

З.Јордановски/фац/ип2 септември 2015

Германскиот печат се занимава со причините за миграцијата од земјите на Балканот и како таа да се спречи. Тема е и евроинтеграцијата и влијанието на ЕУ врз реформските процеси во државите-кандидатки за членство.

https://p.dw.com/p/1GQ5K
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

„Важен фактор, кој ги привлекува првенствено Ромите од регионот кон Германија, се социјалните поволности“, пишува „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ). Коефициентот на одобрени барања за азил навистина изнесува само 0,2 процента, но за барателите е атрактивно траењето на постапката од просечно 5,7 месеци. За некои семејства тоа е доволно од помошта од германскиот социјален систем ’да заштедат пари за времето по враќањето‘“. ФАЦ ги пренесува впечатоците на Марилуизе Бек, пратеник на Зелените во Бундестагот, по нејзината посета на Македонија, Косово и Албанија, каде сакала да ги дознае мотивите за иселување. Елвис Бајрам, градоначалник на Шуто Оризари, ја информирал Бек дека 60 проценти од тамошните жители живеат од социјална помош од 40 евра месечно по семејство, а слично дознала и во Кукс во Албанија, каде социјалната помош изнесува најмногу 35 евра месечно по семејство. „Со оглед на таквите услови, не е за чудење дека се примамливи изгледите во Германија барем 5,7 месеци да се биде сит (и в зима стоплен). Квалитетот на сместувањето и парите што им се даваат месечно во Германија се далеку над она, што на многу семејства им стои на располагање во Македонија“, го пренесува ФАЦ резимето на Марилуизе Бек. „Македонија по 2011 (...) е мирна земја. Но, таа, првенствено за Ромите, е и крајно сиромашна земја - а мирот не може да се јаде. (...) Загрижувачки е дека Македонија, по укинувањето на визите од ЕУ во 2009 година, на околу 40 илјади граѓани не им дозволи да отпатуваат од земјата поради ’претпоставката дека со неоправданите барања за азил во Централна Европа го загрозуваат безвизниот режим за земјата‘. Тоа навистина ја намали бројката на безизгледни баратели на азил во Германија, но не е ли еден кандидат за членство во ЕУ, кој своите жители масовно ги спречува да ја напуштат сопствената земја, случај за Европскиот суд за човекови права?“, поставува прашање авторот Михаел Мартенс во написот во ФАЦ.

„Реформи можат да го подзапрат приливот на бегалци од Балкан“

Истиот весник во друг прилог пренесува ставови и оценки на Сума Чакрабарти, шеф на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), во однос на перспективите на миграцијата. Приливот на бегалци од Западен Балкан е привремен феномен, смета Чакрабарти: „Уште има големо иселување, првенствено кон Германија. Но, долгорочно тоа ќе се смири, оти порано или подоцна земјите од Западен Балкан ќе се развијат во општества во кои луѓето ќе сакаат да останат. Многу посилен е притисокот на миграцијата од Северна Африка и Сирија - и тој ќе остане долго време“. (...) „Западен Балкан, поради неговите политички разлики, досега секогаш заостануваше зад своите економски можности. Сега има шанса тоа да оди подобро“. Еден од неговите аргументи е дека „врз важните водачи, поради нивната млада возраст, изминатите војни не оставија толкав белег, колку врз нивните претходници. (...) ’Таа генерација не е заинтересирана да бие битки од минатото, туку сака да го унапреди регионот‘. Затоа сите влади од Западен Балкан се стремат кон брз прием во ЕУ. Освен тоа, тие согледаа дека стабилност и благосостојба можат да постигнат само ако тоа парче земја, што порано го карактеризираа непријателства, политички и економски се интегрира“. Како пример на млад водач е наведен и 45-годишниот македонски премиер Никола Груевски, со забелешка дека „сепак во негово време уште се заостри конфликтот со албанското малцинство“ и дека „по скандалот со прислушувањето и поради растечките протести, неодамна мораше да најави оставка во јануари 2016 година“.

Bildergalerie Flüchtlingsunterbringung in Deutschland
Центар за бегалци од Балканот во БаваријаФотографија: picture-alliance/dpa/D. Endlicher

„Благородни цели, тврди факти“

Публикацијата „Интернационале политик“ ја анализира (не-)искористената шанса на ЕУ внатрешно да ги преуреди земјите од Западниот Балкан преку процесот на стабилизација и асоцијација. Во тој контекст е споменат и минатогодишниот самит за Западен Балкан, чија цел била „да му вдахнат нов живот на бавното приближување на Западен Балкан кон ЕУ, а со тоа и на бавната реформска агенда. Тоа ја илустрира дилемата на ЕУ: опадна популарноста на политиката на проширување, но не и нејзината релевантност; тој инструмент се базира врз условеност, со која ЕУ сака да поттикне политичка и економска трансформација и стабилизација, мотивирана од веродостојна перспектива за пристап“.

На негативните искуства од претходните проширувања (преземени и нереализирани ветувања за реформи) и недоволната европска контрола на реформските зафати во тие земји, „Комисијата (на ЕУ - н.з.) и земјите-членки реагираа со заострување на условеноста за пристапувањето - главата за владеење на правото сега е ставена на почетокот на преговорите за пристап и останува отворена цело време, а кандидатите треба редовно да ја докажуваат ефикасноста на преземените реформи“. Натамошна лекција за ЕУ е дека конфликтите внатре во земјите-кандидатки и со нивните соседи, не само што не се надминуваат со процесот на стабилизација, туку и го отежнуваат процесот на асоцијација и водат дури кон трајни блокади во приближувањето кон ЕУ“. Тука како пример е наведна грчката блокада на Македонија поради спорот со името, која „долго време беше прифаќана од страна на другите земји-членки“. ЕУ интензивно се ангажира во Македонија во конфликтот меѓу премиерот Груевски и опозицијата дури кога по масовните протести во мај 2015 се закануваше ескалација на ситуацијата“.

Опасност за дестабилизација се крие и во социјалната ситуација во земјите на Западен Балкан. Економската мизаерија во комбинација со лошо водење на владите и бесперспективноста на многу луѓе, не е само објаснение за високиот број бегалци, кои си ја бараат среќата во ЕУ, туку крие во себе и голем протестен потенцијал. Незадоволството и фрустрацијата на многу граѓани подготвува и почва за национализам и задршки едни спрема други“.

Авторот на анализата Терезиа Теглхофер, придружен соработник на Истражувачкиот институт на Германското друштво за надворешна политика, сугерира дека одговорните во ЕУ мора да се откажат од партиска солидарност или било какви други одмерувања и отворено да ги наведат „дефицитите и алармантниот развој - како автократските тенденции, разводнувањето на реформите за владеење на правото, кратењето на медиумската и слободата на мислењето. Цената за кршење на демократските правила на играта мора да биде висока“. ЕУ не смее да чека прво ситуацијата да ескалира, туку треба порано да се зафати со проблемите и да бара решенија. Привлечната сила на ЕУ „во државите на Западен Балкан и натаму е важен реформски фактор“ и Унијата мора да игра на картата на одржување на перспективата за пристап. Откажување од неа и од политиката на проширување би значело „да се проигра шансата да им се овозможи траен мир и демократска промена на земјите-кандидатки преку интеграција во ЕУ. Но, земјите на Западен Балкан сепак мораат самите да ја зграпчат таа шанса“, е заклучокот на анализата во публикацијата „Интернационале политик“.