1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирно тече гласањето за петтиот македонски претседател

21 април 2019

Почетокот на гласањето тече во мирна атмосфера, исто како и вчера, кога правото на глас го остварија болните и немоќните лица, дијаспората и затворениците.

https://p.dw.com/p/3HARn
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Навреме и во мирна атмосфера утрово во 7 часот беа отворени 3.480 избирачки места во 80 општини и во Град Скопје, каде почна гласањето за избор на претседател на Република Северна Македонија. Според набљудувачи на невладината организација „Цивил", исклучок се само неколку гласачки места кои биле отворени со незначително доцнење од 5 минути, што не влијае на текот на процесот. Почетокот на гласањето тече во мирна атмосфера, исто како и вчера, кога правото на глас го остварија болните и немоќните лица, дијаспората и затворениците.

За нов шеф на државата граѓаните треба изберат еден од тројцата кандидати - Блерим Река, Гордана Сиљановска - Давкова и Стево Пендаровски. Право на глас имаат 1.808.131 гласач, а за победа во првиот круг од изборите потребно е мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, или 904.066 гласови. Ако во првиот круг ниту еден од кандидатите не го добие ваквото мнозинство, во вториот круг на 5-ти мај ќе се соочат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови. За претседател ќе биде избран оној што добил мнозинство од гласовите, но доколку гласале 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Ако не биде исполнет цензусот, треба да се распишат нови избори.   

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот има мандат од пет години, а исто лице може да биде избрано најмногу двапати. Од независноста до денес, државата имаше четири претседатели - Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов. Само Глигоров и Иванов беа на претседателската функција во два мандата. Петтиот претседател ќе биде првиот што е избран по промените во Уставот, односно новото име на државата, Република Северна Македонија.

Грижа за правата на избирачите

Како што соопшти ДИК, постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми. ДИК издала акредитации за набљудување на изборите на 3.150 домашни, 419 странски набљудувачи, 289 преведувачи и 20 странски новинари.

За прашања околу остварувањето на избирачкото право или за пријавување нерегуларности, граѓаните денеска ќе може да користат услуги на повеќе институции и организации. Активен е бесплатниот телефонски број 0800 555 444, на кој заинтересираните граѓани можат да се јават, да постават прашање или да остават коментар до Државната изборна комисија (ДИК), заедно со нивните податоци за контакт, на кои би добиле одговор на поставеното прашање. Новината што ја воведе ДИК, е тоа што за граѓаните со оштетен слух и говор ќе биде активен телефонскиот број 076 488 360, на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање и да добијат одговор на знаковен јазик.

Покрај ова, и во канцеларијата на Народниот правобранител од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.

Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahlen -  Wahlkommission DIK
Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори, соопшти ДИКФотографија: DW/P. Stojanovski

Невладината организација „Цивил - Центар за слобода", која на изборите има свои набљудувачи, ги повика граѓаните да пријават изборни нерегуларности од секаков вид на е-пошта на организацијата или на телефоните 02 / 5209 176 и 070 734 044. И Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ќе биде отворена во текот на целиот ден со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право. Тоа ќе можат да го сторат во канцеларијата на Комитетот на улица „Наум Наумовски Борче" бр. 83 во Скопје, на телефонски број 02-3119-073 или преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk.

Избори за градоначалници во три општини

Заедно со претседателските избори денеска се одржуваат и предвремени избори за градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село. Изборите се распишани по смртта на градоначалниците на Охрид и Дебар - Јован Стојаноски и Ружди Љата, а во Ново Село поради оставка на поранешниот градоначалник Боро Стојчев откако беше осуден на затворска казна. Во трка за градоначалник на Охрид се Михаил Трендафилов-Нанче од партијата Граѓанско-демократска унија, Митре Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од СДСМ, Стевче Стевоски како кандидат на политичката партија Демократи и Џемал Мена од Движењето Беса. За испразнетото градоначалничко место во Ново Село кандидати се Никола Андонов од СДСМ и Николчо Стоилков од ВМРО-ДПМНЕ. Во трката за градоначалник на Дебар ќе учествуваат лекарите Хекуран Дука кандидат на ДУИ, и Арбен Аголи на Алијаса за Албанците, поддржан од Движењето Беса. Вториот круг на предвремените локални избори за трите општини ќе се одржи заедно со вториот круг од претседателските избори на 5-ти мај.