1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миграција: „Диктатура на безнадежноста“

Зоран Јордановски13 август 2015

Луѓето масовно си одат од Косово поради безнадежната состојба таму. Жените во Албанија загрозени и во подредена ситуација. Само Ромите од Балканот доаѓаат поради џепарлакот за азилантите. Изводи од германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1GF5Z
Фотографија: DW/K. Brady

Косово го напуштаат неговите луѓе. Многумина сакаат во Германија. Најголемиот дел од нив не успева. Никој не верува дека кога и да е во нивната земја работите ќе тргнат на подобро. Што се случува во најмладата земја во Европа? - се прашува магазинот „Ди Цајт“ во поднасловот на опширниот прилог „Диктатура на безнадежноста“.

Авторот Каспар Шалер ја пренесува косовската реалност преку повеќе индивидуални гледања и мигрантски искуства на жителите на Косово и преку контрастни слики на животот во мало место и во главниот град Приштина, за која вели: „Приштина е град на пропаднати утопии. Тие стојат насекаде наоколу, спомениците на големите надежи од вчера. На еден плоштад огромен натпис: „Њуборн“ - новородени. Паролата е од 2008, кога беше славена независноста. Зад неа се извишува симболот на една поранешна утопија. Како ребра на некој кит се креваат кон небо столбовите на спортската палата, зграда како вселенски брод, која некогаш ветуваше иднина, социјалистичка авангарда. Порано пред фасадата висеше слика на двајца најпрочуени партизани од Косово, еден Србин и еден Албанец (Боро и Рамиз - н.з.), кои умреа заедно и останаа како симбол на братството и единството. Денес од таму гледа еден албански националист со голема брада. Етничките чистења и национализмот го уништија проектот Југославија. (...) „Косово не е утопија, туку дистопија‘, вели Андреа Капусела. ’Тоа е земја во рацете на еден авторитарен режим , контролиран од една разбојничка елита‘‘‘.

Ни Косово, како ни Црна Гора или Македонија, не и’ се потребни на ЕУ

Италијанецот 4 години бил чело на економскиот оддел на Еулекс, мисијата на ЕУ, која по 2008. требаше да помогне да се изгради правна држава. Речиси 2 илјади луѓе, буџет од преку 100 милиони евра - се’ за борба против корупција и организиран криминал, се објаснува во написот. Но, Капусела во една полемичка книга аргументира дека „Косово како држава доживеа неуспех - а со тоа и надворешната политика на ЕУ. ’Всушност, на ЕУ Косово и’ е исто толку малку потребно, колку и Црна Гора или Македонија. Но, тука и’ се укажа можност за интервенција, за да се прикаже како глобален актер‘“.

Враќајќи се на бегалската проблематика, авторот, служејќи се со зборовите на Капусела, вели дека луѓето си одат оти немаат работа - но ја немале ни пред една година. Па зошто почна егзодусот од минатата зима? „Мислам дека тие си одеа оти ја загубија довербата во политичкиот систем. Миграциониот бран започна токму тогаш, кога двете најголеми партии се договорија заеднички да владеат. Тоа беше решение за шестмесечната политичка криза, но уништи секаква надеж за промени. Со заминувањето Косовците ни велат не само дека не очекуваат никакво подобрување, туку и дека нивниот политички систем не е способен за никакво подобрување“. И тоа иако ЕУ по војната од 1999 инвестира преку пет милијарди евра за изградба на институциите. ’Меѓународната интервенција доживеа неуспех‘, смета Капусела“.

Наведувајќи го и скандалот со корупција во самиот Еулекс, во написот се констатира: „ЕУ, која се смета себе си за морален учител на светот, дава лош пример. (...) ’Еулекс ги разочара луѓето‘“, цитиран е и Артан Канази, од тинк-тенкот „Косовски демократски институт“. „’Но, кога не е можно проблемте демократски да се решат, станува опасно. Тогаш или луѓето си одат, или стануваат екстремисти. (...) Пред неколку години ниедна жена не носеше шамија, денес младите одат во ИД (Исламската држава - н.з.)‘. И тоа е еден вид на миграција“, се вели, покрај другото, во прилогот на магазинот „Ди Цајт“.

„Променете го ставот, молам!“

„Ди Цајт“ посветува уште еден текст на бегалската проблематика, но за Албанија и со акцент за специфичната ситуација на жените таму.

„Жена, претепана од нејзиниот маж, може да се смета за среќна ако, покрај тоа, во нејзината земја уште беснее и граѓанска војна. Имено, таа тогаш има шанса да добие азил во Германија. Но, ако нејзе во албанските планини нејзиното семејство и’ се заканува со смрт, тогаш изгледите и’ се лоши. Поради тоа, кој прогласува за сигурни и други земји во кои жените се масивно угнетувани и загрозени, тој ништо не знае за нивната положба таму - или не сака да го знае тоа“.

Најавувајќи дека во почетокот на септември и Албанија, Косово и Црна Гора ќе бидат класификувани како сигурни земји, авторот Елизабет Ретер констатира: „Се чини, меѓутоа, дека тие земји и не се толку сигурни, инаку веднаш би биле примени во ЕУ, што не се случува пред се’ од една причина: недоволно владеење на правото. Тоа звучи апстрактно, но за многу луѓе таму е прашање - да се биде или не. Отсуството на правна држава секогаш ги погодува ранливите групи“. На Балканот во нив спаѓаат не се само Ромите, туку и жените, се вели во „Ди Цајт“, кој ја објаснува подредената положбата на жените во Албанија како последица на владеењето на традиционалното право - канунот. „Албанската држава не успева да ги штити своите граѓанки од трговците со луѓе. Банди ги грабнуваат Албанките и ги принудуваат на проституција. Освен тоа, во меѓувреме се абортираат толку многу женски фетуси, што трајно е нарушена половата рамнотежа“.

„Тоа ги погодува првенствено Ромите“

Весникот „тац. ди тагесцајтунг“ од Берлин се осврнува на кампањата во Германија против бегалците од Балканот и констатира: „За најголемиот број од бегалците не се во прашање џепарлакот што го добиваат, ниту сакаат да безделничат во домовите за бегалци; луѓето имаат надеж да најдат работа и перспектива за себе и за своите деца. За тоа нема никакви изгледи“.

Плановите за укинување на џепарлакот и за забрана за повторно влегување за барателите на азил „не се насочени против сите бегалци, туку првенствено против Ромите, кои, со оглед на нивната изолација во општествата на Балканот, се фаќаат за секоја сламка за да можат да преживеат. Џепарлакот на еден барател на азил им помага на семејствата во местото од кое потекнуваат барем да не прегладнат. Ромите се оние, кои по протерувањето се обидуваат на сите можни начини повторно да допатуваат“. Затоа авторот на прилогот Ерих Ратфелдер бара од германските власти јасно да се декларираат, а не „паушално да се повикуваат на опасност од бегалци од Балканот“. Во тој случај властите би морале „конструктивно да размислат за германска политика во однос на Ромите и на доселување. Но, веројатно бараме премногу“, скептичен е „тац“.