1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакетот мерки - каталог на ужасија за Грците

Јанис Пападимитриу/З. Јордановски13 август 2015

Грчкиот парламент треба да го одобри договорот за нова помош. Тој содржи остри мерки за штедење и повеќе реформи отколку што било која влада во Атина било кога можела да ги спроведе. Ќе се случи ли тоа овојпат?

https://p.dw.com/p/1GFB5
Фотографија: Reuters/R. Zvulun

За многумина Грци документот е како каталог на ужасија. Политички збрки посебно предизвикуват 38-те итни мерки (таканаречените прајор екшнс - приоритетни дејствија, мерки), кои се сметаат за предуслов за кредиторите да и’ префрлат макар и еден цент на Атина. Првенствено станува збор за одамна ветени реформи, кои претходните влади не ги реализираа: од укинување на привилегиите за земјоделците, преку отворање на заштитените професии и пензиска реформа, па се’ до наново формирање на грчки фонд за приватизација. Со усвојувањето на тие „приоритетни мерки“ во парламентот треба владата на премиерот Алексис Ципрас да ја направи веродостојна волјата за реформи и да повторно да ја воспостави загубената доверба.

Навестените итни мерки немаат единствена линија. Тоа произлегува од природата на нештата, оти првенствено станува збор за преостанати поранешни ветувања за штедење, кои уште не се спроведени. „Секако, и овојпат ќе се штеди и крати, но сега оптоварувањата се многу пошироко распределени“, оцени професорот по економија Хараламбос Гоцис за телевизијата Скај. Новите наметнати мерки за штедење предизвикуваат жесток протест првенствено кај земјоделците, кои најдоцна во 2017 година ќе мораат да се простат од омилените им даночни привилегии. Гоцис нема многу разбирање за претстојниот бунт на земјоделците: „Нивните оптоварувања сепак и не се толку екстремни. Ако ситен претприемач по седум години рецесија плаќа данок на приход од 26 проценти, тогаш не гледам зошто и големите земјоделски производители во Грција не би требало да го дадат својот придонес за совладување на кризата“.

Старосната граница за пензија како „света крава“

Малку кои ветувања за штедење беа во Грција поспорни од пензиската реформа и посебно од отежнувањето на предвременото пензионирање. Веќе денес важи принципот дека сите кои се вработиле по 1993. година ќе одат во пензија на 67 годишна возраст. Но, се’ уште има редица исклучоци. Со новите „приоритетни мерки“ треба да се исклучи предвременото пензионирање или тоа да биде толку неатрактивно, што заинтересираните би го отфрлиле. На пример, кој уплатувал во пензискиот фонд најмалку 15 години и ја искористи актуелната регулатива, би добил пензија од 486 евра. Сега таа сума се крати на 310 евра, а новото правило ќе важи ретроактивно од 1. јули годинава, за да се спречи бран од барања за предвремено пензионирање пред да стапат во сила новите „приоритетни мерки“.

Griechenland Premierminister Alexis Tsipras
Алексис ЦипрасФотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

За наесен е префрлена спорната реформа на управата, со која треба да се воведе и горна граница на платите на државните службеници. Во актуелнава рунда за штедење државата е поштедена. Но, затоа пак, за приватниот сектор на грчката економија доаѓаат нови оптоварувања и покачувања на даноците. Тоа наидува на критики: „Веќе денес државата им должи на приватните претпријатија преку девет милијарди евра. Многу фирми на есен ќе ги затворат вратите, оти толку пари - за да се одржува во живот сопствената фирма - и не можеле да бидат тргнати настрана, уште повеќе и поради важечите 45-дневни контроли на капиталот во земјата“ - рече во ТВ-интервју економскиот аналитичар Анестис Докас. А многумина Грци на почетокот од годинава уште се надеваа на подобри времиња. „Тогаш се чинеше дека стопанството се опоравува, многу претпријатија планираа нови вработувања“, рече Докас. Тоа засега е завршена работа.

Тактика на одолговлекување на претседателката на парламентот

Министерот за финансии на работите гледа од позитивната страна: по спроведувањето на договорените мерки, Грција најдоцна во 2018. година ќе оди кон примарен суфицит од 3,5 проценти од нејзините севкупни економски постигнувања, изјави тој денеска во парламентот. Таква ситуација, земјата да има значително повисоки приходи од расходи, во Грција веќе имаше во 2014. година.

Но, сега прво е прашање дали и кога мерките за штедење ќе бидат усвоени во парламентот. Засега се одолговлекува со терминот за гласање. Причина е одморот на пратениците, започнат пред да биде постигнат договорот со кредиторите. Затоа претседателката на парламентот Зое Константопулу смета дека од процедурални причини пленарна дебата ќе е можна дури ноќеска по полноќ.