1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел предупреди дека следуваат тешки месеци со пандемијата

БГ/ ДВ
28 август 2020

Германската канцеларка предупреди дека пандемијата на коронавирусот веројатно ќе се влоши во следните месеци. Таа вети дека нејзината влада ќе одговори со негување на дух на општествена солидарност.

https://p.dw.com/p/3heq3
Deutschland Merkel PK
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Kappeler

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска предупреди дека во следните месеци пандемијата на коронавирусот ќе се влоши, и ги повика германските граѓани да ја сфатат заканата сериозно.
„Мораме да очекуваме дека некои нешта ќе станат уште потешки во следните месеци одошто за време на летото“, изјави таа за време на традиционалната летна прес-конференција во Берлин.
„Сериозно е! Исто толку колкуи досега. И продолжете да го сфаќате сериозно. Ќе мораме да продолжиме да живееме со овој вирус“, рече Меркел.
Во последните недели бројот на новозаразени во Германија продолжува да расте со засилено темпо. Меркел најави дека нејзината влада ќе преземе мерки за да ги заштити најтешко погодени групи во општеството, особено децата кои во меѓувреме започнаа да посетуваат настава, но таа често се прекинува поради опасноста од вирусот.
Канцеларката вели дека животот не може да продолжи нормално се додека не се пронајде вакцина, а Германија во меѓувреме преговара со неколку фармацевтски компании за да обезбеди таква вакцина.

Општествената солидарност е приоритет

Меркел рече дека и понатаму ќе се прават напори за нормално функционирање на економијата и спасување на работните места, додавајќи дека ќе биде промовиран дух на општествена солидарност за да се намалат ефектите од пандемијата врз другите групи како постарите и семејствата со ниски приходи. Меркел го бранеше начинот на кој Германија досега се справува со пандемијата.
„Верувам дека донесовме одлуки во согласност со нашето најдобро знаење“, рече таа.
Во делот на надворешната политика, Меркел ја повика Русија да ја почитува сувереноста на Белорусија и изрази надеж дека Москва нема да испрати полициски единици во земјата, како што алудираше претседателот Владимир Путин. Во однос на можното труење на рускиот опозиционер Алексеј Навални, Меркел не исклучи заеднички ЕУ одговор, но според неа, се уште е нејасно дали Навални бил отруен и од кого.
Германија и натаму ќе продолжи да работи на превенција на можен судир меѓу Грција и Турција поради спорот околу територијалните води и економските зони во Медитеранот, рече Меркел.

Поп-концерт како корона-експеримент: Во очекување на резултатите