1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Саркози велат дека Грција има иднина во еврозоната

15 септември 2011

Францускиот претседател и германската канцеларка позитивно ги оценија шансите на Грција за спас од кризата, по вчерашниот телефонски разговор со грчкиот премиер. Поделбите во ЕУ ги загрижуваат Кина и САД.

https://p.dw.com/p/12ZQ2
Ангела Меркел и Никола Саркози на неодамнешната средба во ПаризФотографија: dapd

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози се уверени дека иднината на Грција е во еврозоната, откако грчкиот премиер Јоргос Папандреу им соопштил дека неговата земја е одлучна да ги исполни сите обврски.

„Саркози и Меркел истакнаа дека е неопходно да се спроведат одлуките кои на 21 јули ги усвоија шефовите на држави и влади на ЕУ“, се наведува во соопштението од Елисејската палата.

Атина е во опасност да ја загуби следната транша од пакетот помош вреден 110 милијарди евра, доколку не успее да ги спроведе бараните економски реформи. Меѓународните кредитори се подготвени да се вратат на разговори во Грција, откако минатонеделните пропаднаа. Но, доколку одлучат дека Атина не ги исполнува условите за доделување на следната транша од помошта вредна 8 милијарди евра, Грција ќе банкротира на почетокот на идниот месец.

ЕУ е поделена по прашањето за излез од финансиската криза

За утре (16.09.11) во Полска е закажана средба на министрите за финансии од еврозоната и претставниците на централните банки. На неа меѓудругото ќе се дискутира и за барањата на земји како Финска за гаранции во врска со грчкиот долг. ЕУ е поделена во однос на прашањето за излез од финансиската криза на повеќе нивоа. На една страна се барањата за издавање заеднички евро-обврзници на кои Германија жестоко се спротивставува, а на друга се обврските на националните парламенти да ја одобрат помошта за Грција. Дополнителен проблем се и домашните несогласувања, како на пример во Германија, каде дел од владејачката коалиција отворено заговара банкрот на Грција, наспроти заложбите на канцеларката Меркел.

Неодлучноста на ЕУ, предизвика реакции низ целиот свет. Кинескиот премиер Вен Џијабао ги повика европските влади да си ја „доведат куќата во ред“. Претседателот на Светската банка, Роберт Зелик оцени дека 17-члената еврозона е неодговорна поради тоа што одржува монетарна унија без фискална дисциплина. Берзите досега со променливи резултати ги испратија последните ветувања на Меркел, Саркози и Папандреу.

Автор: БГ/ АТ/ афп

Редактор: Александра Трајковска