1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Меркел: Дојче Веле е глас на слободата

5 јуни 2018

Германската канцеларка денеска беше специјален гостин на прославата по повод 65-годишнината од формирањето на Дојче веле во Берлин. Меркел порача дека куќата е и останува глас на слободата.

https://p.dw.com/p/2yxgs
Festakt "65 Jahre Deutsche Welle"
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Дојче веле секогаш беше глас на татковината и глас на слободата, порача германската канцеларка Ангела Меркел на денешната прослава на 65-годишнината на германскиот медиум.

„Дојче веле е успешна приказна и би сакала од името на владата да ви кажам: благодарам“, рече канцеларката во Берлин, каде заедно со генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург и бројни гости од германскиот политички и општествен живот се одбележуваше јубилејот.

Меркел најави дека Дојче веле и во иднина ќе може да смета на целосна политичка поддршка „како од владата, така и од парламентот“.

Меркел: Да се претстават европските перспективи

Радио Дојче веле започна со емитување радио-програма на германски јазик на трети мај 1953 година, неполни осум години по завршување на Втората светска војна, а веќе следната беа отворени и првите канали на странски јазици. Според канцеларката, отворањето на Дојче веле во тие години било резултат на желбата да се промовира младата германска република во странство.

„Оттогаш Дојче веле ја следи историјата на германската република, но е и дел од таа историја“.

Меркел посочи дека Дојче веле во изминатите години прерасна во симбол на независно новинарство, како медиум кој од своите почетоци се залага за слобода на медиумите и слобода на говорот.

Во таа насока Меркел ги критикуваше државите кои ја задушуваат слободата на медиумите и вети дека и во разговорите со странските државници ќе се заложи за отворен пазар за медиумите.

„Ќе бараме реципроцитет и во медиумите, исто како и во трговијата“, рече канцеларката алудирајќи на зголемената активност на медиумите во земји како Русија или Кина.

Festakt "65 Jahre Deutsche Welle"
Канцеларката Ангела Меркел и генералниот директор на Дојче веле, Петер ЛимбургФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Куќа која обединува

Генералниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург рече дека целта на куќата е да продолжи да се развива и да стигне до повеќе луѓе од кога било досега.

„Сакаме повеќе да информираме за Германија и Европа, за она што нѐ прави успешни - демократијата, владеењето на правото, социјалната држава, пазарната економија...

Лимбург:Германија и Дојче веле се залагаат за исти вредности

Сакаме да информираме и за германскиот идентитет и за она што се случува тука, а дел од германскиот идентитет е и потсетување на убиството на шест милиони европски Евреи. Ни екстремисти ниту националисти нема да го сменат нашиот став за овие прашања“, рече Лимбург.

Вредноста на Дојче веле, рече тој, е што обединува луѓе од 60 нации кои продуцираат содржини на 30 јазици, а во куќата се застапени сите светски религии.

„Сите се различни, но ги обединува вредноста и желбата за демократија, толеранција и почитување“.

Лимбург се осврна и на фактот дека Дојче веле е финансирано од државата, но рече дека тоа не е пречка за новинарската независност.

„Државата нѐ финансира, но државата не ги диктира нашите новинарски содржини. Ние не сме глас на владата, туку глас на сите Германци“.