Меркел бара крај на масакрот во Сирија
22 февруари 2018Германската канцеларка Ангела Меркел денеска повика да се запре „масакарот“ кој се случува во Сирија, осврнувајќи се на воздушните напади и на бомбардирањата на сириските владини сили во источниот дел на градот Гута, бунтовничко упориште кај Дамаск.
„Во моментов сме сведоци на ужасни настани во Сирија, борба на еден режим против своето население .... се убиваат деца, се уништуваат болници“, рече Меркел во обраќањето пред пратениците на германскиот Бундестаг.
Таа рече оти треба да се стори сѐ да „запре масакарот“ и дека треба да се каже едно јасно „не“.
„Тоа бара да се потрудиме да преземеме поголема улога“, рече таа во говорот во кој ги изложи ставовите на Берлин пред Самитот на ЕУ во петокот.
Повеќе на темата:
-Сирија: Сто цивили убиени во еден ден во Гута
Меркел, исто така, ги повика „сојузниците на режимот на (Башар) ал-Асад, особено Иран и Русија“, да делуват по повод нападот на источна Гута каде од неделата се убиени над 300 луѓе, од кои речиси 80 деца.
Таа рече оти германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, ќе разговара за тоа со својот руски колега Сергеј Лавров.
Германските власти вчера оценија дека Москва и Техеран имаат посебна одговорност како посредници во поттикнување на договорот за прекин на огнот во Гута во рамки на преговорите во Астана.
Советот на безбедност на ОН би требало да гласа, веројатно денеска, за нацрт резолуцијата во која се бара 30-дневно запирање на огност во Сирија за да се овозможи пристап до источна Гута, наведоа шведските дипломати, кои го составија предлог текстот заедно со Кувајт.