1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мексико: осомничените го признаа убиството на студентите

АБ/дв/афп/дпа/ЖА8 ноември 2014

Пред повеќе од еден месец без трага исчезнаа 43 студенти во Мексико. Сега тројца осомничени го признаа убиството на студентите: тие ги запалиле телата.

https://p.dw.com/p/1DjPm
Фотографија: Reuters/Daniel Becerril

Тројца осомничени членови на криминалната организација „Гуерос Унидос“(„Guerreros Unidos"), уапсени неодамна, признаа убиство и палење на голема група луѓе, соопшти мексиканскиот генерален државен обвинител Хезус Муриљо Карам. Според исказите на уапсените мажи, полицајци, кои очигледно работеле за локалните нарко-катрели, ним им предале над 40 студенти.

Местото на злосторството се наоѓа во близина на градот Игуала, каде 43 студенти кон крајот на септември исчезнале по судирот со полицијата. Таму младите луѓе биле убиени, а нивните тела полиени со бензин и запалени. Убијците потоа ја собрале пепелта во пластични вреќи и ги фрлиле во реката, соопшти Муриљо. Истрагата навистина пронашла шест пластични кеси со човечки остатоци и пепел. Генералниот обвинител истакна дека идентификацијата на посмртните остатоци ќе биде тешка, поради што студентите и натаму се водат како исчезнати.

Корумпирани локални политичари и полицајци

Неразјаснетата судбина на младите луѓе со недели го окупира вниманието на мексиканската јавност. 43 левоориентирани студенти беа киднапирани на 26 септември во сојузната мексиканска држава Гуеро. Уште пред неколку недели членови на „Гуерерос Унидос“ признаа убиство на студентите и ги одвеле истражителите до масовен гроб, но таму закопаните трупови не биле оние на исчезнатите студенти.

Jose Luis Abarca, Bürgermeister von Iguala, mit Ehefrau Maria de los Angeles Pineda
Градоначалникот и сопругата осомничени како налогодавачиФотографија: picture-alliance/dpa

Во вторникот поранешниот градоначалник на Игуала и неговата сопруга, кои беа во бегство шест недели, а се сметаа за налогодавачи на убиството, беа најдени и уапсени. Хозе Луис Абарка и неговата жена Мариа де Лос Ангелес Пинеда побегнаа по исчезнувањето на студентите и оттогаш се криеја. Главното обвинителство претпоставува дека Абарка наредил убиство на студентите за да спречи тие следниот ден со протести да го попречуваат говорот на неговата жена. Брачниот пар веројатно имал врски со нарко бандата „Гуерерос Унидос“, жената потекнува од семејство кое се занимава со трговија со дрога и одржува врски со картелот Белтран-Лејва. Таа наводно е водечки член на „Гуерерос Унидос“. Според проценката на истрагата, во регионот повеќе корумпирани политичари и полицајци тесно соработуваат со злосторниците.