1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Медведчук - човекот на Путин во Украина

Роман Гончаренко
13 април 2022

Украина слави. Апсењето на прорускиот опозициски политичар Виктор Медведчук, кој беше во бегство, е една од ретките добри вести за Киев од почетокот на војната. Тој се смета за човек од доверба на Путин.

https://p.dw.com/p/49uM8
Ukraine | Viktor Medvedchuk laut ukrainischer Regierung festgenommen
Фотографија: UKRAINIAN PRESIDENCY/HANDOUT/AA/picture alliance

„Колку години ја чекав оваа фотографија!“ Со оваа реченица на својот Фејсбук профил, украинскиот режисер Олег Зенцов во вторникот како да проговори од душата на своите сонародници. Еден корисник напиша: „Вредеше да се живее за овој момент.“ Сликата покажува видно шокиран маж во маскирна униформа како седи на стол. Косата разбушавена, лисици на рацете. Тоа е Виктор Медведчук, проруски опозициски политичар со репутација дека е човек број еден на Владимир Путин во Украина. Тој со месеци беше во домашен притвор во Киев, а побегна веднаш по руската инвазија на Украина. Според извештаите од Киев, Медведчук бил фатен на граница од страна на украинската тајна служба СБУ додека се обидувал да ја напушти земјата.

Претседателот Володимир Зеленски прв ја објави веста на Фејсбук. Кратката информација со фотографија доби повеќе од 170.000 лајкови за само неколку часа. Тоа беше еден вид „го имаме“-момент. Поради неговите врски со Кремљ, Медведчук е симболична и, од страна на некои, демонизирана фигура во украинската политика. Обвиненијата против него датираат од советско време.

Адвокат под сомневање дека има врски со КГБ

За да се разбере улогата на Виктор Медведчук во украинската политика, треба да се вратиме повеќе од 20 години наназад. 67-годишниот Медведчук е роден во Русија, неговите родители потекнуваат од Украина. Медведчук студира право во Киев и станува адвокат. Постојат шпекулации за негови врски со советската тајна служба КГБ. Во 1970-тите и 1980-тите тој е бранител по службена должност во неколку случаи од висок профил. Најпознат случај е судењето на украинскиот поет, активист за човекови права и дисидент Васил Стус, кој беше осуден на десет години во логор и почина во заробеништво во 1985 година. Пред неколку години, Медведчук успешно тужеше против стручна книга чиј автор го обвини за суровата казна за Стус.

Кога Украина стана независна во 1991 година, започна подемот на Медведчук во високите ешалони на политиката во Киев. Беше пратеник и заедно со голем број олигарси беше во врвот на партија која имаше блиски врски со владата. На врвот на својата кариера, Медведчук во периодот помеѓу 2002 и 2005 година беше шеф на претседателскиот кабинет на тогашниот претседател Леонид Кучма. Важеше за сива еминенција. По победата во прозападната Портокалова револуција во 2004 година, тој се повлече од јавната политика и работеше како бизнисмен со удел во енергетиката, медиумите и металната индустрија. Украинското издание на „Форбс“ во 2021 година го процени неговото богатство на 620 милиони долари.

Ukraine - zwischen Russland und der EU Flash-Galerie
Претседателите на Украина и на Русија, Леонид Кучма и Владимир Путин, (Јалта, 2004 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

Путин е кум на ќерката

За тоа време неговиот посебен однос со Владимир Путин станува сѐ повидлив. Заднината и денес е нејасна. Се шпекулира за заедничко минато во КГБ. Факт е дека денешниот руски претседател е кум на ќерката на Медведчук. Во 2012 година, шефот на Кремљ се сретна со тогашниот украински претседател Виктор Јанукович во Јалта, Крим, а потоа ја посети вилата на Медведчук, кој во тоа време се обидуваше да направи камбек. Со многу реклами за неговото движење Украински избор, Медведчук сакаше да ја насочи Украина кон Русија. Тој се залагаше за потесна интеграција со Москва, но имаше малку поддржувачи. Проектот пропадна. Според анкетите, Медведчук е еден од најнепопуларните политичари во Украина. Реномираниот украински весник „Ѕеркало Тижња“ пишуваше за наводната дипломатија во сенка на Медведчук меѓу Киев и Москва.

По анексијата на Крим во 2014 година, Медведчук изненадувачки стана член на контакт групата која се обидуваше да стави крај на војната во источна Украина. Често патуваше во Москва и беше фотографиран и сниман со Путин. „Во оваа ситуација (во војната во Донбас), не ја гледам Русија како агресор“, рече тој во интервју за ДВ во 2018 година. Внатрешнополитички, Медведчук стануваше сè помоќен. Тој беше избран во парламентот и стана еден од водечките фигури на проруската партија Опозициска платформа - За живот.

Wiktor Medwedtschuk | ukrainscher Politiker
Виктор Медведчук на средба со Владимир Путин во 2020 годинаФотографија: Alexei Druzhinin/Sputnik/dpa/picture alliance

Размена за украински воени заробеници?

Кога Володимир Зеленски стана претседател на Украина во 2019 година, Медведчук го загуби своето влијание. Тој беше отстранет од Контакт групата за источна Украина, а некои ТВ-канали под негова контрола ги загубија лиценците. Во мај 2020 година, против Медведчук беше отворена постапка за наводно државно предавство и тој беше ставен во домашен притвор. Тој, меѓу другото, е обвинет за нелегални договори за јаглен со сепаратистите во Донбас.

Karikatur Russland/Ukraine Wiktor Medwedtschuk als Austausch gegen russische Kriegsgefangene
Карикатура на Сергеј Елкин од 13.04.2022Фотографија: DW

Иронија на историјата: Медведчук беше вклучен во размената на затвореници во 2014 година во источна Украина. Сега самиот би можел да биде разменет за украински војници заробени од руската армија. Претседателот Зеленски тоа го наведе како можност. Дали Путин ќе одговори на ова, е отворено прашање. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска се дистанцираше од Медведчук, укажувајќи - човекот не е руски државјанин и нема никаква врска со „операцијата“ во Украина.