1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мало место за Западниот Балкан во Атласот на Европа

Силвера Падори-Кленке7 мај 2014

Кусо пред изборите за ЕУ, Атласот за Европа би требало да објасни како функционираат европските институции и да информира за континентот. Но, Западниот Балкан и земјите кои не се дел од ЕУ, практично и ги нема

https://p.dw.com/p/1BuVP
Фотографија: DW/S. Padori - Klenke

Во 20 поглавја на 51 страница, со многу табели и графички прикази „Европа Атласот 2014“, како што официјално е именуван, треба да покаже како изгледа Европа во предвечерието на изборите за институциите на ЕУ. Треба да објасни како граѓаните гледаат на Унијата? Дали и веруваат? Каков е односот на одделните држави членки по однос на демократијата, еврото, енергетиката, демографијата? Или, како кажа на промоцијата на Атласот Ралф Фикс, прв човек ан Фондацијата Хајнирих Бел, со изданието се сакало да се прошират информациите за Европа, да се подвлечат заедничките работи, Европа да се погледа графички, но пред се граѓаните да се мотивираат за поголемо ангажирање околу овој историски проект. Зашто „замореноста од Европа можат да си ја дозволат само оние кои достигнувањата на европското обединување ги сметаат за сами по себе разбирливи“.
Атласот за Европа инаку е заеднички проект на Фондацијата Хајнрих Бел, германското издание на Ле Монд Дипломатик, Германското друштво за надворешна политика и Бирото на Советот на Европа за надворешни работи. Др. Кристине Пиц, одговорна за содржините на Атласот за ДВ подвлекува дека изданието е подготвено токму пред изборите со цел граѓаните кои се оддалечуваат од проектот Европа да се потсетат на европските вредности и да им се предочи пробивот на популистичките десно екстремни партии кои за комплексните прашања кои стојат пред Европа, имаат едноставни одговори.

Вистински поглед кон Европа!?

„Со овој Атлас сакаме да покажеме вистински да се погледа Европа. Таа е толку шарена и разнолична. Европа не е само ЕУ, туку целиот континент Европа“, вели д-р Пиц, која го подвлекува и значењето на новиот составот на Европскиот парламент кој одлучува за многу нешта во политиката на цела Европа. Имајќи го ова предвид, ДВ праша: каде во Атласот на Европа, кој има интенција да биде документ за континетот, е Западниот Балкан и Македонија?
„Овој атлас сакавме да го подготвиме како кажав специјално пред европските избори за да покажеме кои и какви политики во Европа се создаваат, иако и од наша гледна точка, има и работи поради кои ЕУ може да биде и критикувана. Сакавме да покажеме дека се исплати да се учествува, да се размислува за Европа. Што се однесува до присутноста на Македонија или Балканот во овој Атлас, морам да кажам дека се сконцентрираме на 20-те поглавја и затоа одлучивме за ЕУ и нејзините соседи, во иднина да подготвиме посебен Атлас, зашто станува збор за слоевита проблематика која не може да се опише на две-три страници. Но, и покрај ова во Атласот се вклучени сите земји за кои имавме било какви податоци, а кои се вклопија во концептот, па ја има и Македонија, на пример во делот за демографијата или во поглавјето за користењето на дигиталните комуникации“, подвлекува др.Пиц.

Europa-Atlas Christine Pütz
Европа не е само ЕУ, туку целиот континент. Др. Кристине Пиц.Фотографија: DW/S. Padori - Klenke

Кога сака ЕУ може - се!

За значењето на Европа и она што е презентирано во Атласот се осврна и Олаф Бемке, раководител на берлинското биро на Советот на Европа за надорешни работи. Ставајќи акцент на моќта на Унијата, Бемке кажа дека кога ЕУ нешто сака и успева. Притоа го даде и примерот за конфликтот меѓу Косово и Србија кој минатата година бил решен со посредство на Унијата. ДВ се надоврза на ова и го праша: како Бемке гледа на фактот што со децении Македонија има проблем поради името со Грција, а Унијата се држи на страна?
„ Има светли точки и сенки! Спорот со името меѓу Македонија и Грција е секако една постојана тема. Не можам да кажам како ова прашање ќе се реши, но можам со сигурност да потврдам дека постојано е на дневен ред и дека за тоа постојано се дискутира. Факт е дека поради еврокризата и погоденоста на Грција, во ЕУ имаше надежи дека Грците во конкретната ситуација би можеле и да попуштат. Но, како што гледаме - тоа не се случи. Сметам дека поради кризата во Украина натамошното интегрирање на земјите од Западниот балкан дефинитивно не смее да пропадне. Во оваа насока е и примерот од минатата година, кога Европската унија посредуваше за надминување на проблемот меѓу Србија и Косово. Затоа и сметам дека Европа ќе биде комплетирана кога во Унијата ќе биде интегриран и целиот Западен Балкан“, истакна Олаф Бемке.
Инаку во Атласот за Европа покрај прашањата околу демократијата, политиката на азил, еврото, војната и мирот, како посебно последно поглавје е поместено и гласањето за Евро сонгот. Во текстот и графички се вели дека една манифестација од културно-забвен карактер во суштина има силно политичка нота. Ваквиот карактер го потврдува регионалната поделба на гласовите каде главно се идентификувани три блока кои меѓусебно се поддржуват и си ги делат гласовите: земјите од поранешна Југославија, од пораншниот Советски Сојуз и Скандинавските држави. Оние од јадрото на ЕУ ( Германија, Шпанија, Швајцарија, Италија, Велика Британија...) се некаде помеѓу, со што еден од присутните на презентацијата на Атласот и праша: каде е тогаш тука заедништвото на ЕУ?

Europa-Atlas Olaf Boenke
Поради кризата во Украина не смее да пропадне интегрирањето на земјите од Западниот Балкан во ЕУ. Олаф Бенке.Фотографија: DW/S. Padori - Klenke