1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малики даде наредба за воздушни напади

ЕМФ/ртр/афп4 август 2014

Ирачкиот премиер Нури ал-Малики даде наредба за ангажман на воена авијација на северот на земјата, каде напредуваат борците на џихадистичката група Исламска држава.

https://p.dw.com/p/1CoZw
Фотографија: Reuters

Воената авијација би требало да им биде поддршка на курдските борци во автономниот регион на Курдите во нивната борба против исламистите, изјави денеска (4.08) портпаролот на ирачката армија Касем Ата. Ирачкиот премиер Нури ал-Малики, освен наредбата за ангажман на авијацијата, ги повика и САД да ги снабдат Курдите со оружје.

Екстремистите (на фотографијата - припадници на Исламска држава) претходните денови ставија под своја контрола неколку градови во регионот на Курдите. Според наводи на ОН, во бегство пред џихадистите се околу 200.000 луѓе.

Курдите во Ирак најавија контраофанзива. Според неименуван претставник на Курдите, состојбата е многу опасна за регионот и брзо мора нешто да се стори. Како што најавуваат припадниците на курдската милиција Пешмерга, повторно би требало да бидат вратени градовите кои се освоени од страна на џихадистите. „Ќе ги напаѓаме се‘ додека не ги уништиме целосно и нема да покажеме милост“, изјави припадник на Пешмерга-милициите за агенцијата Ројтерс. Според него, целата операција би можела да заврши за 48 до 72 часа.

Во текот на викендот движењето Исламска држава (порано познато како Исламска држава во Ирак и Левант) освоија три града во северен Ирак, браната Мосул и едно нафтено поле заедно со рафинеријата. Во моментов, борците на Исламска дражава се на околу 100 километри пред Багдад и се закануваат дека ќе го освојат главниот град.