1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мали шанси за пробив

27 ноември 2007

Во Австрискиот Баден продолжува финалната рунда преговори меѓу Белград и Приштина за статусот на Косово со посредство на меѓународната тројка. Двете страни и натаму со спротивни ставови.

https://p.dw.com/p/CTZR
Александар Боцан Харченко и Волфганг ИшингерФотографија: AP

„Ова е последен обид да им се овозможи на двете страни да се договорат за компромисно решение„ изјави претставникот на ЕУ Волфганг Ишингер. Тој не очекува продолжение на преговорите по 10 декември кога треба да му биде предаден извештајот на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун

Меѓутоа шансите за договор се мали. Српскиот премиер Воислав Коштуница изјави дека Србија како слободна демократска и меѓународно призната држава нема да дозволи да се одземе ниту еден милиметар од нејзината територија:

„ Се собравме за согласно меѓународното право, повелбата на ОН и резолуцијата 1244 како и уставот на Србија, да дојдеме до компромисно решение кое треба да ги задоволи државно националните интереси на Србија и се разбира виталните интереси на косовските албанци. Ќе разговараме за предлогот за суштинска автономија, ќе изнесеме некои предлози, аргументи и ако постои конструктивност и добра воља мислам дека е можно да се постигне компромисно решение„

Коштуница ја повика албанската страна да го разберат аргументот дека српскиот народ пред осум векови изградил повеќе верски објекти на Косово кои и припаѓаат на Србија. Белград бара тоа да не се чепка, а согласно договорено решение за суштинска автономија би прифатил косовските албанци самите да го уредуваат својот живот и да ја градат својата иднина.

Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу уште еднаш го повтори ставот на Приштина:

"Делегацијата на Косово инсистира на ставот за независност. Во таа смисла ние сме подготвени да направиме една моќна и суверена држава за сите граѓани на Косово. Но исто така да оствариме и добра заштита на правата на малцинствата.

Косовскиот премиер Агим Чеку изјави дека досегашните предлози на српската страна се ирелевантни и немаат врска со состојбата во покраината. Чеку смета дека срспката страна постојано зборува за минатото и не нуди ниту функционални ниту ефикасни решенија:

„ Јас сум оптмист за независност на Косово. Мислам дека тоа ќе влијае добро врз целиот регион но и на Србија„ изјави Чеку

Инаку двете страни денеска ќе ги продолжат разговорите со меѓународните посредници на одвоени но и на заеднички средби. Преговорите според најавите ќе траат до утре.