1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските улици како место на злостор

Кристина Озимец
14 март 2017

Поради брзото и агресивно возење во Македонија годишно гинат десетици луѓе. Не се почитуваат ограничувањата на брзината, ниту сообраќајните знаци. Пешаците гинат на пешачки премини и кога семафорот за нив свети зелено.

https://p.dw.com/p/2Z7gG
Symbolbild Drängler im Verkehr
Фотографија: imago/Jochen Tack

„Не сакате да бидете во мојата кожа, не знам дали е ова живот или не, не можам да поверувам како можеше ова да ми се случи мене и на моето семејство“, вели сопругот на новинарката Сузана Тодоровска-Павловска, Зоран Павловски за Дојче веле.

Пијан возач и под дејство на канабис со голема брзина сакајќи да сврти на кривина, ја удри поранешната дописничка на ДВ, а потоа од преголемата брзина се качи по скалите и влета во еден фризерски салон. Новинарката Сузана почина на лице место, додека останатите ужаснати луѓе сведочеа дека е среќа што салонот бил затворен, бидејќи обично е полн со клиенти.

„Уште очекувам да се врати од работа, тоа е празнина што нема никогаш да се исполни. Мислам дека се пореметив, се скапав од себеобвинување како не ја задржав дома барем на една минута, пред да излезе, за потоа да загине на тротоарот пред мојата зграда. Никогаш нема да си простам, никогаш. Ќерка ми Душица, средношколец, созреа преку ноќ во возрасен човек. Духовната болка не се објаснува со зборови, најдобро ќе ме сфатат само оние кои доживеале слична несреќа“, вели Павловски.

Сообраќајката беше голем шок што одекна во јавноста како бизарен и неверојатен настан, заради брзината но и останатите постапки на возачот Бојан Блажевски кој беше осуден на пет години затвор. Семејството не е воопшто задоволно од пресудата и најави жалба. Според Павловски, судењето се одвивало на типичен македонски начин.

„Месец дена претходно за кражба на десет ќебапи осудија човек на три години. За овој случај со катастрофални последици, во кој сторителот на кривичното дело цел ден пиел по кафеани, во текот на денот пијан веќе удрил една кола, продолжил да се пијанчи и дрогира и потоа влегол во кола и изигрувал херој на тркала, возејќи не 83 км на час како што пишуваше во извештајот, туку некаде помеѓу 105 и 110 км на час каде е дозволено да се вози 50 км на час, овој тип доби само пет години затвор“, вели Павловски.

Според него, свеста на возачите е болест која во Македонија ќе се лекува уште многу години.

„Излезете на улица, тротоарите се полни со паркирани возила, велосипедистите и пешаците се на улица. Кога ќе ви застане автомобил на пешачки тоа е празник, секој втор возач е нетрпелив, пцуе, му течат лиги од бес ако задоцниш половина секунда на семафори. А да не зборуваме за „Партизанска" и другите поголеми улици каде 80 до 90 км на час е нормално возење, а тие постојано „газат" преку стотка“, вели Павловски.

Mazedonien Verkehr in Skopje
Тротоарите се паркирани со паркирани возилаФотографија: DW/K. Ozimec

Брзото и агресивно возење – водечка причина за собраќајки

Брзото и агресивно однесување во сообраќајот е една од водечките причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.  Само минатата година во земјата, 69 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди кои се последица токму на брзото возење.

„И покрај тоа, свеста за целосно почитување на сообраќајните правила сѐ уште не е издигната на потребното ниво. Во анкетата која ја правевме минатата година, повеќе од 80% од испитаниците одговориле дека барем еднаш имаат управувано моторно возило под дејство на алкохол и најмалку еднаш ги имаат прекршено правилата за ограничување на брзината. А една грешка во сообраќајот може да биде и повеќе од фатална“, вели секретарот на РСБСП, Ристо Манчев за Дојче веле.

Поранешниот директор на Јавното сообраќајно претпријатие, Мишо Николов, смета дека во Скопје преку ден се вози согласно правилата, но кога ќе дојде ноќта и ќе се вклучи алкохолот, излегуваат на површина проблемите.

„Преку ден е нормална ситуацијата, во повеќе поголеми градови сум возел, но кога ќе падне ноќта излегува алкохолот и тогаш се случуваат најголемите несреќи“, вели Николов.

Сепак, за социологот Илија Ацевски, факторите за големиот број на несреќи се делат на две сфери. Едната е на човекот поединецот, кој самиот носи психолошки карактеристики, нетрпеливост, нервоза и други посложени психички состојби. Од друга страна, вториот аспект се неодржуваните, често нерегулирани и непрегледни патишта, кои се објективни фактори за грешки во сообраќајот.

„На некои места постојат идеални услови за несреќи, во многу општини патиштата се целосно ненаправени, има дупки, несечени гранки на патот. Возачите знаат да возат побрзо од дозволеното, некогаш и заради адреналинот. Алкохолот пак дава еден посебен стимуланс и ги затапува тие физички реакции на човекот, но од друга страна ги заострува емоционалните реакции и сензитивните. Кога ќе се спојат сите овие фактори, често може да дојде до сообраќајки со фатални последици“, додава Ацевски.

Mazedonien Verkehrschaos in Tetovo
Се вози според принципот на посилниотФотографија: DWS. Toevski

Само во 2016-та загинале 165 лица во сообраќајки

Минатата година 165 лица загинале во сообраќајни незгоди, од нив пет биле деца на возраст до 14 години. 35 од загинатите биле пешаци, 13 мотоциклисти и 9 велосипедисти. Најцрни месеци биле во текот на летото – месец јули, кога загинале 26 лица и месец август со 19 загинати лица. Според статистиките на РСБСП, најкритичен бил временскиот период од 16:00 до 18:00 часот со 25 загинати лица.