1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога потеклото станува проблем

ЕМФ
18 август 2017

Македонските туристи во Грција, поради спорот за името, се соочуваат или со проблеми, или со апсурдности, оценува Дојчландфунк.

https://p.dw.com/p/2iS3F
Tourismus in Griechenland
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Palacios

Во подолгата репортажа од Грција со наслов „Кога потеклото станува проблем“, германското радио „Дојчландфунк“ се осврнува на проблемот околу името што го имаат двете земји, пренесувајќи изјави на македонските туристи и на грчките домаќини на Халкидики:

„Автомобилите пред супермаркет во Неа Муданиа, на грчкиот полуостров Халкидики, се натискани еден до друг. Автомобили со српски, бугарски и македонски регистерски таблички. Влатко Ивановски со сопругата и двата сина е на одмор тука. 39-годишниот Македонец купува храна: тестенини, пијалоци, овошје. Тој, како што вели самиот, радо доаѓа во Грција. 'Ова е седми или осми пат да летуваме во Грција. Од Македонија резервиравме бунгалов и имаме многу пријатели кои исто така одмораат овде. Одиме во различни места, возиме од плажа до плажа. Секоја година овде минуваме 15 дена.' Големи проблеми поради своето потекло досега немал, вели Влатко. 'А и зошто?', прашува тој, кога остава свои пари овде и со тоа ѝ помага на грчката економија. Сепак, мали инциденти се случуваат постојано. 'Пред неколку дена сакавме нешто да купиме и касиерката нѐ праша од каде сме. Реков: 'Од Македонија'. Таа повторно праша: 'Од Србија?'. Јас реков: 'Не, од Македонија!'. Таа рече: 'Мислите од Скопје?'. Јас одговорив: 'Да, од Скопје, но во Македонија!'

Спорот за името навистина води кон апсурдности: за да се избегне зборот 'Македонија', целата земја во Грција се нарекува 'Скопје', а Македонците се нарекуваат 'Скопјани', значи жители на Скопје, иако не доаѓаат сите од главниот град. Поимот Македонија се однесува и на истоимениот грчки регион, чиј дел е и полуостровот Халкидики, каде Влатко Ивановски е на одмор. Многу Грци сметаат дека Македонците немаат врска со античка Македонија и со Александар Велики и дека затоа не треба да го користат тоа име. Така размислува и продавачот на сувенири Никос Комбакис. Неговата продавничка во близина на плажата работи добро, но како што вели, тој не е омилен меѓу Македонците. 'Овде, видете, продавам карти на Халкидики и на Македонија. Скопјаните ги отвораат и велат: Ах, Македонија! И го бараат Скопје. Кога ќе им речам: Не, Македонија е овде, тие ги оставаат картите и си заминуваат. Се разбира дека сакам да правам промет и дека би било најдобро да се правам глупав. Но, само кога ќе го слушнам зборот Македонија не можам поинаку. Темата навистина ме возбудува.'

75-годишниот Димитрис Бородимос на целата работа гледа поопуштено. Пензионерот седи на само неколку чекори од продавницата за сувенири, во едно кафуле на плажата, и со својот познаник разговара за многуте македонски туристи. Бородимос со години работел во Германија и добро се сеќава како секоја година со автомобилот минувал низ Југославија, а со тоа и низ југословенската Република Македонија. 'Регионот и тогаш се викаше Македонија, но не ни пречеше зашто се наоѓаше во Југославија. Проблемите настанаа по осамостојувањето. Најдобро решение би било, мислам, име кое ќе го содржи зборот Македонија. Конечно, тие и порано се викаа така. Меѓутоа, кога ќе ги видам регистерските таблички, каде стои само МК, значи Македонија, тогаш тоа не треба да биде така.'

И многуте македонски туристи се надеваат на решение по 25 години спор за името. На пример, електроинженерот Зоран. Тој своите надежи ги полага во актуелниот премиер Зоран Заев: 'Претходниот премиер полагаше многу врз национална гордост. Тоа не беше баш од помош. Оваа влада сака напредок. Притоа, според мое мислење, е важно на луѓето во Македонија да им се разјасни дека нема да загубат ништо ако се подготвени на компромис, дека сепак ќе може да си го задржат идентитетот и да се чувствуваат и натаму како Македонци.'

Зоран не знае дали во тоа ќе се успее. За одморот во Грција, во секој случај, неговото семејство има стратегија: 'Се обидуваме воопшто да не ја отвораме темата. Се држиме до тоа правило за да си поминеме убаво. Не сакаме да ги иритираме Грците, но луѓето знаат дека доаѓаме од Скопје. Ним им е важен бизнисот'“, се вели во репортажата на „Дојчландфунк“.

Albanien Tirana Stadt Skanderbeg Platz mit Skanderbeg Reiterstandbild
Споменик на Скендербег во ТиранаФотографија: Fotolia/Matthias Krüttgen

Ако Скендербег се грижеше толку за етничката припадност...

За еден национален спор денеска пишува и весникот „Ноје цирхер цајтунг“, но тој се осврнува на судирот околу споменикот на Скендербег кој треба да биде поставен во парк во Будимпешта и протестите во Албанија поради тоа. Откако албанскиот амбасадор во Унгарија гордо на интернет ставил слика од речиси готовата статуа, во неговата земја се кренала бура од негодувања:

„Деканот на Факултетот за уметност во Тирана беше шокиран од тоа колку 'многузначно' изгледа овој Скендербег. Тој би можел да изгледа 'исто толку како Унгарец, Бугарин или Србин, но никогаш Албанец'. Други коментираат со предупредувања дека статуата создавала впечаток како Славјаните и Албанците да се едно исто, што претставува напад врз албанскиот идентитет. На ваквите тесногради луѓе би требало да им се препорача книгата на најдобриот познавач на Скендербег. Историчарот од Базел, Оливер Шмит, кој предава во Виена, покажува дека регионот од кој потекнува Кастриот - Дебар, на запад на денешна Македонија, е место каде се вкрстувале албански, српски и бугарски влијанија. Освен тоа, етничката припадност кај благородништвото не играла речиси никаква улога. Православниот благородник, кој зборувал повеќе јазици, како 20-годишник дошол во османлискиот двор, преминал во ислам, но подоцна како 'борец против Турците' конвертирал во католичка вера. Во ренесансата цела Европа го славела како херој и светол пример. Ако тој се грижел за својата етничка припадност, нагласува Шмит, тогаш никогаш не би стекнал толкава слава“, пишува меѓу другото весникот НЦЦ.

Deutschland BdT Abflugwetter
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe