1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска делегација на иста дебата со Помпео во Солун

28 септември 2020

Македонска владина делегација денеска присуствува на тркалезна маса „Регионална енергетска безбедност и соработка“, на која учествува и државниот секретар на САД.

https://p.dw.com/p/3j5OI
Katar Doha | Afghanistan Friedensverhandlungen | Mike Pompeo
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Jaafar

Oфицијална делегација на македонската Влада, во чиј состав се вицепремиерите за економски прашања и за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ќе имаат работна посета во Солун, каде ќе учествуваат на тркалезна маса на тема: „Регионална енергетска безбедност и соработка“. Како што соопшти Владата, средбата е организирана од Федерацијата на индустрии на Северна Грција, а на неа ќе учествуваат и државниот секретар на САД, Мајкл Помпео и грчкиот министер за развој, конкурентност, инфраструктура, транспорт и врски, Костис Хаѕидакис. По завршувањето на тркалезната маса, македонската делегација ќе посети ИКТ технолошки парк во Солун и ќе оствари средби со неколку грчки компании.

Две недели претходно, македонскиот премиер Заев во Атина учествуваше на 24-та конференција организирана од магазинот „Економист“. За време на таа посета, на покана на компанијата „Гастрејд“, Заев оствари средба со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“. Според соопштението од Владата, на средбата бил изразен взаемен интерес Северна Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа.

„Со покажаниот интерес, за кој од конзорциумот „Гастрејд“ изразија поддршка тоа да биде остварено, Република Северна Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри. Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес“, соопшти Владата пред две недели. 

Pipeline l Griechenland - Bulgarien
Фотографија: picture alliance/dpa/TASS/I. Lenkin

Дали само енергетска безбездност?

Државниот секретар на САД по денешното учество на тркалезната маса посветена на енергетиката, ќе потпише договор за научна и технолошка соработка меѓу Грција и САД. Но, сосема е извесно дека енергетската безбедност е само еден сегмент од сетот на безбедносни прашања за кои Помпео ќе разговара со домаќините.

Повеќе:

-Заев во Атина: Стари пријатели и нови пријателства

-Заев на средба со Мицотакис, Османи со Дендиас

Како што објавуваат грчките медиуми, тој пристигнал во Солун по полноќ и утрово ќе се сретне со неговиот грчки колега, Никос Дендиас. Грчкиот министер за надворешни работи најавил дека во фокусот ќе бидат прашања од билатерален, регионален и меѓународен интерес, со акцент на стратегискиот дијалог Грција-САД, соработката во областа на одбраната и енергетиката, но и за развојот на настаните во поширокиот регион на Источен Медитеран. Американскиот државен секретар утре ќе ја посети и поморската воена база во заливот Суда на островот Крит, каде ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Според грчки медиуми, не е случајно даден публицитет на оваа посета од страна на Стејт департментот, особено на утрешната посета на базата во Суда, бидејќи САД сакаат да ги продлабочат односите во областа на одбраната, по новиот ревидиран договор за меѓусебна одбранбена соработка (МCDA) усвоен минатата година.

Der Aristoteles-Platz in Thessaloniki
СолунФотографија: picture alliance/Anka Agency International /E. Nathan

Столб на стабилност меѓу Западен Балкан и Источен Медитеран

„Посетата на американскиот државен секретар на Грција го потенцира централното значење за грчко-американските стратегиски односи на безбедносниот и одбранбениот сектор, како и клучната позиција на Грција како столб на стабилност меѓу Западен Балкан и Источен Медитеран“, пишува „Катимерини“.

Пред заминувањето за Грција, Помпео на Твитер напиша дека со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, разговарал за „деескалација на ситуацијата во Источен Медитеран“ и повторно укажал „на значењето на единството во НАТО“.

Пораката доаѓа во време на напнати односи меѓу Грција и Турција, две членки на НАТО, кои дополнително се затегнаа годинава поради спорови за морската граница и правото на истражување зa наоѓалишта на нафта и гас во источниот дел на Средоземно Море.

Во твит непосредно пред заминувањето од Вашингтон кон Солун, Помпео, порача дека „упатувањето кон Европа е со цел да се зајакнат силните билатерални односи и важноста на одржливата регионална соработка, а првата станица е Солун, Грција“.

Во рамките на петдневната турнеја во Европа, Помпео ќе ги посети и Италија, Ватикан и Хрватска.