1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога системот се темели на лични интереси

Ида Протугер Вељковиќ
11 септември 2021

По пожарот во Тетово сумираните реакции главно покажуваат дека името на оваа трагедија и коренот на нефункционалноста е недостигот на одговорност. На сите нивоа. Пишува Ида Протугер-Вељковиќ

https://p.dw.com/p/40B1t
Ida Protuger- Veljkovic | DW Kolumnistin | Journalistin
Фотографија: Ida Protuger-Veljkovic

Не можеше да се случи поголем контраст на „идеализираната слика“ на Македонија и „автентичносто јас“ од она што се случи на годинешниот 8-ми септември, кога славиме 30 годишен јубилеј. 

Прослава со дефиле на „богатството“ и моќта на земјата, со свечена музика, насмеани политичари на власт и аплаузи, а по спуштањето на завесите и достигнување климакс на самозадоволството, се случи трагедија, траор, очај и загубени 14 човечки животи во пожар во кој изгоре модуларниот ковид-оддел на тетовската болница. 

Во очекување на резултатите од истрагата, граѓаните гневот го искажуваат на социјалните мрежи, аргументирајќи зошто „не нѐ бива“ и „каде згрешивме“ што после 30 години немаме функционална држава. Никој „на прва“ не верува во случајност, туку сите очекуваат дека истрагата ќе покаже системски проблем, а можеби и криминал. 

Македонија како бренд во странство е позната во позитивен контекст, по убава природа која креаторот ни ја подарил, а сѐ онаму каде стапнала „човечка нога“ се во најголем дел вести полни афери, скандали, злоупотреби, односно слика за нефункционална држава. 

Коренот на проблемот 

Дали навистина ние немаме капацитет за креација, туку единствено за деструкција? По пожарот во Тетово сумираните реакции главно покажуваат дека името на оваа трагедија и коренот на нефункционалноста е недостигот на одговорност. На сите нивоа. Но дали е тоа коренот на проблемот, што сме неодговорни? Бидејќи луѓето на функции кои се однесуваат неодговорно со парите на граѓаните, се прилично одговорни средувајќи си ги приватните сметки. Оние кои склучуваат договори со приватни фирми кои испорачуваат неквалитетен материјал, се прилично претплазливи кога бираат мајстор и фирма што ќе им врши услуги дома. 
Криминал? Исто, не би рекла, бидејќи ако се погледнат правилниците, спроведувањето на јавните набавки, ДУП-овите, регулативите, процедурите, целиот криминал кај нас е озаконет. Системот е нефункционален бидејќи се темели или на озаконет криминал или на регулативи кои штитат лични интереси, а не општествени вредности. Од приватизацијата па наваму. 

Така што, името и презимето на нефункционалноста на општеството е личниот интерес и импровизацијата. Ние сме обединети околу лични интереси наместо околу општествени вредности. Фокусирани на формата наместо на суштината. Импровизираме наместо целно и стратешки да делуваме.

Всушност, ние имамe колосален проблем со недостиг на свест за заедничкото добро. Недостиг на свест дека после денес и сега да ми е добро, ќе дојде утре со сите последици.

Во тетовската болница роднини посетувале болни од Ковид и го ширеле вирусот. Заболени пред еден месец правеа свадба, по претходно примена инфузија „да се освежат“ за веселбата. Тотално отуство на свест за доброто на заедницата. 
Токму тоа отприлика го покажа и прославата на 8-ми септември.

Мајстори на импровизацијата 

Не навлегувајќи во одлуката како да се прослави 30-годишен јубилеј во услови на Ковид-пандемија, но дефиле главно асоцира на прослави во Кина, Русија, Северна Кореја, земји кои сакаат да ја претстават својата моќ, а не функционалност. 

Во обид Македонија да ја претстави својата моќ, продефилираа на пример, припадниците и „богатството“ на МВР, во чие портфолио е обидот за заташкување на убиството на Мартин Нешковски, историја на криминални набавки на возила заедо со популарниот Мајбах, издавање фалсификувани патни исправи на криминалци, бегство на највисоко профилиран осомничен политичар. 

Продефилираа неколку противпожарни возила, веројатно донација од странските амбасади, како и пожарникарите кои сѐ уште немаат основни средства за работа, а фактите за службата велат дека просечната старост на 241 противпожарни возила колку што има земјата, е 28 години.

Продефилираа и зелени трактори, исти оние на кои беше качен Ставрески на нивите за да ја претстави инвестицијата на Индиецот Субрата Рој во Џумајлија, која никогаш не се случи.

Продефилира и авион, како врв на иронијата ако се знае дека пред само еден месец ние не можевме да изгасиме сами шумски пожар, бидејќи канадерите не биле сервисирани три години и се надвор од употреба. 

Други колумни од авторката:

Граѓански листи на локалните избори – лакмус за трета опција?

Цвеќињата ќе процветаат и ако законски се укине пролетта

Која приказна сакаме да е нашата приказна?

Потемкинови села  

Човек не може да не се запраша, какви се овие „потемкинови села“ и за што служат? Не можев да си дадам одговор дали луѓето кои се искористени за овие сценски потреби парадираат со задоволство или под принуда. Пожарникарите пред само еден месец не можеа да се изначудат на опремата на словенечките и австриските колеги, а денес треба гордо да парадираат како да се голема сила во борба со пожарите?! 

Истото ни се случува веќе 30 години. Ќе продефилира некој министер низ еден ресор, ќе продефилира премиер, ќе продефилира пратеник колку да се запази формата. Дали некогаш некој пратеник дал изјава во однос на проблемите што ги мачат граѓаните што го избрале? Јас не сум чула. Изјавите се секогаш во однос на прашања што ја засегаат неговата партија или личниот интерес. 

Со суштинските потреби преточени во цели и поддржани со политики ние не се занимаваме. Само со формата и политиката „купи ден помини“. „Големата слика“ не постои. Ќе дадам еден многу конкретен и суштински пример. 

Во министерството за финансии се изработува еден стратешки документ, многу важен, кој ги дефинира резултатите во клучните сфери и потребните реформи. Тој документ почнавме да го изработуваме со почетокот на претпристапните договори со ЕУ и се однесуваат на нас, нашиот капацитет да ја спастриме државата според позитивни примери во развиените земји.

Порано се викаше Претпристапна економска програма (ПЕП), а сега се вика Програма на економски реформи. Јавно е достапна и секој може да направи споредба од првата објавена во 2008 година, до последната за периодот 2021-2023 г. Како новинар ја читав редовно сѐ додека не сфатив дека проектите само се препишуваат рутински од година во година, а во последните документи веќе и изостануваат временски рамки и конкретни проекти, и во голем дел се општи флоскули. 

Значи документот кој треба да биде идеја водилка и во чие дефинирање на целите треба да се силно ангажирани носителите на институции, се (пре)пишуваат формално во некои канцеларии на службеници колку да се запази формата. Стратешките цели таму се дефинирани бидејќи не е голема филозофија да се утврди кои капацитети се потребни за развој на една мала, увозно зависна континентална земја. Главно тоа е потреба за зголемување на енергетските капацитети за да се намали потребата за увоз од струја, изградба на патна и железничка инфрстрауктура која треба да ги намали трошоците на фирмите (транспорт, време, енергија), а со тоа да ја зголеми нивната конкурентност, странски инвестиции, ефикасна администрација, поддршка на бизнисот и сл. Проблем е што тие цели се препишуваат, а не се реализираат. 

На пример, во 2008 г. е утврдено дека „приоритетите за развојот во патната и железничката инфраструктура се: Коридор 10, односно оска север-југ, која ја поврзува земјата на север со Србија и Црна Гора и на југ со Грција; Коридор 8, односно оската исток-запад која ја поврзува земјата со Бугарија и Албанија“.  Во програмата за 2018 г., десет години подоцна е препишан цитатот за Коридорите 8 и 10 како стратешка цел.

Научени лекции? 

Во однос на реформите кај администрацијата, во првата програма е наведено дека една од клучните цели е „прераснување на администрацијата во ефикасен и транспарентен сервис за граѓаните и стопанските субјекти“. Во документот од 2021 администрацијата веќе ја нема. Веројатно целта е остварена и таа станала ефикасен сервис на граѓаните и стопанските субјекти. Во коучингот има една алатк, се вика Временска рамка, која му помага на клиентот да ги согледа досегашните искуства, да види со кои ресурси располага и да оди напред кон иднината која ја посакува.

Можеби 30 години се доволно време да застанеме, да видиме кои лекции сме ги научиле, со кои ресурси располагаме и да продолжиме со поместување на фокусот од формата кон суштината. Од личното кон заедничкото. Од ненадлежност кон надлежност. 

Наместо да се критикуваме и да тажиме по изгубеното минато, да се дадеме на креирање на посакуваната иднина. 

Наместо да чекаме прием во ЕУ, па да ги решаваме предизвиците, да се фатиме со нивно решавање за да се доближиме до ЕУ. Да постигнеме консензус околу стратешките цели, наместо деструктивно да ги уништуваме придобивките на некоја власт само затоа што сме опозиција на пример.

Да се обединиме конечно околу општествени вредности наместо околу лични интереси.