1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија пред „најинтересни“ избори

10 октомври 2017

Анкетата на ТВ „Телма“ и МЦМС прогнозира предност на Шилегов пред Трајановски во Скопје и тесна битка во најголемите скопски општини. На повидок се најинтересните локални избори, со шмек на „референдуми“.

https://p.dw.com/p/2lXnF
Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје има предност пред кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, а три скопски општини би можеле да добијат градоначалник уште во првиот круг на гласање. Ова го покажуваат резултатите од анкетата на ТВ „Телма“ и на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), телефонски спроведена од „М Проспект“ на 1.513 испитаници во периодот од 23 септември до 2 октомври, со статистичка грешка од 2,5 отсто. На прашањето „За кој кандидат за градоначалник на Скопје ќе гласате“, 37,1 отсто од испитаниците  се изјасниле за Петре Шилегов од Коалиција на СДСМ, а за Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ 34,6 отсто, според што, мала е веројатноста дека победникот ќе се знае по првиот круг гласање. Другите шест кандидати заедно имаат поддршка од 5,8 отсто. Од анкетираните 22,5 отсто не одговориле, односно се изјасниле дека се уште не знаат за кого би гласале или дека не би гласале за ниту еден од кандидатите. Анализирано од аспект на етничката припадност, Македонците и Албанците својата поддршка би ја дале на различни кандидати. Од Македонците 24,3 отсто се изјасниле дека би гласале за Трајановски, а 30,9 отсто за Шилегов. Од Албанците, 58,6 отсто би гласале за Шилегов, а 4,8 отсто за Трајановски. Од Албанците 22,3 отсто би гласале за некој друг кандидат.

Според возрасна и работна структурата на гласачите, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ на подрачјето на Скопје имале поголема поддршка меѓу земјоделците и гласачи над 50 години, а на СДСМ меѓу младите и приватниот бизнис...На ланските избори во декември, процентот на младите бил речиси бил поддеднакво поделен кон двете партии. Аналитичарот Сашо Клековски, вели дека од анализата на резултатите е видливо и дека „што и да се случи, постојат социјални групи кои остануваат верно гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ“. 

Mazedonien Skopje
Македонците и Албанците својата поддршка за градоначалник на Скопје би ја дале на различни кандидатиФотографија: DW/P. Stojanovski

Победа во прв круг

Според резултатите од анкетата, три скопски општини би можеле да добијат градоначалник уште во првиот круг на гласање: кандидатот на СДСМ за општина Центар, Саша Богдановиќ, ќе го победи Дејан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Гази Баба, Тони Трајковски ќе го победи Борче Георѓиевски од СДСМ, а социјалдемократот Стефан Богоев ќе го победи Стевчо Јакимовски од ГРОМ во изборната битка за општина Карпош. Нарачателите на анкетата не соопштија резултати за другите поголеми скопски општини, со образложение дека таму статистичка грешка е поголема од 6 отсто. Според сегашните проценки втемелени врз резултатите од анкетата, тесна борба ќе се води во општините Аеродром, Чаир, Ѓорче Петров и во Кисела Вода.

За разлика од оваа анкетна индиција за „тесна битка“, друга анкета објавена деновиве прогнозира обратен тренд - јасна победа и голема разлика меѓу кандидатите во овие општини. Институтот Димитрија Чупоски, по анкетата спроведена од 4-ти до 6-ти октомври, објави дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски (36,2%) има предност од 10 проценти пред неговиот противкандидат од СДСМ, Петре Шилегов (26,1%). Според резултатите од истата анкета, со разлика од 4 до 9 проценти водат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Бутел.

Ваквата голема разлика во анкетите, истражувачите на јавното мислење ја објаснуваат со негативни трендови кои егзистираат во последната деценија- едни прават анкети за да добијат вистинска слика на гласачкото расположение, други за гласачка мобилизација за потребите на одредена партија. Кој манипулира лесно се открива кога ќе се споредат анкетите направени пред изборите и постизборните резултати. За разлика од анкетата на ТВ „Телма“ и МЦМС која најблиску ги предвиде  резултатите од последните парламентарни избори од 11 декември 2016 година, Институтот „Димитрија Чуповски“ сосема ги промаши. Лани една недела пред изборите, Институтот објави дека за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 28,1 отсто од испитаниците, а за СДСМ 15 отсто, речиси двојно помалку од гласовите за опонентот. Но, ваквите прогнози беа демантирани на изборите: ВМРО-ДПМНЕ освои 38,14, а СДСМ 36,66 проценти од гласовите. Анкетни резултати за речиси двојно водство на ВМРО-ДПМНЕ (27,8) пред СДСМ (16,2) лани објавуваше и Институтот Павел Шатев, со што и двата института се дисквалификуваа како релевантни и објективни истражувачи на јавното мислење.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Анкети и „анкети“ за исходот од локалните избориФотографија: MIA

Што мислат граѓаните?

Една од анкетите, која може да биде индиректен индикатор на чие конто може да завршат гласовите, е онаа на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Беше спроведена од 4-ти до 12-ти март годинава преку 1.108 интервјуа. Истражувањето има маргина на грешка од плус или минус три проценти на среден опсег, на ниво на доверба од 95 отсто.

Според податоците од анкетата, 51 отсто од испитаниците изјавиле дека се донекаде или многу незадоволни од работата на нивните градоначалници, а 46 отсто дека се незадоволни од локалната администрација. Најголем број од испитаниците, 37 отсто, сметале дека нивната општина се движи во погрешна насока, 35 отсто биле неутрални, а 23 отсто се изјасниле дека нивната општина се движи во вистинска насока. Бидејќи во иминатите четири години речиси комплетна доминација во локалната власт имаше ВМРО-ДПМНЕ, практично најголемиот број забелешки паѓаат на нејзина адреса.

Но, овие локални избори се сметаат за посебно „интересни“, не само поради обидот да се смени сликата за таа доминација во локалната власт, туку и поради тоа што од нив се очекува да бидат еден вид референдум: „за конечен пораз на груевизмот“, како што велат од СДСМ, или за „крај на помрачувањето предизвикано од СДСМ“, како што агитираат од ВМРО-ДПМНЕ.