1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија забележува напредок

Тони Гламчевски31 јануари 2008

Шефот на дипломатија Димитриј Рупел пред Советот на Европа ги претстави приоритетите на словенечкото претседавање со Унијата. Во Стразбур, Рупел меѓу другото нагласил дека Македонија постигнала напредок на патот кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/D0BY
Шефот на словенечката дипломатија Димитриј РупелФотографија: picture-alliance/ dpa

Словенија не крие дека Западен Балкан е најголемиот предизвик за време на нејзиното претседавање со Европската унија. Пред претставниците на 47 земји членки на Советот на Европа, министерот за надворешни работи на Словенија Димитриј Рупел, ја нагласи европската перспектива за земјите од Западен Балкан. Таа перспектива според Рупел е можна само со остварување на Солунската агенда. Потврда на ваквата определба е поканата испратена до Србија да потпише преоден политички договор за соработка со Унијата.

Словенија подготвена да и помогне на Македонија

Од дипломатски кругови дознаваме дека шефот на словенечката дипломатија за време на престојот во Стразбур, го пофалил напредокот кој Република Македонија го постигнала во реформскиот процес. Притоа тој рекол, дека Словенија е подготвена да и помогне на Македонија за да таа постигне напредок, што ќе и дозволи да се стекне со толку многу очекуваниот датум за преговори.

Рупел за укинување на визите

Слободното движење на луѓето е еден од аспектите за приближувањето на земјите од Западен Балкан со Европската унија. Од 1 јануари Унијата го олесни визниот режим за извесни категории лица од овие земји. Но министерот за надворешни работи на Словенија, не криел во Стразбур дека неговата земја сака да се олесни патувањето за сите граѓани, односно укинување на визите.

Косово и Лисабонскиот договор на агендата на Рупел

Добар дел од разговорите на Димитриј Рупел во Комитетот на министрите во Советот на Европа, се однесува на Косово. Пред амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа, од кои дваесет не се членки на Унијата, на прво место Русија, Рупел ја образложил позицијата на Европската унија во однос на идниот статус на Косово.

Од другите теми на средбата во Стразбур, која се одржа зад затворени врати, Рупел на прво место се задржа на ратификацијата на Лисабонскиот договор, кој ќе треба да и дозволи на Европската унија да стане членка на Европската конвенција за правата на човекот, инаку документ на Советот на Европа. Интересно е дека сите земји членки на Унијата, индивидуално имаат пристапено кон Конвенцијата, еден од главните предуслови за членство во Советот на Европа.

Во разговорите, акцент беше ставен и на дијалогот на културите, религиите и традициите, при што беше подвлечено големото значење на „Белата Книга за меѓукултурниот дијалог“, која во моментов ја подготвува Советот на Европа.