1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загуба до 100 милиони евра поради зависноста од Коридор 10

Костадин Делимитов
9 февруари 2017

Немањето алтернатива во транспортните коридори ја задушува македонската економија. Стопанството алармира, железницата кон исток или запад е ургентно потребна!

https://p.dw.com/p/2XCs7
Symbolbild Österreich will griechische Staatsbahn überehmen
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Panagiotou

Македонија ги отвори граничните премини Дојран и Меџитлија за влез на цистерните со нафта но дали го реши и проблемот? Десетдневниот штрајк на грчките земјоделци и блокадата на преминот Евзони-Богородица веќе предизвика хаос во камионскиот транспорт, но може да стане и вистинска мора ако се прошири и врз железницата. Фармерите се заканија со целосна блокада на сите патни премини, вклучително и на железницата кај Идомени ако до утре не падне договор за нивните барања. Какви ќе бидат штетите доколку ваквото црно сценарио не дај боже и се оствари може само да се претпоставува. Во таков случај Македонија не е само под закана од нафтена криза, туку и сериозен застој во стопанските активности поради фактот што во Солунското пристаниште веќе лежат заглавени стотици илјади тони суровини и репроматеријали.

Огромни загуби за домашната економија

Транспортерите и стопанствениците се загрижени но и револтирани што по којзнае кој пат се во ситуација ни криви ни должни да стравуваат за својот бизнис. Дополнително што се приморани да ја трпат ваквата редовна пракса бидејќи реално и немаат друга алтернатива, посебно во делот на железничкиот транспорт. Освен железничка мрежа север - југ, односно Табановце - Гевгелија, сите други правци на "Македонски железници" завршуваат како слепи улички:

Angola Benguela-Bahn
Фотографија: DW/N. Sul D'Angola

„ Сите досегашни Влади имаат континуитет што не направија стратегија за инфраструктурната мрежа, патната и железничката во делот кон Бугарија но и Албанија за која никој не предвидуваше дека ќе и се случи брз развој на економијата. Не можам да разберам како упорно спроведуваме политика со земја со која го имаме единствениот спор, постојано им се додворуваме и буквално целата економија ја врзавме за грчкиот капитал. Лично очекував дека патриотизмот на ВМРО ДПМНЕ ќе резултира со противтежа кон Драч и кон Бургас и ќе се зголемат економскките односи и соработка со овие две држави“, реагира бизнисменот Зоре Темелковски, претседател на Македонско бугарската стопанска комора.

Немањето алтернатива и отсуството на сериозен инвестициски циклус во делот на Коридорот 8 според него предизвикува огромни загуби за домашната економија:

„Годишно од блокадите, лошите комуникации со Бугарија и задоцнетиот капитал губиме по 50 до 100 милиони евра. Затоа мора да се случи целосна промена во економскиот курс, мора соседите да ги ставиме на еднаква дистанца и да почнеме сериозно да размислуваме за градењето доверба. Ни требаат нови економски програми, соработка на бизнис заедницата, Владата и Ману бидејќи ова повеќе не се трпи. Замислете гасот да беше развиен кон Бугарија и да имавме ефтин енергенс за домаќинствата. Овие состојби се надевам ќе ја освестат новата влада и ќе се направат сериозни анализи и придвижување на проектите што стојат заглавени“, коментира Темелковски.

Клучниот проект кој што не треба само да се одглави туку ургентно да се забрза е железницата. И тоа не само во делот кон Бугарија, туку и кон Албанија: 

„Немањето алтернативен излез во делот на железницата е клучното прашање. Уште во периодот по осамостојувањето стана јасно дека на Македонија и е неопходна железничка алтернатива пред се за ефикасно транспортирање на нафтените деривати. Но за разлика од нас гледате што направија соседите. Коридорот Виа Игнација веќе функционира, а се најавува и Јадранскиот преку Албанија. Ние тапкаме во место и ќе останеме заобиколени“, предупредува Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.

Mazedonien Mutter Teresa-Highway in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не мора да е прескапо и преамбициозно

Изнаоѓањето ефикасни решенија, пред сѐ во делот на железницата според него не треба да значи дека тие мора да бидат прескапи и преамбициозни проекти:

„На Македонија не и требаат исклучиво брзи пруги, повеќе и се потребни пруги што ќе обезбедат алтернатива. Можеби ќе беше доволно Македонија да ја довлече пругата од Бугарија до Крива Паланка, или до Струга преку Албанија. Па од таму да се оди со камионски транспорт до внатрешноста на државата. Мора да имаме решенија, да имаме политичка алтернатива зашто ова што се случува нема само економска димензија“, смета Пешев.

Во споредба со соседите, Македонија во изминативе години постигна малку и не ја искористи својата стратешка позиција. Многу од најавуваните проекти поврзани со Коридорите 8 и 10 останаа само на хартија или се во почетна фаза. Пругата кон Бугарија која според најавите треба во целост да се реализира до 2022 година е ревитализирана едвај 5%, односно само 20% од првата делница од Куманово кон Бељаковце која инаку требаше да биде готова лани во септември. За целосна реализација на овој проект потребни се околу 400 милиони евра. Во делот кон Албанија одамна се најавува проект за пруга од Кичево до Лин, но реализацијата не е ниту на почеток. Нерасчистените сметки помеѓу носителот на проектот и подизведувачите ја запре реконструкцијата и на пругата Битола-Кременица иако за целиот проект беа обезбедени 20 милиони евра од ИПА фондовите. Во меѓувреме се напушти и идејата за  целосно автопатско поврзување долж коридорот 8. Немањето интерес кај потенцијалните концесионери, ја смени стратегијата на власта. Државата започна сама да го гради автопатот од Кичево кон Охрид, ќе се бара концесионер за делот од Гостивар до Кичево. На истокот пак, во делот кон Крива Паланка, односно Деве Баир, според планот треба да се изгради експресен пат.