Македонија-Грција: Спор за име? Каков спор?
20 декември 2017„Сфатив дека пред сто години тука немало граници. Ние можеме многу добро да живееме со нив. Ние сме многу блиски. За 15 минути од Флорина (Лерин) си во Битола. Половина Битола зборува грчки. Нашата земја преку нив се поврзува со Европа. Сакале или не...“
Ова е извадокот од една од изјавите на грчки претставник кој работел на заеднички меѓуграничен проект со партнери од Македонија. Ефектите од проектот на грчка страна ги анализирале двајца научници од грчкиот институт Елиамеп. Кај сите анкетирани од грчка страна констатирано е „широко распространето чувство на задоволство со искуството од меѓуграничната соработка“.
„Да бидам искрен, за првпат бев таму. На почетокот бевме исплашени. Не знаевме какви ќе бидат тие. Но се разви, соработувавме добро... На крајот станавме пријатели, да ви кажам искрено“, вели друг учесник во проектот.
„Соработката со заинтересираните страни од Македонија го мина тестот на првичната неподготвеност и несигурност. Од грчка страна, искуството од меѓуграничната соработка со македонските партнери се оценува како раѓање на 'дух на партнерство'“, се наведува во анализата во чија изработка помогнале шведските амбасади во Скопје и Атина.
„Токму оваа доверба и добрите работни односи, кои станаа очигледни по првичното двоумење и беа резултат на заедничката работа, станаа најголемиот капитал на проектите: 'капитал од доверба и добра волја'“, се заклучува во неа.
Повеќе на темата:
- Длабок јаз меѓу Грците и Македонците
- Македонците не и‘ „откажуваат верност“ на Грција
Четири проекти
Анализирани се четири проекти за меѓугранична соработка во вредност од околу два милиони евра кои заеднички ги сработиле локалните власти и невладини организации од двете страни на границата. Првиот е проект за промоција на енергетска ефикасност на згради и заштита на животната околина во кој учествувале општините Ресен од Македонија и Преспа од Грција, заедно со Технолошкиот институт на Западна Македонија од Грција и Здружението за одржлив урбан развој Архитектура и Амбиент од Битола. Во вториот проект се работело на заедничко менаџирање на систем за предупредување од катастрофи, но македонската страна учествувала само во подготвителната фаза на проектот, а потоа се повлекла откако не успеала да добие средства од владата во Скопје. Општините Новаци и Алмопиа работеле на унапредување и подигање на свеста за историските и природните ресурси на пограничниот регион и нивна презентација. А во последниот, четврти проект, општините Едеса (Воден) и Кавадарци една и пол година соработувале за унапредување на меѓуграничната соработка и промоцијата на одржлив туризам од двете страни на границата.
Сепак, проектите не минале „мазно“. Од пречките кои имале негативно влијание врз реализацијата на проектите се набројуваат проблемите во македонските општини да се прилагодат кон европското законодавство и процедури, разликите во националните законодавства, честите законски измени во Македонија, влијанието на грчката економска криза, бирократските проблеми во Грција, слабиот капацитет на јавната администрација во Грција, ограничените технички можности на грчките локални власти, па дури и физичката оддалеченост. Она што остава впечаток, е дека грчките учесници во проектот се жалат на нивната домашна бирократија и администрација и истовремено, ја фалат македонската како брза и ефикасна.
Спорот не попречува
Сепак, ниту еден од овие проблеми не го загрозил спроведувањето на проектите или меѓусебната соработка.
Што се однесува до спорот за името, големото мнозинство од учесниците од грчка страна сметаат дека тоа не го попречило и не треба да го попречува процесот на соработка. Во тој контекст треба да се наведе дека грчките учесници добиле совети и инструкции од надлежните институции на ЕУ кои го финансирале проектот како и од грчкото МНР како да се однесуваат во случај на „провокации“ како споменување на името Македонија од другата страна.
„Од првата средба, се наметна проблемот, бидејќи луѓето (од Македонија, н.з.) постојано се обидуваа да го постават името над сите други нешта. Дополнително, нѐ нарекуваа 'Република Грција', за да можат и својата земја да си ја нарекуваат на ист начин. Но, меѓу нас, се договоривме да не се нервираме. Само баравме да се почитува она што е договорено“, вели еден од учесниците. Ним им биле советувани професионализам и фокусирање на практичната имплементација на договорените обврски, а во одредени случаи и игнорирање на политичките теми доколку се споменат на маса.
Друг учесник оценува дека евентуалното решение на спорот многу ќе ги подобри односите.
„Решението многу ќе ја забрза нашата соработка. Најпрво, ќе се создаде многу подобра рамка во душите на луѓето. Меѓу луѓето, од луѓето од двете земји...“
„Тие го споменаа неколку пати (името Македонија). Ние премолчевме. Не му обрнувавме внимание. Тие се обидуваа да го нагласат во секоја пригода. Но немаше никаква желба од моја страна да направам проблем. Го почитував фактот дека тие ми беа домаќини и дека нивното гостопримство беше беспрекорно“, наведува трет учесник во проектот од грчка страна.
Ефектите и впечатоците од македонска страна ќе ги сублимира тинк-тенкот Аналитика, во извештај кој треба да биде објавен во следните недели.