Македонија ги исполни сите услови за визна либерализација
17 септември 2009Предлогот за визна либерализација доби поддршка од најголемиот број пратенички групи во Европскиот парламент во дебата, во која основен заклучок беше дека со укинувањето на визите за трите земји од 1-ви јануари 2010, Западен Балкан се приближува до унијата.
Претседавачот со Европската Унија, шведската министерка за европски прашања Цецилија Малмстром, нагласувајќи дека слободното патување е едно од најважните прашања за граѓаните од Балканот во нивните односи со Европската Унија, рече: „Процесот на визната либерализација ќе ги зацврсти односите на народите од овие земји со народите од Европската унија.“ Според Малмстром, реформите кои беа побарани од земјите за визна либерализација, се истите што се бараат за нивната интеграција во Европската унија.
Заменик претседателот на Европската комисија, комесарот за правда и внатрешни прашања, Жак Баро, објасни дека Македонија, Црна Гора и Србија ги подобриле безбедносните елементи во документите за идентификација, ги зајакнале пограничните мерки и спровеле низа реформи во борбата против корупцијата и организираниот криминал: „По анализите на извештаите за напредокот, може да кажеме дека Македонија ги исполни сите критериуми. Црна Гора и Србија направија значителен напредок, но Србија има уште многу работа особено околу документацијата на жителите од Косово, како и тие кои се по потекло од Косово и живеат надвор од државата. Друга точка е управувањето на границата со Косово, како и односите со ЕУЛЕКС. Црна Гора треба да најде решение за прашањето за иселените лица“, рече еврокомесарот Жак Баро.
Грчки и бугарски европратеници ја критикуваа политиката на Македонија кон соседите
Најголемиот дел од дискутантите и‘ забележаа на Европската комисија, што во пакетот за визната либерализација не ги вметнала Босна и Албанија. Но, притоа беа испратени и предупредувања. „Суштински е одлуката на Комисијата за укинувањето на визите да не биде видена како алтернативно решение за брзата интеграција Србија, Македонија и Црна Гора во ЕУ. Потребно е перспективите за нивно членство во ЕУ да останат присутни“, нагласи европратеникот Ричард Чарнецки.
Некои од грчките и бугарските европратеници ја искористија дебатата за да ја критикуваат Македонија. Според нив, Македонија со своите потези работи против добрососедството.
„Владата во Скопје се‘ уште проповеда екстремен национализам. Циркулираат мапи и писма кои велат дека делови од Грција всушност треба да бидат дел од нивната сопствена територија. Тврдат дека грчка земја треба да им припадне ним“, изјави грчкиот европратеник Атанасиос Плеврис.
„Македонија од самиот момент на основање настојува да води постојана антибугарска политика. Последната работа беше апсењето на бугарската државјанка Спаска Митрова. Неприфатливо за бугарското општество е да се дадат такви дозволи на земји што ги кршат правата на бугарските граѓани“, изјави бугарскиот европратеник Димитар Стојанов.
Пофалби за Македонија
Најголемиот број од европратеници не им посветија внимание на овие критики. Тие ја пофалија Македонија дека ги исполнила сите услови за укинување на визите и побараа од Србија и Црна Гора да го следат нејзиниот пример.
„Среќен сум што Македонија е вклучена. Македонија е пример за исполнување на условите. Но, тоа не треба да биде компензација за датумот за отворање на преговори за членство“, нагласи германскиот европратеник Бернд Поселт.
Европскиот парламент веќе работи на извештајот - резолуција за визната либерализација, за која ќе се гласа на 24 ноември. Потоа ќе биде донесена конечната одлука од Европскиот совет.
Целиот процес ќе заврши до крајот на годината, а граѓаните на овие земји слободата на движење ќе ја уживаат од јануари 2010-та година. Комисијата вети дека кон средина на 2010-та година ќе предложи укинување на визите и за Албанија и Босна со цел граѓаните на овие земји да можат слободно да патуваат од почетокот на 2011-та година.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска