1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија влегува од една криза во друга

Обработка: Е.М. Фиданоска
13 декември 2016

Весниците на германски јазик прогнозираат дека Македонија, по тесниот исход од изборите, влегува во неизвесност и нова криза.

https://p.dw.com/p/2UBe6
Mazedonien Siegesfeier der Opposition
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во анализата под наслов „Пат во Македонија“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се занимава со прашањето - што тесниот исход од изборите значи за Македонија и, меѓу другото, пишува:

„Политичката криза која две години ја парализира земјата и длабоко го подели општеството, веројатно во блиска иднина ќе се заострува. Таков тон даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, на крајот на предизборната борба: на еден митинг, асоцирајќи на востанијата против Османлиското царство на крајот на 19. век, за време на кои македонските 'предавници' биле убивани, рече дека тогашните 'борци за слобода' немало ниту да го поздрават лидерот на социјалдемократите Заев, туку 'ќе ја завршеле приказната со ваков тип на човек'. Од редовите на ВМРО се ширеа гласини дека социјалдемократите по изборите планираат преврат. Истовремено, од страна на движењето, кое во текот на летото со месеци секојдневно демонстрираше против владата, беа најавени нови протести во случај ВМРО да дојде повторно на власт... За составување влада решавачки ќе биде како ќе се одразат во парламентот огромните придвижувања во гласачкото однесување кај албанското малцинство, кое чини околу една четвртина од населението“, оценува ФАЦ.

И „Зиддојче цајтунг“ денеска текстот за Македонија го насловува исто како ФАЦ: „Пат во Македонија“. Притоа, весникот дава слика од атмосферата во земјата по завршувањето на гласањето и исто така се осврнува на составувањето влада:

„Одлучувачки за составувањето на владата веројатно ќе биде однесувањето на помалите партии кои го застапуваат албанското малцинство во Македонија... Можни се меѓутоа и широка коалиција и предвремени нови избори. Еден европски дипломат во Скопје очекува 'и по конечниот изборен резултат да минат веројатно месеци додека преговорите завршат и ние знаеме како ќе оди натаму'.“

Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Тагесцајтунг“ уште во насловот оценува дека Македонија оди „Од криза во криза“, и наведува:

„По тесниот исход од изборите не може да се види крај на политичката криза во поделената земја. Можно сценарио: Груевски останува на власт, опозицијата не ја признава неговата победа, го бојкотира парламентот - и земјата влегува во политички хаос. Повторно доаѓа до улични протести и апсења, притисокот врз медиумите и цивилното општество станува уште поголем, повторно доаѓа до етнички тензии, иако албанските партии веќе 15 години се дел од владата. ЕУ досега посредуваше во огорчената борба меѓу режимот и опозицијата. Тоа ќе мора да го прави и натаму, или во спротивно состојбата би можела да излезе од контрола.“

Истиот весник се осврнува и на улогата на Македонија како фактор на несигурност во регионот, па во текстот под наслов „Брисел е загрижен“, меѓу другото, оценува:

„Политичката пат-ситуација по изборите од викендот не е многу соодветна за пеглање на брчките што политичарите во Брисел ги добија од загриженост. Двата - отприлика еднакво силни политички табори - се толку непријателски поставени еден кон друг, што голема коалиција во национален интерес е незамислива. И сега, во дипломатските кругови во Брисел не се знае како ќе одат работите натаму во Скопје.“

За улогата на ЕУ пишува и „Ноје цирхер цајтунг“:

„Кога во изборната ноќ во македонскиот главен град Скопје слават и власта и опозицијата, тоа не е вин-вин ситуација. Тоа повеќе сведочи за паника. За партиите навистина многу работи се на коцка, затоа што на губитникот нема ништо да му биде подарено. Но, и ЕУ во Македонија инвестираше голем капитал. Се работи за веродостојноста на Брисел како решавач на конфликтите на Западен Балкан...Во Македонија ЕУ лансираше интересен експеримент: независни обвинители на специјално обвинителство треба да делуваат како агенти на политичка промена, со тоа што ќе ги уништуваат корумпираните клики на системот. Дали тоа и ќе успее, е сосема отворено. Европа, сепак, има цврст интерес за функционална држава во Македонија: Скопје е вратарот на балканската бегалска рута.“

Во истиот весник, во тектот со наслов „Омекнување на етнополитиката во Македонија“, се констатира дека е „јасно оти албанските партии ќе бидат јазичето на вагата и ќе мора да се привлекуваат на своја страна“. „За сите учесници многу работи се на коцка. Ако ВМРО не се одржи на власт, нејзините функционери ќе се најдат безмилосно во визирот на независното Специјално обвинителство, основано под притисок на ЕУ... Социјалдемокартите се надеваат дека по 10 посни години во опозиција ќе дојдат до државни функции. Борбата за распределба на парламентарните места ќе биде жестока.“