1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маката за три милиони нови гласачи да се избере партија

Нина Веркхојзер
14 септември 2017

Младите традиционално важат за незаинтересирани за избори. Додека родителите одат на гласање, многумина од младите остануваат дома. Значи, дали одлучувачки за составот на Бундестагот ќе бидат старите гласачи? Не баш.

https://p.dw.com/p/2jwvj
Junge Menschen vor dem Reichstag in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/W.Kumm

ЦДУ игра на картата 'кул': во запуштена стара градба во урбан дел од Берлин ја претстави изборната програма - со дигитални видео-ѕидови и огромно црвено срце, што симболично бие во ритамот на германската економија. „Тотално нагледно и супер модерно“, го оквалификува Шајен Тарнер начинот на кој е претставена изборната програма.

Ученичката од Берлин со љубопитство ја разгледува просторијата полна со картони на кои се испишани клучните зборови за семејната политика. Таа неодамна станала полнолетна и на 24-ти септември може за првпат да го даде својот глас - како и три милиони други млади Германци. Но кому? Гимназијалката вели дека досега не се занимавала со политика, ниту во училиште ниту приватно. „За мене е многу тешко да одлучам“.

Генерациски јаз во политиката

Така се чувствуваат многумина врсници и затоа во голем дел не ни излегуваат да гласаат. Политиката во Германија претежно ја креираат луѓето на возраст од 50-70 години. „За политиката на постарите помладите и немаат голем интерес“, вели професорот Клаус Хурелман, еден од најреномираните истражувачи на младината во земјата. Тоа се покажува и во процентот на излезност: додека граѓаните кои се влезени во шестата деценија од животот речиси и не промашуваат гласачко место, младите се многу воздржани. Кои се причините што нивната излезност е 10% под просекот? Имаат чувство дека политичкиот систем си функционира и без нивниот придонес, објаснува професорот,. Ставот тој го објаснува вака: „Зошто да учествувам на избори ако не знам што воопшто со тоа предизвикувам, а кога и онака сѐ е веќе решено?" Младите не ги презираат партиите, но ги гледаат од дистанца.

Bundestagswahl - Cheyenne Turner, Erstwählerin,
Шајен ТарнерФотографија: DW/N. Werkhäuser

Повик за будење - гласањето за Брегзит

Честопати младите се сомневаат дека токму нивниот глас може да направи разлика. Каде тоа води се покажа во Велика Британија при гласањето за Брегзит: младите кои беа во мнозинство за останување на Велика Британија во Брегзит, во еден дел не учествуваа на гласањето и со тоа им оставија бришан простор на постарите поддржувачи на Брегзит. Тоа и во Германија доведе до промена во размислувањата, заклучува Хурелман. Оттогаш младите гласачи веќе не можат толку лежерно да им го препуштат одлучувањето само на постарите.

Повеќе партиски членства

Во меѓувреме се зголемува и бројот на зачленувања во партии од страна на помлади лица, иако просечната возраст на членството и натаму е околу 60 години. Таков е случајот и на Луиза Хатендорф. 19-годишната девојка веќе се ангажира во младината на Зелените и стана и член на партијата. Тоа што на други млади им изгледа здодевно, за неа е предност: „Се научив да имам сопствено мислење“. Работата во партијата ја смета за „најдиректен начин за да се влијае на политиката“. Од врсниците често слуша дека тоа нема никаков ефект, раскажува студентката по право која на 24-ти првпат ќе гласа. „Но општо сметам дека мојата генерација сепак има доста релации кон политиката.“

Klaus Hurrelmann
Клаус ХурелманФотографија: Hertie School/Peter Himsel

Мислењето го дели и социологот Хурелман: тоа што во поново време млади над 30 години сѐ почесто пристапуваат кон некоја партија за него е „изненадувачки и од значење“. Тоа одамна не се случувало во Германија. Сепак, уште не е јасно дали се работи само за бран или е подолгорочен тренд.

За партиите во секој случај тука има голема шанса да објаснат зошто е исплатливо да се биде член. „Каква полза имам?“ е според него прашање кое ги мачи младите во свет полн со различни опции. Тука партиите слободно би можеле и повеќе да рекламираат што можат да им пружат на младите - од реторички способности до можности за кариера. „Мора да се работи во насока да го снема чувството дека има присусутво на матни работи или корупција“, вели социологот од Берлин, „оти младите луѓе се многу чувствутелни на тие теми“. Партиите мора да излезат од „матното“.

„Генерација Меркел“

Кој ефект го има врз младите фактот што познаваат само еден канцелар - Ангела Меркел? На 19-годишната Луиза Хатендорф пред сѐ ѝ пречи што Меркел нејзината политика ја продава како „без алтернатива“ и смета дека тоа ѝ наштетува на демократската култура на дебата. Чувството на многу млади дека „и онака не може ништо да променат“ има корени и во долгото владеење на Меркел, смета таа.

Bundestagswahl - Louisa Hattendorff, Erstwählerin
Луиза ХатендорфФотографија: DW/N. Werkäuser

И Хурелман во тоа гледа дилема. Младите ги ценат политичката стабилност и економските успеси на Германија и овие успеси, позитивно, ѝ ги припишуваат на канцеларката. Значи, тие не се бунтуваат против постоечките структури, туку во случај на дилема, се држат настрана од политиката, оти полето и така е обработено. „Ваквата ситуација, гледано од аспект на демократските структури, не би смеела да се одржи долго, зашто на тој начин партиите се успиваат и се цементира постоечкиот јаз на генерациите.“

Партиите би можеле и повеќе да направат

Германските партии сѐ уште имаат потешкотии да им пријдат на помладите и да им понудат атрактивни можности за соработка. „Не сакам да лепам плакати на пет избори, па дури тогаш да соберам храброст да се кандидирам за некоја функција“, го објаснува Луиза мачниот пат на партиската работа. И Шајен Тарнер не се чувствува вистински допрена од партиите. „Како млад човек никогаш директно не те таргетираат, ниту ти го насочуваат вниманието кон политиката“, вели 18-годишната ученичка. Таа досега се чувствувала исклучена од политиката, сега мора да се одлучи за една партија.

Junge Frau in Wahlkabine
„Може ли мојот глас нешто да промени?“ - прашање кое си го поставуваат многу млади Фотографија: Imago/blickwinkel

За да се информира посакува да има повеќе места како тоа на ЦДУ. Во никој случај не сака да ѝ влијаат мислењата на пријателите или членовите на семејството. За разлика од други врсници таа сака задолжително да гласа, „затоа што демократијата само така може да функционира“. Освен тоа, предноста ја гледа во тоа што како млад човек можеш да зборуваш на исто ниво со постарите - и на тоа поле конечно мора да те третираат сериозно.