1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макeдонскиот парламент даде согласност за измена на Уставот

СН/ам/миа16 јули 2014

Македонското Собрание денеска ја изгласа одлуката за пристапување кон измена на Уставот. Како што рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, одлуката усвоена со двотретинско мнозинство стапува на сила веднаш.

https://p.dw.com/p/1Ce8w
Фотографија: AP

Со поединечно гласање, попладнево, двотретинско мнозинство од пратениците во македонскиот парламент, гласаше за измена на Уставот. 82-ца пратеници гласаа „за“ одлуката пристапување кон измена на Уставот, шест беа „против“ и еден воздржан.

Одлуката стапува на сила веднаш, а македонската влада, како подносител на предлогот, за најдоцна 10 дена ќе треба да подготви и до Собранието да достави нацрт-текст со амандмани на Уставот.

Согласно измените, бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена, се прецизираат фискалните правила во буџетот со ограничување на буџетскиот дефицит од три проценти и на јавниот долг од 60 отсто од БДП, а Народната банка се преименува во Банка на РМ.

Се воведува и уставна жалба, промена на составот на Судскиот совет, промени на надлежноста за одлучување на одлуките по жалба на Судскиот совет за избор на судии, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, и воведување надлежност за одлучување по жалба на одлуките на Советот на јавни обвинители за избор на јавни обвинители, разрешување или друга изречена дисциплинска санкција на јавен обвинител од страна на Уставниот суд, создавање уставна можност за формирање финансиска зона, како и дефинирање на Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

Во текот на дискусијата, поддршка на измените, освен пратениците од владејачкото мнозинство, дадоа и Рафиз Алити од ДУИ, Стојан Миланов од Социјалистичка партија, Кенан Хасип од Демократска партија на Турците, ДПА гласаше против.

Со поддршката на уставните измени, исцпрен е дневниот ред на денешната деветта седница. Собранието продолжува со работа утре.