1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лузните остануваат

Астрид Пранге Де Оливеира/Ж.А.24 март 2016

Жалост, бес и запрепастеност: една година по падот на авионот на Џерманвингс, Германија ја одбележува годишнината од катастрофата.

https://p.dw.com/p/1IIbf
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dalmau

Една минута може да трае вечно, а сепак е тоа само застанување на миг. Една краткотрајна мисла за доживотните болки на луѓето кои ги загубија своите најблиски. На 24 март во 10 часот и 41 минута - минута молк во спомен на моментот од пред една година кога авионот на Џерманвингс се разби во француските Алпи. Загинаа сите патници на летот број 9625 од Барселона кон Диселдорф. Меѓу жртвите беа и 16 ученици и две професорки од гимназијата Јозеф Кениг во Халтерн. Градчето во Северна Рајна Вестфалија со 37.000 жители, по катастрофата се движи по тенкиот раб меѓу секојдневната рутина и постојаните сеќавања.

„Лузните остануваат“

„Градот се обидува повторно да се врати во нормален модус. Сосем свесно сакаме да продолжиме да живееме заедно со несреќата, таа е составен дел од нашата градска историја, не сакаме да ги заборавиме жртвите,“ објаснува градоначалникот на Халтерн, Бодо Климпел за новинските агенции. Родителите и сестрите и браќата, разбирливо, се‘уште имаат потреба да ја преработат и да се соживеат со трагедијата. „Лузните остануваат“, вели градоначалникот.

Простување од блиските, прифаќање на несфатливото, живот со соочување со смртта - роднините и блиските на жртвите по 24 март 2015 година преку многу средби и богослужби заеднички тагуваа и се тешеа меѓусебно.

Годишнината од падот на авионот за многумина од нив е уште една тешка емоционална проба. „Жалоста е како лузна на челото“, вели Бербел Фридрих од Здружението на родители кои ги загубиле децата од Хомбург. „На првата годишнина, лузната е уште повидна.“

Germanwings Flug 4U 9525 Neuer Bericht
Остануваат болни спомениФотографија: picture-alliance/dpa/A. Estevez

„Празнината не може да се пополни“

Бербел Фридрих оваа болка ја почувствувала лично. Нејзината ќерка Вибке починала во 1993 година како последица на менингитис, на 16-годишна возраст. „По една година празнината останува, а загубата на блискиот човек останува за цел живот.“

И теологот Георг Швикарт го знае тоа: „Тагата те стигнува секогаш одново. Во случај на непредвидлива катастрофа како пад на авион или терористички напад, роднините немаат време за простување, тоа мора да се надокнади дополнително“, вели тој. На духовникот му е познат притисокот врз роднините да се вратат што побрзо во секојдневниот живот и да „функционираат“. По извесно време, разбирањето за тагата и ожалостените се намалува. „Јавноста преминува кон секојдневие, со потсвесна мисла - ќе стигне сигурно некоја следна катастрофа.“

Осврнувањето кон настаните по 24 март 2015 година во застрашувачки размери ја покажуваат точноста на оваа мисла. Сликите на очајни, скаменети и вџашени луѓе секогаш одново на површина ја изнесуваат смртта и тагата, последно при нападите врз аеродромот во Брисел.

Frankreich Deutschland Flugzeugabsturz Co-Pilot Andreas Lubitz
Копилотот Андреас Лубиц со себе во смрт поведе невини жртвиФотографија: picture-alliance/dpa/Foto-Team-Müller

„Поглед нанапред“

Дотолку поважни се ритуалите на преработување на жалоста и сплотеноста, како противтежа на потиснувањето и заборавањето. Но, не сите роднини на жртвите остануваат во тивка тага. Многумина од нив инсистираат Луфтханза, матичниот концерн на Џерманвингс, да ја преземе одговорноста за катастрофата.

34 семејства сакаат да вложат жалба против авиошколата на Луфтханза во американската сојузна држава Аризона, каде копилотот Андреас Лубиц ја вршел пилотската обука. 27-годишникот, кој авионот свесно го удри во планинскиот масив на Алпите, одамна бил психички болен, а сепак добил дозвола да пилотира.

Во Халтерн ам зе на годишнината од катастрофата бијат сите ѕвона, но најголем дел од семејствата на жртвите не се во родниот град, туку учествуваат на комеморацијата во близина на местото на несреќата во Франција. Заедничката богослужба на училиштето и градот е планирана за 4 април.

„Тагата е бескрајно тешка, но човек може повторно да биде среќен“, вели пасторот Швикарт. На оној кој успева постојано да добие помош и не се изолира од луѓето, му е полесно.“

Учениците од гимназијата Јозеф Кениг се чини го одбраа овој пат. Тие на 18 март се вратија од посетата на шпанското партнерско училиште во Барселона. Директорот Улрих Везел е оптимист: „Тоа беше патување полно спомени, но со поглед насочен нанапред.“