1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лична приказна: Како ја поднесов втората доза на Спутник 5

Сергеј Сатановски
25 декември 2020

Дописникот на ДВ, Сергеј Сатановски учествува во тестирањето на руската вакцина за корона Спутник 5. Не знае дали прима вакцина или плацебо супстанца. Ова е неговото искуство од прва рака.

https://p.dw.com/p/3nDQ7
Russland Moskau  | Coronavirus | Impfung Sergey Satanovsky, DW
Фотографија: Sergey Satanovsky/DW

На почетокот од декември дописникот на ДВ Сергеј Сатановски се пријави да учествува во тестирањето на вакцината Спутник 5 која ја направи московскиот Гамалеја Институт за епидемиологија. Тогаш тој ја прими првата доза и за ДВ го раскажа своето искуство. Сега ја прими втората доза и повторно ги споделува деталите со нас.

21 ден по првата вакцинација ја добив втората доза од Спутник 5. Брзо потоа Русија најави почеток на масовна вакцинација, а во меѓувреме тоа го сторија и неколку други западни земји. Од 21 декември во Русија за вакцинирање може да се пријават и медиумски работници. Многу од моите колеги добија смс порака од московските градски власти во која стои дека вакцинацијата е достапна “со приложена потврда од работодавецот.“

Кога ќе се вакцинираат лицата над 60 години?

Лицата над 60 години засега не се на листата за вакцинирање. На тоа се осврна и рускиот претседател Владимир Путин на големата годишна прес конференција од 17 декември. „Вакцината засга е за граѓаните од посеби категории и старосни групи. За оние како мене сѐ уште не е достапна,“ рече 68 годишниот претседател.

Russland Coronavirus Impfstoff
Фотографија: picture alliance/dpa/Ministry of Health of the Russian Federation

Но, како што дознавам од лекарски кругови и многу лица над 60 години се вклучени во тестирањето на руската вакцина. Го прашав Александер Мјашников, началник на московската болница „Шадкевич“, каде што ме вакцинираа, зошто веќе започнатата масовната вакцинација се одвива паралелно со тестирањата на вакцината кои сѐ уште не се завршени.

Повеќе:

-Големата трка за вакцини 

-Вакцина против корона: Ќе извиси ли југот?

-Дали Русија ги манипулирала податоците за вакцината „Спутник”?

Не добив јасен одговор од Мјашников. Се што кажа е дека постарите лица, трудниците и оние со хронични болести како на пример дијабетес, ќе бидат вакцинирани по завршување на третата тест-фаза. Сепак доброволци и од овие групи учествуваат во тестирањата. Всушност и 67-годишниот Мјашников се вакцинираше уште во септември, така што и тој самиот е дел од нив.

Цело време откако ја добив првата доза од вакцината, на барање на болницата, внимателно водев дневник во апликацијата „Check Covid-19". Не можев да утврдам дали некој ги анализира овие податоци. До сега ми се нема јавено лекар да ме провери, иако во договорот е нагласено дека се можни контроли.

Russland | Coronavirus | Impfung
Фотографија: Sergej Satanowski/DW

Без видливи нуспојави

И втората вакцинација со Спутник 5  во  болницата „Шадкевич“  во рамки на тестирањето беше иста процедура како и првата пред три недели. Тогаш по вакцинирањето на клиниката сретнав пет жени кои работат како негувателки во детски дом. Тие своерачно пишуваа изјава со која одбиваат да учествуваат во тестирањето. Го прашав и началникот на болницата Мјашников за ова. Ми рече дека во последно време имало доста вакви „откажувачи“. Тоа се луѓе кои се пријавиле за тестирање на вакцината Спутник 5 , но потоа сфатиле дека може да бидат ставени во плацебо-групата. Тоа значи дека наместо вакцина ќе добијат неутрален серум кој нема никакво влијание. 

И јас не знам во која група припаѓам. Кога се пријавував за ревакцинацијата компјутерот ми додели посебен број кој пак беше поврзан со специјално обележано шишенце со вакцина во фрижидерот.

„Ако првиот пат сум добил вакцина, тогаш и вториот сигурно ќе биде вакцина, а не плацебо серум?“, го прашав докторот. „Теоретски да“, ми одговори кусо. Пред да ме вакцинираат ми направија и ПЦР тест за корона. Следниот ден добив смс порака дека сум негативен на корона вирусот. Овојпат ме боцнаа на другото рамо. И по приемот на втората доза морав половина час да одлежам во болницата. За тоа време не почуствував никакви промени. Притисокот ми беше нормален. Потоа сестрата ми даде потврда дека сум ги примил двете дози вакцини. Или сепак плацебо-серум.

Речиси седум часа откако ја примив првата доза од вакцината качив температура од 38,6. Во групата на „Телеграм“ – „Резултати од тестирањето“, во која бројот на членови за три недели се искачи од 1800 на 4000 многу од луѓето пишуваат дека се чуствувале нелагодно после двете вакцинации. Бев подготвен дека по втората доза нема да ми биде добро. Но, не се случи ништо.

Во мојот дневник во апликацијата „Check Covid-19" искрено напишав дека немам никакви несакани ефекти. За три недели треба да направам тест за присуство на антитела против Ковид-19. Според научниците кои ја развија вакцината, имунолошкиот одговор на телото го достигнува врвот на 42 ден од вакцинирањето.