1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лидерите на иста маса, кафеанските маси на „преглед“

11 март 2020

Денеска ќе биде анализирана и потребата од одредени мерки во места со поголема фреквенција, меѓу нив и угостителски објекти, вели министерот за здравство

https://p.dw.com/p/3ZCN1
Nord-Mazedonien: Vor dem Regierungsgebäude in Skopje weht die EU-Flagge
Фотографија: DW/F. Schmitz

Премиерот Оливер Спасовски за утре свика средба со лидерите на политичките партии, на која ќе се анализираат сите прашања поврзани со состојбата со коронавирусот во земјава, но и нивното влијание врз изборната кампања за изборите закажани за 12-ти април. По одлуката за прекин на наставата во сите степени на образовниот процес во траење од 14 дена, како и забраната за организирани патувања во високоризичните држави, вчера беше донесена и забрана за одржување на сите масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1.000 учесници во наредните 14 дена, што се совпаѓа со почетокот на кампањата за изборите. Ако состојбата со вирусот предизвика потреба од продолжување на истите мерки или за воведување на нови и построги мерки, во прашање ќе биде одржувањето на сите поголеми предизборни митинзи. За ова, но и за други импликации од натамошното ширење на вирусот, кај премиерот Спасовски се очекува да разговараат лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса на Албанците и на Алтернатива.

Владата вчера донесе уште еден дополнителен заклучок - забрана за секакво користење на пливачките базени на целата територијата на земјата, во период од 14 дена.

Не во игротеките, но што со рестораните?

Родителите се задоволни од вчерашната одлука на владата за прекин на наставата и на згрижувањето на децата во градинките.

„Министерот за здравство со право препорача во овој период да се избегнува престој во игротеките, но мерките мора да опфатат и други фреквентни места на јавни собирања, како што се кафулињата, рестораните, сендвичарите“, вели родител на средношколец.

Искуствата од ризичните региони покажаа дека угостителските објекти се места од висок ризик за пренесување на вирусот. Епидемиолозите засега немаат потврдени податоци колку време вирусот може да преживее на работни површини, па се вртат различни податоци - од десетина часа до девет дена. Поради тоа како примарна заштита се смета редовното дезинфицирање на масите во угостителските објекти, а стандардниот прибор (стаклени или порцелански чаши и метални вилушки и лажици кои се мијат а не се дизинфицираат) да се заменат со прибор за еднократна употреба (хартиени или пластични чаши, и пластични вилушки и лажици). Министерот за здравство Венко Филипче вели дека засега примарно било да се донесат мерките за наставниот процес, а тековно ќе се анализираат и сите други аспекти за превенција. 

„Во текот на денешниот ден ќе го анализираме и аспектот со угостителските објекти и ќе донесеме одредени заклучоци. Мерките се динамични и условени од состојбата. Во зависност од тоа некои може да бидат и заострени“, вели министерот.

Ред и во малите продавници

Во земјите со ризик, беше ограничено присуството на бројката на лица во одреден угостителски објект во зависност од неговиот капацитет, со цел да се одржи дистанца меѓу присутните гости. Истата мерка, но самоиницијативно беше применета и во продавници кои немаат капацитет во исто време да примат голем број купувачи. Станува збор за т.н. мааалски продавници, каде сопствениците сами ја одредуваа процедурата за пазарување во тие објекти со јавно истакнати натписи (на пример „максимум шест купувачи може да пазаруваат во исто време“ и слично).

Повеќе:

Коронавирус: Висока цена поради лажните вести и неодговорностаКоронавирусот ги затвори градинките и училиштата, спортот без публика

Коронавирус: Заболена директорка испрати во изолација цела клиника

Италија: Живот во карантин

Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус

И додека се очекува продажните објекти во земјава сами да одредат превентивна процедура, институциите веќе преземаат конкретни мерки.   

„Во согласност со издадените мерки и препораки од Владата на Република Северна Македонија, Градот Скопје ги известува граѓаните дека почнувајќи од 11.03.2020 година, во наредните 14 дена нема да се врши прием на странки во Секторот за финансиски прашања – Одделение за даноци (во барака број 15), за консултации во предвидените приемни денови (вторник и петок)“, соопшти Градот Скопје.