Либија најавува прекин на огнот по заканите за напад
18 март 2011Шефот на либиската дипломатија Муса Куса попладнево изјави дека неговата земја ќе ги запре сите воени дејствија против бунтовниците, во согласност со резолуцијата на Советот за безбедност.
Изненадувачката најава дојде само неколку часа откако либискиот лидер Моамер Гадафи предупреди дека сите оние кои ќе се осмелат да ја нападнат неговата земја ги очекува пекол.
„Доколку светот полудел, и ние ќе бидеме луди“, изјави Гадафи во интервју за португалска телевизија. Тој оцени дека Советот за безбедност нема мандат за резолуцијата која беше донесена синоќа. Со неа се предвидува воведување зона на забранети летови над Либија, но се исклучува можноста од копнена интервенција.
Покрај САД, Франција и Велика Британија, учеството во акциите досега го потврдија и Норвешка и Данска, а Шпанија најави дека ќе дозволи користење на базите на своја територија за сојузниците од НАТО. Можно е во операциите учество да земат и некои арапски држави, во прв ред Катар, но и Саудиска Арабија. Русија и Германија отворено ја отфрлија можноста за учество на нивни сили во операциите, откако и двете земји гласаа воздржано во Советот за безбедност на ОН.
„Откако направивме проценка на ризиците, не само од евентуалната акција против Либија, туку и во целиот регион, дојдовме до заклучок дека германските војници не треба да учествуваат во мисијата во Либија, и од тие причини одлучивме да бидеме воздржани при гласањето“, изјави шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле. Според последните информации, се разгледува можноста Германија да испрати дополнителни сили во Авганистан, со цел да ги ослободи американските набљудувачки летала целосно да се посветат на мисијата во Либија.
НАТО ги дефинира деталите
За утре во Париз е закажана итна средба на претставници на ЕУ, Арапската Лига и Африканската Унија на која ќе учествува и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
Француски претставници уште утрото најавија дека нападите врз либиските воени сили би можеле да започнат во наредните часови, но засега не е преземен таков чекор. Британскиот премиер Дејвид Камерон го информираше парламентот за очекуваната операција, и иако не доби одобрение, најави дека ништо не ги спречува британските сили да се вклучат во борбените дејства.
Амбасадорите на НАТО попладнево одржуваат состанок на кој треба да бидат утврдени детали за акцијата која ќе ја предводат Британија и Франција. Според проценките на аналитичарите, се очекува првичните напади да бидат насочени кон либиската авијација, воените бази и комуникациските системи.
Автор: БГ/СН/ројтерс/афп
Редактор: Симе Недевски