1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Либија е црна дупка“

Дагмар Брајтенбах/ Ж.А.23 август 2015

Една од владите во Либија моли за помош во борбата против Исламска држава. Но, ни воена ниту политичка интервенција нема да имаат успех, тврди исламологот Михаел Лидерс.

https://p.dw.com/p/1GHfY
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Hamza Turkia

Дојче веле: Меѓународно признатата либиска влада официјално ја замоли Арапската лига со воздушни напади да го запре напредувањето на џихадистичката милиција Исламска држава во севернолибискиот град Сирт. Кога членките на Арапската лига ќе се состанат во вторник во Каиро, колкава е веројатноста да одговорат на оваа молба?

Михаел Лидерс: Не е јасно дали Арапската лига навистина воено ќе интервенира во Либија. Во секој случај, на таков начин нема да може да се среди хаосот. Либија има две влади. Едната е меѓународно призната и седишттео и‘ е во источниот дел од земјата, во Тобрук, а другата е блиска до исламистите и е сместена во главниот град Триполи.По соборувањето на Гадафи, Либија стана плен на меѓусебно спротиставеите милиции, племиња и исламистички групи кои се обидуваат да земат што поголем дел од колачот. Сето тоа доведе до самоуништување. Без оглед на повторените обиди и од ОН за започнување дијалог меѓу конфликтните страни, не постои функционален дипломатски или политички механизам за кризата да може да се деактивира.

Значи ли тоа дека арапските сојузници и така не можат ништо да направат?

Тешко е воено да се интервенира во пропаднати држави какви што се Либија, Ирак или Сирија кои имаат различни политички и воени актери и сојузи, кои понекогаш секојдневно се менуваат. Постоеја размислувања египетската влада да го стави источниот дел од Либија под своја контрола, површно гледано со цел да го сузбие теророт, но во заднина со мисла со тоа да стане фактор на моќ во богатата со нафта Либија. Но, Египет досега се дистанцираше од вакви планови.

Ако нема воено, гледате ли тогаш барем политичко решение?

Тешко. Кога ќе престане да постои централна влада, а во земјата егзистираат различни актери без желба за склучување компромиси, а напротив со увереност дека можат да ја наметнат својата волја, тогаш е многу тешко да се интервенира во една толку нестабилна земја. Која страна да се нападне? Каде се добрите, а каде се лошите? Со кој меѓународен мандат тоа треба да се изврши? Никој нема вистински рецепт. Либија се‘ повеќе и повеќе станува црна дупка на северот на Африка, упориште на Исламска држава и други радикални исламисти - и се разбира отскочна штица за бројните бегалци кои одат во правец на Европа.

14.03.2013 DW QUADRIGA STUDIOGAST Michael Lüders
Михаел Лидерс

Значи, дали е Либија веќе пропадната држава?

Се‘ упатува во тој правец. Не постојат веќе државни институции кои функционираат, нема централна влада која би била во состојба да ја спроведе демократската волја на народот или во најмала рака сопствена власт во целата земја. Постојат и бројни невидливи актери со многу флексибилни сојузи. Во Либија секој готви своја чорбичка, од странските сили тоа првенствено се Египет и Алжир.

Замислата таму проблемите да се решат воено, веројатно е само илузија. Ако една држава се распаднала, тогаш е потребно многу време за да се изградат повторно нови структури. Тоа успева можеби дури тогаш кога силите кои водат војна целосно ќе искрварат. Оваа војна во Либија уште долго ќе трае.

Исламска држава моментно маршира низ државата спроведувајќи неверојатни насилства. Се бесат или брутално се осакатуваат луѓе. Во Дерна, во источниот дел од земјата, град од кој ИД беше протерана, сега повторно паѓаат ракети. Дали е тоа толку незапирливо?

Се‘ додека структурите во Либија се вакви какви што се сега, уништени и без надеж во догледно време некоја силна централна влада да ја преземе одговорноста, толку долго ќе продолжи офанзивата на Исламска држава.

Исламска држава во Либија не е идентична на силите на Исламска држава во Сирија и во Ирак. Станува збор за луѓе кои се служат со ова име, зашто во меѓународни рамки тоа стана заштитна марка на џихадистичката сцена. Значи, оној кој ќе си го додаде тоа име, си обезбедува предност во конкуренцијата со другите паравоени формации. Бруталноста на Исламска држава во Либија може да се види исто како и на Блискиот Исток, тука спаѓаат и брутални бесења и јавни изложување на убиените, што моментно се случува во Сирт.

Се прави обид за стратешки целосно уништување на противникот. Затоа е толку тешко да се замисли компромис и адекватно политичко решение.

Михаел Лидерс е доктор по исламски науки и политологија. Тој е публицист, автор на романи и стручни книги, како и заменик раководител на Германската фондација за Ориент.