1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекција за тајната служба БНД!

Марсел Фирстенау/З.Јордановски20 декември 2015

Парламентарната контролна инстанца го жигоса губењето контрола врз работата на германската тајна служба БНД. И владата е виновна за таквата состојба. Нужно е јасно водство и добар надзор, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/1HPDA
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Досега вакво нешто не се случило во Германија: јавно, на прес-конференција која траеше 40-ина минути, претставници на парламентот (Бундестагот) речиси едногласно искажаа остра осуда на методите на германската разузнавачка служба БНД во шпионирањето преку средствата за комуникација. Нивното резиме гласи: при користењето на таканаречените „селектори“ (карактеристични белези за прислушување, односно пребарување) БНД „на големо“ го кршела важечкото право.
Ханс-Кристијан Штребеле, пратеник од опозиционите Зелени, смета дека не е доволна само критиката на шпионирањето на пријателски земји, па дури и на сопствени граѓани во странство, туку тој радо би сакал да изнесе во јавноста и подробности од актите што кабинетот на канцеларот им ги ставил на увид нему и на колегите. Но, тоа им е забрането на членовите на Парламентарното контролно тело (ПКТ).

Во крајна линија не е ни нужно да оддава тајна, оти од извештаи во медиумите веќе со недели се познати поединечни цели на шпионирање од страна на БНД: станува збор за влади и институции на ЕУ и на НАТО, но бил шпиониран и еден германски дипломат. Од германската влада, се разбира, нема потврда за ова, но веројатно е точно оти нема ни деманти.

Лицемерната сојузна влада

Скандалот е посебно непријатен за Германија и за сојузната влада оти канцеларот Ангела Меркел во октомври 2013 година се изјасни против меѓусебно шпионирање на пријатели. Тогаш беше обелоденето дека американската тајна служба НСА го прислушувала дури и мобилниот телефон на Меркел. Дури во таа жешка фаза на аферата со тајните служби, предизвикана со откритијата на „свиркачот“ Едвард Сноуден, попушти претседателот на БНД Герхард Шиндлер и го информира кабинетот на канцеларот (шефот на кабинетот на канцеларот е надлежен и за работата на тајните служби) за сомнителните практики на БНД. Од тоа може да се извлече заклучок дека БНД до денес ќе продолжел со тие практики ако останеше незабележано прислушувањето на мобилниот телефон на Меркел.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Значи, се’ е добро, ако добро се заврши? Во никој случај! Дури годинава Парламентарното контролно тело дозна за политичкото решение да се престане со шпионирање на партнерски земји, иако би морало да биде веднаш информирано врз основа на релевантноста. Пропустот на кабинетот на канцеларот веројатно не е случаен, туку е намерен. И анкетната комисија која речиси две години го истражува случајот со НСА се жали за недоволна информираност. Сојузната влада многу сомничаво гледа на истрајната работа на таа комисија.

Недостасуваат јасни насоки од владата

Одамна дури и пратениците од владините фракции во обете тела – ПКТ и Анкетната комисија – се лутат поради деструктивниот став на кабинетот на канцеларот. Поради тоа е добар знак што контролорите на тајните служби толку јасно им одржаа лекција на извршната власт и на еден од нејзините најважни органи. Парламентарците со право очекуваат јасно водство во БНД, односно претседател кој знае што се случува во неговата земја.Тоа очигледно до неодамна не било така.

Но, се чини дека недостигаат и јасни насоки од кабинетот на канцеларот. Тоа мора најитно да се промени за да може БНД да ги исполни важните задачи за безбедноста на Германија, како борбата против меѓународниот тероризам, но и против организираниот криминал. Белки не е толку тешко да се дефинира профилот на задачите на БНД! Непријателите на демократијата и на безбедноста се познати – тоа е Исламската држава која има поддржувачи, на пример, во Саудиска Арабија. А ако вршат злодела внатре во земјава, тогаш е за нив надлежна Службата за заштита на уставот (контраразузнавачката служба – н.з.).

Фатете се за работа!

За размена на информации меѓу тајните служби надлежен е Заедничкиот центар за одбрана од тероризам. Алатки, значи, има, закони исто така. Некои мора да бидат заострени и подобрени. ПКТ постави добра основа со својата работа. Сега се на ред БНД и владата да го направат најдоброто во таа ситуација. Фатете се за работа!