1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Левицата во обид да се извлече од сендвич

Марсел Фирстенау / ЕМФ28 мај 2016

Во Бундестагот е лидер на опозицијата, но самоувереноста на Левицата е нагризана - поради лошите резултати на покраинските избори во март годинава. Тоа ќе се почувствува на конгресот во Магдебург овој викенд.

https://p.dw.com/p/1IwKT
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Endig

Викендов во Магдебург на конгресот на Левицата се собираат 580 делегати. Саемот каде што се одржува конгресот, се наоѓа среде зеленило. Во таа идилична околина Левицата ќе мора да се соочи со неуспесите на изборите од 13 март во три покраини. Во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц партијата не влезе во парламентот, а уште повеќе боли резултатот во поранешното упориште, источната покраина Саксонија Анхалт, каде Левицата во еден момент се надеваше дека ќе стане најсилна партија. На крајот, со 16,3% гласови заврши далеку зад демохристијаните (29,8%) и десничарската Алтернатива за Германија (24,3%) која првпат излезе на избори. Тоа ја објаснува и одлуката на партиските стратези за одржување на конгресот токму во Магдебург, главниот град на покраината Саксонија Анхалт.

Меѓу говорниците е најавен и Бодо Рамелов, прв и единствен премиер кој доаѓа од редовите на Левицата. Тој е избран во 2014 година во Тирингија, многу пред да почне бегалската криза. А, токму тоа беше доминантна тема на изборите во март годинава, која доведе до подем на АфД. Десничарските популисти сега наместо Левицата се втора по јачина пратеничка група во парламентот - успех кој е постигнат со поддршка на многу некогашни избирачи на Левицата кои ја промениле страната.

Magdeburg Bundesparteitag Die Linke Sahra Wagenknecht Torte
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Ги нема веќе избирачите „од протест“

Левицата ја загуби функцијата од којашто профитираше долго време: да ги собира т.н. избирачи „од протест“, кои повеќе знаат „против“ што се, отколку „за“ што се. Меѓу нив беа пред сѐ разочараните приврзаници на СПД кои не се согласуваа со економската и социјалната политика на поранешниот канцелар Герхард Шредер. Со таканаречената Агенда 2010, СПД си направи огромен проблем со кредибилноста, со кој се бори до денес: неодамнешните анкети покажуваат дека за социјалдемократите би гласале само уште околу 20% од избирачите - тоа е историски најнизок рејтинг на партијата.

Со тоа станува малку веројатно дека ќе се оствари желбата на Левицата на следните избори во 2017 година да биде сменета Ангела Меркел. Во моментов, Левицата, СПД и Зелените се далеку од тоа заеднички да имаат мнозинство кое теоретски го имаат во актуелниот состав на Бундестагот. Меѓутоа, по изборите во 2013 година, ниту една од трите партии ја нема разгледано сериозно можноста од црвено-црвено-зелена коалиција на сојузно ниво, па малку е веројатно дека тука нешто се има променето.

Magdeburg Bundesparteitag Die Linke Bernd Riexinger
Бернд Риксингер, копретседател на ЛевицатаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Endig

Судејќи според анкетите, Левицата во моментов има поддршка на седум до осум проценти од избирачите. Сепак, копретседателите на партијата, Бернд Риксингер и Катја Кипинг, се оптимисти. Во еден текст чии автори се двајцата и чиј наслов гласи: „Револуција за социјална правда и демократија“, тие првенствено се повикуваат на борба против десницата и на општествени промени преку сојузи со вонпарламентарни групи.

Гизи: Левицата е анемична

За немир непосредно пред конгресот се погрижи Грегор Гизи. Поранешниот шеф на пратеничката група на Левицата во интервју за Редакциската мрежа на Германија, оцени дека Левицата е „анемична“. Тој е шокиран од тоа што „и сиромашните, запоставените и работниците гласаат за АфД“, вели Гизи во интервјуто. Освен тоа, според него, Левицата на сојузно ниво остава впечаток како „да не сака да владее“.

Gregor Gysi Bundestag Die Linke Bundesverfassungsgericht Urteilsverkündung Karlsruhe
Грегор Гизи предизвика бранувања пред конгресотФотографија: picture-alliance/dpa/U.Deck

Се чини дека 68-годишниот Гизи е загрижен за своето животно дело. Тој беше оној кој СЕД, поранешната режимска партија во ГДР, под друго име (Партија за демократски социјализам) ја внесе успешно во обединета Германија. ПДС во 2007 година се обедини со сестринската партија од западниот дел на земјата ВАСГ (Изборна алтернатива работа и совијална правда). Така настана новата Левица.

Девет години потоа оваа партија е во неочекувана позиција - меѓу социјалдемократите и популистите на АфД. За тоа како да се ослободи од оваа незгодна позиција на конгресот на Левицата зборуваат наследниците на Гизи, шефовите на пратеничката група во Бундестагот Дитмар Барч и Сара Вагенкнехт. Гизи не е на списокот говорници, но со оглед на неговиот испад, тоа би можело да се промени.