1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лампедуза - небезбедно прибежиште за бегалците

16 октомври 2011

Состојбата на бегалците на островот Лампедуза е загрижувачка. По пожарот во кампот за прием на бегалци владата се изјасни дека нема да гради нов. Нејасно е дали бегалците во иднина ќе смеаат да доаѓаат на Лампедуза.

https://p.dw.com/p/12rCw
Илегални мигранти на ЛампедузаФотографија: picture-alliance/dpa

Што се однесува до политиката на бегалците Италија во моментов остава два различни впечатоци: прво, земјата го покажува нејзиното грдо лице, а второ, ја демонстрира нејзината неспособност. Ова е резимето на Марко Печоти, одговорниот координатор за имиграција во Демократската партија на Италија. Пред три недели изгоре кампот во кој се врши првиот прием на бегалците на Лампедуза. Италијанската влада набрзо потоа одлучи да не го обновува овој камп, ја прогласи Лампедуза за небезбедно прибежиште и сака да го затвори островот за бегалци.

Ова е политичка зделка и игра на моќ на италијанската влада, изјави Печоти: „Владата му вети на градоначалникот на островот дека Лампедуза нема да биде во иднина првото прифатилиште за бегалците, кои пристигаат на островот. Јас се сомневам меѓутоа, дека ова е уште едно ветување на владата кое нема да го исполни.“

И Лаура Болдрини, портпаролката на Советот на комесаријатот за бегалци при ОН, се согласува со овој став. Таа укажува на лошите последици од ваката одлука и стравува дека може да има и мртви. Во иднина, така барем предвидува планот, екипите за спасување на бегалците од морето ќе тргаат од Сицилија, која се наоѓа на околу 200 километри северно од Лампедуза. Тоа за спасувачите значи продолжен пат од најмалку седум часа пловење. „Големата одалеченост значи и помалку спасувачки средства. Доколку повеќе бродови се наоѓаат во незгодна ситуација, тогаш брзиот спасувачки брод ќе може да ги пренесе само луѓето од едниот брод до Порто Емпедокле на Сицилија, а оние од останатите бродови ќе и’ бидат препуштени на судбината“, објаснува Болдрини.

Кој ќе ја преземе одговорноста за бегалците

Flash-Galerie 60 Jahre Genfer Flüchtlingskonvention
Бегството со брод е поврзано со многу ризициФотографија: picture-alliance/dpa

Независно од тоа меѓутоа се’ уште не е јасно, што ќе се случи, а тоа било веќе случај, ако бегалски брод пристигне на Лампедуза без придружба од крајбрежната стража. „Оваа наредба на Министерот за сообраќај не е јасно формулирана. Се вели само, Лампедуза не е безбедено прибежиште за спасувачките акции. Што ќе се случи доколку на островот сепак дојде брод со бегалци? Дали на луѓето ќе им се каже: треба да пловите уште седум часа подалеку и покрај сите ризици и опасности што се поврзани со патувањето“, прашува Болдрини.

Таа бара што е можно побрзо да се обнови прифатниот камп на Лампедуза. Освен тоа, вели таа, јасно беше дека ќе се случи вакво нешто, бидејќи во 2009 година токму од истите причини имаше веќе протести од страна на бегалците и пожар во бегалскиот камп. И тогаш, кампот беше со недели преполнет со Тунежани, кои требаше да бидат вратени во татковината. Во еден момент ситуацијата ескалираше, бегалците запалија душеци и неколку згради изгореа.

Токму поради тоа, портпаролката на УНХЦР испраќа тешки и јасни обвинувања до италијанската влада. „Комесарот за бегалци на ОН една недела пред пожарот во кампот издаде сооштение за печатот. Ова уследи по многубројните писма до италијанските власти. Во соопштението тој предупреди дека затегнатата ситуација во прифатниот камп се’ повеќе се влошува и дека владее лоша атмосфера. Понатаму тој пишува дека има луѓе кои самите се повредуваат, има постојани обиди за бегство и штрајк со глад и дека овие мигранти треба што е можно побрзо да се префрлат во друг камп, додека не е доцна. Меѓутоа, италијанската влада не презеде никакви чекори. Во бегалскиот камп без затворени 1.200 Тунежани, а всушност има место само за 850. Тоа се разбира доведе до избивање на пожар и конфликт со полицијата. А, сето тоа можеше навреме да се спречи“, вели со жалење Лаура Болдрини, портпаролката на Советот на комесаријатот за бегалци при ОН.

Illegale Einwanderer Libyen Lampedusa Italien 08.05.2011
Условите во кампот за најмладите мигранти се ужасниФотографија: picture-alliance/dpa

Бегалци ќе доаѓаат и во иднина

Едно е јасно: и во иднина ќе бегаат луѓе преку Средоземното море. Нивното патување со бродови ќе биде уште поопасно, доколку италијанската влада и понатаму опстојува на сегашниот став. „И јас се прашувам: кој ќе ја преземе одговорноста доколку има мртви? Што ќе случи ако се постави прашањето: зошто на луѓето на Лампедуза не им се помогнало? Во изминативе години видовме колку луѓе останале живи токму благодарејќи и’ на Лампедуза. Кој ќе биде одговорен тогаш“, прашува Болдрини.

Партијата Северна Лига, десно-популистичкиот коалиционен партнер во владата на Силвио Берлускони, во моментов прави со него што сака, бидејќи Берлускони без неа нема поддршка во Парламентот. Освен тоа, може да се каже дека Италија моментално нема никаква осмислена политика за бегалците.

Автор: Штефан Трендле/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска