1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавина незадоволство по преносот на конгресот на ДУИ

Александар Чомовски23 ноември 2005

Во досегашната медиумска практика, партиските конгреси не биле целосно и директно телевизиски пренесувани, особено на МТВ. Дури и националните приватни телевизии, чии сопственици се партиски лидери, ги правеле хрониките со одложно емитување, со куси избори од дискусиите или партиски преглед.

https://p.dw.com/p/Acd3
Фотографија: AP

За време на изборите, локални или парламентарни, телевизиските куќи продаваат дел од своите минути за платени политички програми, но не подолго од еден час. Последниот речиси петчасовен телевизиски пренос од конгресот на ДУИ, на вториот етнички телевизиски канал на јавниот сервис, ги разбранува реакциите во Македонија. Со овој уреднички потег на МТВ, посебно на редакцијата на албански јазик, не се согласуваат и медиумските експерти. Имер Исмаили, екс-заменик генерален директор на МТВ, сега професор на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово, вели:

“Партиите од политичкиот блок македонски партии, може да се случи тоа да го пренесуваат на првиот канал, да речеме. Значи ништо не е невозможно.Јас не верувам дека после овие реакции некоја партија ќе го направи она што го направи ДУИ.“

Комуникологот Маја Мухиќ, внимателна околу оценката – дали директниот саботен пренос од конгресот на ДУИ значи и партизација на МТВ, на јавниот сервис:

“Самиот тој термин подразбира дека има од некаде наредба или некаков декрет. Ова е настан кој не би требало да се толерира. Апсолутно сметам дека е прекршок. Велам пречекорување и злоупотреба на државните медиуми за една политичка опција, меѓутоа дали станува збор за партизација – тоа е сериозно обвинение за кое што треба прецизна информација, за да би можело истото да биде јавно кажано. “

Главниот уредник на весникот “Лајм“ на албански јазик, Селадин Селиу оценува:

“Еден јавен сервис не е финансиран само од членовите на една политичка партија, туку сите граѓани на Република Македонија, без разлика дали се тие членови на други партии – ДПА, СДСМ или ВМРО. Мислам дека јавниот сервис во такви случаи треба да биде малку поодговорен. “

Советот за радиодифузија сеуште нема официјална преписка со МТВ, по критиките оттаму дека се прекршува законот и се девалвира улогата на јавниот сервис со директниот пренос од првиот конгрес на ДУИ.