1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КФОР повторно го одложи уривањето на барикадите

18 октомври 2011

КФОР третпат го одложи транспортот на оружје и храна преку блокираните премини Брљак и Јариње на северот од Косово. Србите му нудат компромис на НАТО, по заканите за отстранување на барикадите поставени во јули.

https://p.dw.com/p/12u9U
Косовските Срби му нудат на КФОР да минува периодично низ нивните блокадиФотографија: dapd

Конвојот на КФОР кој тргна кон премините на северот од Косово се врати во базата во Ново Село и се повлече од намерата да го изврши транспортот, додека не заврши за утре закажаната седница на советите на општините во Северно Косово. Договорот е постигнат меѓу полковникот Клаус Глад и претставниците на локалната самоуправа.

„На седницата ќе разговараме за барањата на КФОР да комуницира со своите војници на премините. Нивното барање не е укинување на барикадите, туку слободно снабдување на војниците. Нема да има никакви акции на КФОР ниту денеска, ниту утре додека трае седницата. Сакаме да разговараме без притисок и да пронајдеме решение“, вели градоначалникот на општина Зубин Поток, Славиша Ристиќ.

Државниот секретар во Министерството за Косово и Метохија, Оливер Ивановиќ упати порака до КФОР дека е лошо ако решил да ги отстранува блокадите, бидејќи на една растурена барикада би можело да има многу повеќе и тоа армирани и бетонирани.

Градоначалникот на Косовска Митровица, Красимир Пантиќ, информираше дека претставниците на Србите му понудиле на КФОР компромисно решение - периодично да минуваат конвоите на мисијата преку патиштата на северот.

„Нашиот предлог е да му се овозможи на КФОР периодично да минуваат неговите конвои низ општините на северот, но тоа не значи дека имаат потполна слобода на движење“, им изјави Пантиќ на новинарите нагласувајќи дека и Србите сега немаат слобода на движењето преку административните премини кон Централна Србија.

Во исто време додека се нуди компромис, Србите од рано наутро во голем број се собраа за да го спречат КФОР да ја реализира најавата за денешно отстранување на барикадите во Северно Косово, бидејќи му пречат во снабдувањето на трупите на премините Брњак и Јариње. Само во северниот дел од Косовска Митровица се собраа околу 2 000 луѓе. Граѓаните дежураат на барикадите во смени веќе три месеци. Ноќите ги минуваат на ниска температура во шатори и импровизирани објекти. Градоначалникот вели дека тие се подготвени со своите тела да ги бранат своите огништа.

КФОР сака да ги снабдува војниците по земјен пат

На барикадите е и претседателот на советот на општина Звечани, Добросав Добриќ. Тој изјави дека народот од КФОР очекува „да ги врати албанските цариници и погранични полицајци од таму од каде што ги донел, па дури потоа народот во мирна атмосфера ќе ги отстрани барикадите“.

Додека локалните власти се со населението, државниот врв во Белград бил на пат да најде решение. Потпретседателката на Демократската партија, Јелена Триван изјави дека властите во Србија го решаваат проблемот на северниот дел од Косово „така што се трпеливи и не влегуваат во национална хистерија“.

„Факт е дека барикадите не се отстранети и дека КФОР го поместува рокот. Тоа покажува дека државниот врв ја работи својата работа, односно преговара со Брисел, Вашингтон и НАТО. Правиме се’ и на пат сме да најдеме решение за барикадите“, убедува Триван.

Slowenien KFOR Panzer Kosovo Serbien Albanien
Отстранувањето на барикадите може да доведе до насилство, предупредуваат локалните властиФотографија: picture alliance/dpa

Отстранувањето на барикадите може да доведе до насилство

Претходно КФОР најави отстранување на барикадите на патиштата кон премините Брњак и Јариње, но роковите во понеделникот и вторникот беа поместени. Командантот Ерхард Древс изјави дека тоа се прави за да им се даде повеќе време на Србите да го расчистат теренот.

Министерот за Косово и Метохија, Горан Богдановиќ, апелираше до КФОР да ја одложи акцијата за отстранување на барикадите, до одлуката на собранието на четирите општини на северот од Косово, закажана за среда, бидејќи насилното отстранување би донело ризик за натамошно заострување на ситуацијата.

НАТО во месеците додека трае блокадата ги снабнува своите 6 250 војници со хеликоптери. Претходните обиди за отстранување на барикадите завршија со насилство.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ Макфакс/ Ројтерс

Grenzstreit zwischen dem Kosovo und Serbien
КФОР во тримесечните блокади на премините Брњак и Јариње ги снабдуваше своите трупи со хеликоптериФотографија: picture alliance/dpa