1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кфор и полицијата на УНМИК катастрофално потфрлија во мартовските безредија на Косово

26 јули 2004

Тие не успеаја да ги заштитат малцинствата во дводневните безредија во март годинава, оценува Меѓународната организација за заштита на човековите права Хјумен Рајтс Воч во извештајот објавен во Брисел. Организацијата денеска побара да се спроведе целосна и независна истрага за одговорноста на Кфор, полицијата на УНМИК, како и на косовската полициска служба за мартовското насилство.

https://p.dw.com/p/Ad8P

Хјумен Рајтс Воч смета дека Кфор и полицијата на УНМИК треба да бидат подобро обучени за контролирање на демонстрации, да бидат и подобро опремени за тоа, а бара и централизирање на командата со трупите на Кфор. “Заштитата на малцинствата ќе биде клучен предизвик за новиот администратор на ОН за Косово Сорен Јесен Петерсен” – се оценува во извештајот што опфаќа 66 страници. Извештајот укажува на “речиси целосниот колапс на косовските безбедносни структури во текот на кризата”, кога на 17-ти и 18-ти март се убиени 19 лица, спалени 27 православни цркви, а околу 4100 лица, главно Срби, Роми и Ашкали се протерани или евакуирани од нивните домови. “Истражувањето покажа дека групи етнички Албанци дејствуваа со жестока ефикасност за многу области на Косово целосно да ги лишат од сите преостанати траги на српско присуство, како и дека напаѓаа други малцински заедници”, наведува Хјумен Рајтс Воч. “Дури и најмалото српско присуство беше цел на напади: во Ѓаковица етничките Албанци извршија опсада на српската православна црква во која живееја пет стари жени – последните Срби во градот, кои мораа да бидат евакуирани”, се илустрира во извештајот.

Организацијата нагласува дека наспроти мандатот на Кфор и на полицијата на УНМИК токму да им дадат сигурност на сите малцинства на Косово, тие структури не успеаја да ги заштитат за време на безредијата и честопати “ги оставаа со часови под опсада Србите и другите припадници на малцинските заедници, пред да реагираат”.

Хјумен Рајтс Воч смета дека редица настани биле причини за насилството, “посебно сензационалистичките извештаи дека Србите се одговорни за давењето на три дечиња – етнички Албанци, кои на крајот се покажа дека се неточни”. Меѓу другите причини се наведени “лутината на етничките Албанци поради блокадата на патот Приштина – Скопје организирана од српските селани во знак на протест поради убиството на српски тинејџер, како и демонстрациите што на 16-ти март ги организира група ветерани во врска со расформираната Ослободителна војска на Косово, протестирајќи против апсењето нејзини бивши водачи обвинети за воени злосторства”.

Хјумен Рајтс Воч повикува на “вистинска реформа на меѓународните безбедносни структури” и на "целосна и независна ревизија на реакцијата на Кфор, полицијата на УНМИК и на локалната косовска полиција на насилството”.