1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

КФОР ги отстрани српските блокади во Косово

20 октомври 2011

КФОР и ЕУЛЕКС ги отстраниле барикадите во близина на преминот Брњак и поставиле контролни пунктови за проверка на возилата, соопштува мисијата на ЕУ, а пренесува агенцијата Бета. Во акцијата биле приведени неколку лица.

https://p.dw.com/p/12vvD
Војниците од КФОР со помош на ЕУЛЕКС ги отстраниле барикадите кон преминот БрњакФотографија: dapd

ЕУЛЕКС информира дека воспоставил контролни пунктови, на кои се поставени бетонски препреки. Целта на акцијата била да се овозможи слободно движење на северот од Косово. За време на спроведувањето на акцијата се случиле неколку инциденти, поради што на кратко биле приведени неколку лица, кои подоцна биле пуштени, стои во соопштението од ЕУЛЕКС. Во него се повикуваат граѓаните да останат мирни и да го почитуваат владеењето на правото, нешто што од нив го очекувале сите земји членки на ЕУ.

KFOR räumt Barrikaden zwischen Serbien und Kosovo
Србите донесоа уште два камиона на барикадите, но КФОР ги растера со солзавецФотографија: dapd

Припадниците на КФОР од германските и австриските трупи во соработка со ЕУЛЕКС ја спроведоа денеска повеќе пати најавуваната акција за отстранување на барикадите, откако вчера не беше постигнат конкретен договор со градоначалниците на четирите општини да им се дозволи на припадниците на мисиите слободно да се движат.

Повредени Срби и војници од КФОР

Во акцијата повеќе пати бил употребен солзавец. Од Здравствениот дом во Зубин Поток информираат дека 22 лица се повредени во акцијата за отстранување на барикадите. Од нив тројца се потешко повредени, информира управникот на оваа здравствена установа, Боривоје Јакшиќ. Тој додава дека повредите се настанати од солзавецот, како и дека меѓу повредените има и жени.

Повредени има и меѓу припадниците на КФОР. Осум војници од мировната мисија биле полесно повредени во мешаницата со Србите.

„Тие се повредени од солзавец, чад и апарати за гаснење пожар“, информира прес-канцеларијата на КФОР. Нема дополнителни информации за видот на повредите.

КФОР ги отстранил барикадите кон преминот Брњак, иако Србите како засилување на блокадата, донеле уште два камиона натоварени со земја и камења. Пешадијата на КФОР, во полна воена опрема, на барикадите дошла со 80 воени возила, камиони и булдожери. КФОР ги попречувал и сигналите на мобилните оператори и телефонирањето било отежнато.

Kosovo - Erzengelkloster bei Prizren
Во денешната акција на КФОР се повредени 8 војници и 22 СрбиФотографија: picture-alliance/dpa

Војниците од КФОР преку мегафони го предупредувале народот со зборовите: „се наоѓате во зона за која е одговорен КФОР. Ве молиме вратете се во куќите или ќе употребиме сила. Ние сме тука за да ја осигураме безбедноста за сите“. Портпаролот на НАТО во Приштина во текот на денот изјави дека војниците ќе продолжат со операцијата и оти се надеваат дека народот ќе остане смирен.

Политичарите повикуваат на смиреност

Утрово српскиот претседател, Борис Тадиќ побара од мировните мисии на Косово да се воздржат од употреба на сила, а до граѓаните апелираше по никоја цена да не прибегнуваат кон насилни реакции.

„Барам од КФОР и ЕУЛЕКС да се воздржат од употреба на сила, а од локалните лидери да донесат одлука, која што се однесува единствено на виталните интереси на граѓаните и да придонесуваат за зачувување на нашиот народ на Косово“, стои во писменото соопштение од кабинетот на Тадиќ.

Flash-Galerie KFOR Kosovo
КФОР воспоставува контрола на возилата кои минуваат низ контролните пунктовиФотографија: dapd

Владата во Белград денеска информираше дека ќе се обиде да го реши проблемот по дипломатски пат.

„Српската влада е во постојан контакт со НАТО, ЕУ и ОН за да го врати ова на преговарачката маса“, изјави Миливоје Михајловиќ, портпарол на владата.

Министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ им порача на граѓаните на Косово да не користат други средства, освен мирни демонстрации.

„Сите, па и граѓаните на Косово, имаат право мирно да се залагаат за своите витални интереси. Затоа е важно граѓаните во својата истрајност да не прибегнуваат кон други средства, освен мирните“, изјави Јеремиќ на прес конференција во Белград.

На барикадите во Северно Косово се дежураше во текот на ноќта, но КФОР не се обиде да ги пробие патните правци кои водат кон преминот Јариње. Брњак и Јариње се двата административни премини, кои што Србите не сакаат да бидат под контрола на косовските граничари и цариници.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ АФП/ Ројтерс/ Макфакс

Редактор: Жана Ацеска