1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Себастијан Курц не дава оставка

Клеменс Ференкоте | ЕМФ
13 мај 2021

Австриските антикорупционери го имаат во визир канцеларот Себастијан Курц. Тој е осомничен дека пред истражна комисија во парламентот не зборувал вистина. Канцеларот тврди дека не лажел и вели дека не дава оставка.

https://p.dw.com/p/3tLMT
Österreich Kanzler Sebastian Kurz
Фотографија: Helmut Fohringer/APA/dpa/picture alliance

„Не е кукавица, тоа се гледа, само е понервозен од вообичаено: Себастијан Курц се држи грчевито до своите белешки, а подоцна одговара на прашања во живо на австрискиот јавен сервис ОРФ. 34-годишниот канцелар одлучи да не се крие на досега најцрниот ден во својата политичка кариера“, пишува меѓу другото магазинот „Шпигел“ во текстот со наслов „Ароганција на моќта“, во кој ги опишува обвинувањата на сметка на австрискиот канцелар и неговата реакција на сето тоа.

Од вчера доцна претпладне е познато дека Обвинителството надлежно за економија и корупција го води Себастијан Курц како осомничен дека лажел пред парламентарната истражна комисија за „аферата Ибица“. Според кривичниот закон, казната за намерна лажна изјава, слично како и за криминално здружување, изнесува до три години затвор. „Одлука за отворање процес сѐ уште не е донесена, но со оглед на доказите, покренувањето постапка е веројатно. Канцелар пред суд - такво нешто во Австрија досега немало. Сепак, Курц останува смирен. 'Сите изјави кои сум ги дал, се вистинити', рече тој за ОРФ. И додаде: 'Се разбира дека нема да дадам оставка само затоа што постои барање за покренување кривична постапка'“, пишува денеска „Шпигел“.

Инаку, веста за истрагата против него и против шефот на неговиот кабинет, Бернхард Бонели, ја соопшти самиот Курц. Тој вчера соопшти дека ја информирал владата за истрагата. „Овде не станува збор за обвинување за корупција, туку за обвинување од страна на СПО и НЕОС дека сум дал лажна изјава во истражната комисија“, рече Курц.

Österreich Vereidigung der neuen Regierung
Министрите биле информирани за истрагата лично од КурцФотографија: Reuters/L. Foeger

Протоколите покажуваат дека имало договарање

Истрагата се води по барање на Социјалдемократската партија на Австрија, СПО, и либералната партија НЕОС. Двете опозициски партии го обвинуваат Курц дека не ја кажал вистината пред истражната комисија, каде го прашувале за поставувањето на неговиот човек од доверба Томас Шмид за шеф на државниот холдинг ÖBAG. Оваа персонална одлука датира од времето на владеење на Курц со десничарската партија ФПО, кога нејзин лидер бешеХајнц Кристијан Штрахе. Пред истражната комисија Курц негирал дека разговарал со Шмид за конкурирање за добро платеното шефовско место пред тој да биде назначен на таа позиција. Подоцна беа објавени протоколи од чет-размената помеѓу Курц и Шмид од кои станува јасно дека имало доверливи договори. Германскиот весник ТАЦ објавува дека Курц на Шмид, меѓу другото, му напишал: „Ќе добиеш сѐ што сакаш“, на што тој одговорил: „Го сакам мојот канцелар!“.

Курц ги демантира обвинувањата. „Сакам да укажам дека пред истражната комисија со часови се обидував да одговарам најдобро што е можно, да ја зборувам вистината колку што ме служи сеќавањето“, рече тој вчера. Австрискиот канцелар не гледа причина за оставка и најави продолжување на својата работа.

Опозицијата зборува за загуба на довербата

Лидерката на СПО, Памела Ренди Вагнер, сака да ја причека следната фаза од истрагата. Доколку навистина дојде до обвинение против канцеларот, тоа ќе значи пречекорување на црвената линија, смета таа. „Тогаш мора да извлече консеквенции“, рече Памела Ренди Вагнер.

Либералите зборуваат за загуба на довербата. Партијата НЕОС, која уште на крајот на март годинава на обвинителството му побара проверка на изјавите за кои се тврди дека се лажни, вели дека граѓаните треба да се прашаат дали сѐ уште може да му веруваат наканцелароти неговата Австриска народна партија. Покрај Курц, обвинителството води истрага и против министерот за финансии Гернот Блимел, во чиј дом во февруари беше направен претрес.

Österreich Kanzler Sebastian Kurz und Finanzminister Gernot Blümel
Гернот Блимел (л.) и Себастијан Курц во текот на предизборната кампања во септември 2020 година во ВиенаФотографија: Hans Punz/APA/picturedesk.com/picture alliance

ФПО, некогаш коалициски партнер на Курц, бара од канцеларот веднаш да се повлече од функцијата.

Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ денеска прогнозира дека на Курц му претстојат многу тешки месеци: „Најновата истрага ќе ја парализира работата на Курц. Дефинитивно веќе нема да му поминува неговата досегашна политика на инсценација. Дали Курц и неговото опкружување ќе може да се преориентираат е неизвесно - изминатите месеци оставаат простор за скептичност“, оценува весникот.