1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал регион, големи проблеми

Керстен Книп/К. Краљевска30 август 2015

Ирачкиот Курдистан е пред голем предизвик. Мандатот на претседателот Барсани истекува, „Исламска држава“ е пред вратите, а избија и борби меѓу Турција и ПКК. Едноставно решение нема на повидок.

https://p.dw.com/p/1GJLh
Фотографија: S. Hamed/AFP/Getty Images

Судејќи по бројот на имигранти, автономниот регион Курдистан на северот на Ирак е „најатрактивна“ провинција во таа држава. Точно милион и пол бегалци, главно ирански сунити, најдоа засолниште во текот на минатата година. Реката од бегалци не пресушува, напротив. Откако терористичката милиција „Исламска држава“ пред една година го освои Мосул, се’ повеќе лица пристигнуваат во ова подрачје, каде инаку живеат околу 5,3 милиони Курди.

Проценките покажуваат дека моментално таму се наоѓаат околу два милиона бегалци од Ирак. Тоа носи и големи проблеми. Во градот Шаклава, педесетина километри јужно од главниот град на провинцијата Ербил, моментално има 30.000 прогонети Ирачани. Тоа место, инаку, порано имало 25.000 жители.

„Демографската слика на Курдистан незабележливо се менува“, вели Ахмед Анвар Тахир, член на Градскиот совет во Сулејманија. „Мораме многу бргу да почнеме дискусија околу тоа, бидејќи ирачките Арапи се трудат да останат тука засекогаш.“

Masud Barzani Kurdenführer Irak ARCHIV 2012
Претседателот Масуд БарсаниФотографија: Safin Hamed/AFP/Getty Images

Дебата за политичка самосвесност

Грижата за курдскиот идентитет е само една од бројните, кои моментално постојат во тој крај на Ирак. Приливот од бегалци може да го промени изгледот на Курдистан, исто како и дебатата за политички основи врз кои почива таа провинција. Одлучувачките рамки за тоа се поставуваат во текот на оваа седмица, кога провинциската влада ќе гласа за уште еден мандат на претседателот Масуд Барсани.

По два регуларни четиригодишни мандати, парламентот во 2013 година го остави претседателот уште две години. Сега истекува и тој период и Барсани требаше да добие уште едно продолжување од две години. Гласањето за тоа е, меѓу другото, одложено на неодредено време поради војната против „Исламска држава“. Прашањето дали Барсани може да добие уште еден вонреден мандат, покрена дебата и за почитување на законот. Законот за работа на парламентот (провинцијата уште нема свој Устав) воопшто не предвидува дека на претседателот може да му се продолжи мандатот, доколку на таа функција е два мандати.

Irak Iran Kurdistan Militär Peschmerga Kämpfer Training bei Erbil
Обука на пешмерга-борциФотографија: S. Hamed/AFP/Getty Images

Барсаниевите поддржувачи сметаат дека претседателот автоматски останува на функција доколку поради војната не можат да се одржат избори. „По принцип на континуитет, претседателот продолжува со вршење на својата функција со сите надлежности кои ги има“, тврди Вала Фарид, адвокат и член на барсаниевата Демократска партија на Курдистан за „Ал Џазира“.

Политичарите можат да го укинат законот

Други не го делат тоа мислење. „Политиката одлучува за тоа што е законски легално, а што не“, нагласува Длавер Ала Алден, претседател на институтот „МЕРИ“ (истражувања за Блиски Исток). Секој поинаков развој на случувања за него е проблематичен бидејќи во тој случај правото е политизирано. Се‘ додека прашањето за уште еден продолжен мандат не биде јасно дефинирано со законски одредби, тоа не може да се реши на јасен начин.

Донесување на законот мора да биде последна инстанца, цитира „Ал Џазира“ еден пратеник од Курдската исламска унија. „Доколку тоа не се почитува или доколку законите се менуваат во интерес само на едно лице, тогаш за се’ ќе се одлучува врз основа на резултатите од изборите. Во тој случај ќе се наметне ставот на оној кој има најмногу гласови.“

Прашањето колку Барсани уште може да биде претседател, важно е и поради тоа што индиректно се одразува врз борбата на Курдите против ИД. Пешмерга борците, кои со оружје ги снабдува Германија, во никој случај не се политички обединети. Тие Курди припаѓаат на разни партии, на истите оние кои сега преговараат за продолжување на мандатот на Барсани. Владее загриженост дека политичките несогласувања можат да се одразат и на нивната борба.

PKK Kämpfer Nordirak
ПКК активна и во ИракФотографија: Getty Images/AFP/A. Al-Rubaye

Комплицирани односи со ПКК

Спорот меѓу ирачките Курди доаѓа во незгоден момент и поради тоа што Барсани се обидува да ги убеди борците на Работничката партија на Курдистан- ПКК да се повлечат од регионот. Тие имаат голем удел во војните успеси против екстремистите на ИД. Но, веќе неколку седмици Турција се бори, не само против ИД, туку напаѓа и цели на ПКК во Ирак.

Поради тоа, стравува Барсани, и ирачките Курди можат да бидат вовлечени во тој конфликт. Тие ја симпатизираат ПКК. Доколку им се придружат, Турција може да покрене напади и врз ирачките Курди. Владата на автономниот регион Курдистан може да биде вовлечена во војна на два фронта, која не би ја издржала. Барсани и поради тоа е под голем притисок.