Куманово, три месеци потоа
9 август 2015Црниот викенд, пукотниците и 20-те жртви при полициската акција против криминална група од Косово од 9-ти и 10-ти мај годинава, во Куманово тешко може да се заборави. Минаа три месеци, а за младите жители на градот, со кои ДВ разговараше на оваа чувствителна тема, се’ уште е енигма кој стои зад инцидентот во населбата „Диво Насеље“. Дваесетината млади сметаат дека еден толку важен настан не смее да биде турнат како прашина под тепих, не смее да да остане запаметен како „успешна акција“, во која загинаа осум полицајци, триесетина цивили се ранети и многу домови беа разурнати. Младите прашуваат: Како да се вратат сигурноста и безбедноста во нивниот град? Кој ќе понесе одговорност? Кој стои зад тоа? Како да се обнови она што беше уништено во кобните денови?
Младите ја губат довербата во политиката и медиумите
„Локалните власти мудро молчат, централната власт говори, но не кажува ништо, па нам младите ни остана да дебатираме и анализираме што ни’ се случи и како ќе се одвива животот понатаму“, вели Ана Топшиова, дипломиран политиколог. „Многу пати сме зборувале за настаните што се случија во Куманово и констатиравме дека оваа политика на власта е премногу проѕирна за да помине успешно кај населението“, пренесува Филип Јаневиќ, магистер по правни науки. „Ако помине како таква, тогаш можеби и сите заедно ја заслужуваме оваа власт“. Филип е политички активист и смета дека владејачката партија е подготвена на се’, само за да ја задржи власта.
Младите Кумановци ни од медиумите не можеле да добијат вистинска ориентација во однос на случувањата: медиумите имале клучна улога, но од нив слушале различни информации и не знаеле кому да веруваат, ни велат соговорниците. Тие се’ повеќе ја губат довербата во македонските медиуми. „Секоја акција на полицијата медиумите ја пренесуваат сензационалистички и неетички. Тоа предивикува паника и негативно влијае врз граѓаните“, оценува Џенис Сулимани, магистер по политички науки. За Дениз Мемеди, докторанд по меѓународни односи во Турција, „најважно е што граѓаните се однесуваа зрело и не’ потпаднаа во стапици и провокации сервирани од псевдо медиуми, кои во тој период ширеа лажни информации, што можеше да има фатални последици“.
„Никој не сака војна“
Ана Јовановска, магистранд по уметност, жали што по немилиот настан сите си продолжиле како ништо да не се случило. „Таа мисла секогаш успева да ме збуни и налути. Слушнав најразлични теории на заговор, претпоставки, обвинувања, клеветења и лаги. Многу лаги. Кумановци сакаат одговори - и пред се’ мир“, резигнирано вели таа. За младата актерка Александра Михајловска е незамисливо денес некој да сака да крене во воздух објекти полни со цивили во име на некаква идеологија: „Човештвото докажува дека е автодеструктивно и тоа е бескрајно тажно“.
Младите се прашуваат кој доби од таа акција? Се надеваат дека еден ден на нивните илјада „зошто“, ќе добијат барем едно „затоа“. „Никој не сака војна“, порачуваат тие, „не сакаме да се будиме во страв и со истрели во околните села“.
Нарушена безбедност
Во Куманово веќе никој не се чувствува безбедно - едногласни се младите од градот во искажувањата за ДВ. Триесетчасовните пукотници и звукот на хеликоптери оставиле траен белег. „Траумите кои ги преживеавме не можат да исчезнат туку-така“, вели Александар Симоновски, студент на правни студии. Секој испукан истрел на свадбени веселби или на почеток на ловна сезона во околните села се причина за немир и паника кај граѓаните, укажува Сања Трифуновска, дипломиран економист и политички активист. Така било и со огнометот во чест на муслиманскиот празник Бајрам, кога многумина помислиле дека се повторува деветти мај.
Потврда за таквата атмосфера наоѓаме во зборовите на Александра Тасиќ: „Бев излезена во вечерните часови. Татко ми слушнал некаква пукотница и ме побара на телефон за да се вратам веднаш дома“. Тоа е последица на мајските настани, инаку би било невообичаено, кажува Александра. Таа живее близу до населбата, но по црниот викенд веќе и' било страв сама да се движи во тој дел од градот. Според неа, и фактот оти се’ повеќе жители на „Диво Насеље“ ги продаваат куќите, е потврда дека е нарушена безбедноста.
Некои од соговорниците на ДВ, како на пример Милош Андоновски, професор по театарска и филмска уметност во средно училиште во Скопје, ни по три месеци немаат храброст да го посетат „Диво Насеље“. „Сѐ уште немам отидено да го видам тоа маало. Таму израснав со братучедите, во станот на баба ми. И покрај тоа што дел од хоророт го видов на слики и видеа, се плашам од она што би можел да го видам во живо“,вели Милош.
„Откривме дека и несреќата може да не’ соедини“
Градскиот плоштад во Куманово засега е единствено место каде се среќаваат младите од различни етнички заедници. Учениците Албанци и Македонци немаат многу допирни точки. Учат во одделени образовани установи и од различни учебници. Се забавуваат во различни кафулиња Сепак, има ентузијасти и млади активисти, кои се обидуваат со организирање разни активности, како интеркултурни вечери, да се дружат со другите етникуми во градот.
Дали има промени во соживотот по мајските настани? Младите имаат поделени мислења. „Почнуваме да живееме едни покрај други, одделени со големи ѕидови, градиме нови граници и се гетоизираме“, смета Глигор Максимовски, фотограф и студент по право. Ана Топшиова, пак, забележува спротивен тренд: „Независно дали Албанци или Македонци, Роми или Турци, извлековме една голема лекција од ова – да не им веруваме на оние, кои пред нас проповедаат нешта што утре ќе не’ уништат. Откривме дека и несреќата може да не’ соедини“. Нејзините гледања ги споделуват повеќемина од соговорниците на ДВ. Никола Богатиновски, хип-хоп артист, смета дека кумановци, без разлика на верската припадност, се сплотени како никогаш досега. И Дејан Ангеловски, информатичар и фотограф, оценува дека сите етнички заедници се пријателски настроени едни кон други, но нагласува дека е поважно да се реши економската криза во Куманово.