1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на комотната ЕУ

Макс Хофман / превод: ЕМФ26 февруари 2016

Уште тоа фалеше - Грција го повлекува амбасадорот од Виена. Бегалската криза ја уништува ЕУ. Сега мора да се случат три работи, оценува Макс Хофман.

https://p.dw.com/p/1I2fL
Фотографија: Imago/J. Koehler

1. Грција мора да функционира

Грција не е виновна што има таква географска положба, но грчката влада предолго не правеше ништо за да ги спроведе договорите постигнати во Брисел. Центрите за регистрација на бегалци („хот спотс“) веројатно побрзо ќе беа готови дури и ако човек ги правеше со 3Д-печатар. Бегалците беа едноставно пропуштани во насока на север, но тоа веќе не функционира, поради тоа што многу граници на Западнобалканската рута се затворени. Сега грчкото влечкање по ова прашање им се одмаздува на самите Грци. Тука не помага ниту повлекувањето на амбасадорот од Виена, потег преземен од чист очај. Тоа не е ништо повеќе од трик кој треба да остави впечаток во јавноста, иако тоа на некои, со оглед на австриските самостојни потези, им е симпатично. Како и да е, на дел од грчките острови се чини како приемот и регистрирањето на бегалците да функционираат. Но, за многу ЕУ-партнери времето на доверба помина. За нив сега е важна само контролата на границите.

2. Грција мора да стане поостра

Германската канцеларка со месеци се обидува да ги увери своите европски „партнери“ дека е неоподна фер распределба на бегалците во ЕУ. За да се намали бројот на бегалци, покрај контролата на надворешните граници, распределбата е вториот централен дел од нејзиниот план. Веројатно нејзината калкулација гласеше: со текот на времето ќе омекнат дури и хардлајнерите како Орбан. Но, сега времето истекува. Германската влада мора да најде начин за да ги натера повторно на преговори оние што блокираат. Испраќање букети со цвеќе нема да биде доволно, ќе мора да се стори нешто што задава болка. Министерот за внатрешни работи Де Мезие за Дојче веле изјави дека неговото министерство „е подготвено на многу мерки“. Тука би можело да биде вклучено и затворање на германските граници. Таква мерка, меѓутоа, за жал ќе ги погоди најмногу Грција и голем дел од бегалците. Но, тоа ќе ги боли и ЕУ-државите кои на кризата гледаат како на чисто германски проблем. Притисокот врз оние кои пружаат отпор мора да биде доволно голем за разумот да може да ја победи популистичката политика.

Deutsche Welle Studio Brüssel Max Hofmann
Макс ХофманФотографија: DW/B. Riegert

3. ЕУ мора да се збогува од Шенген - засега

Шенген значи движење без контрола на внатрешните граници во ЕУ и е една од најголемите придобивки на Унијата. Фантастична работа, но не и одржлива, барем не во моментов. Најголемиот дел од властите се организирани национално. Кога треба брзо да се добијат и обработат информации за новодојденците, во смисла дали се бегалци или економски мигранти, тогаш државните институции се поефективни од оние на ЕУ. Освен тоа, за актуелните бегалски бранови не е доволна само една надворешна граница, туку се потребни различни контролни пунктови во рамките на ЕУ. Не само за луѓето да бидат одбивани, туку и за да бидат примени оние на кои навистина им е неопходна помош. За такво нешто се соодветни националните граници. Колку и да беше убаво патувањето без пасоши и проблеми во изминатите години, на комотната ЕУ ѝ дојде крај - засега. Не смеат да се преценуваат институциите на европско ниво. На Унијата, за да се излезе на крај со кризата, ѝ се неопходни силни, а пред сѐ кооперативни национални држави. А, соработката меѓу членките на ЕУ во моментов е ретко добро.