1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која стратегија против ИД би била најуспешна?

Андреас Горчевски / Елизабета М. Фиданоска9 септември 2014

Исламска држава не може да се победи само со воздушни напади во Ирак. Ако терористичката милиција се напаѓа и во Сирија, тоа би му помогнало на режимот на Асад. Експертите тврдат дека е потребна диференцирана стратегија.

https://p.dw.com/p/1D984
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Сунитската терористичка организација Исламска држава (ИД) го зацврсти своето владеење во големи делови на Сирија и на Ирак. Ирачките Курди и шиити со помош на американската воена авијација успеаја да ги потиснат борците на ИД од некои места, но во Сирија џихадистите зазедоа стратешки важен воен аеродром. Се чини, победата над ИД е далеку. За такво нешто недостига јасна прекугранична стратегија за борба против терористичката група.

Регионите под контрола на ИД во северниот и западниот дел на Ирак и на североисток на Сирија се поврзани. Радикалните борци можат да го транспортираат и преместуваат своето тешко оружје, меѓу што и тенкови и артилерија, од една во друга земја како сакаат. Пред се‘ Сирија е земја која им служи како засолниште. Затоа само со американските воздушни напади во Ирак не може сериозно да се заслабне Исламската држава, вели Андре Банк, експерт за Блискиот Исток во хамбуршкиот ГИГА-институт. „Тоа нема смисла, доколку се сака среднорочно ИД да биде протерана од регионот“, нагласува Банк во разговор за ДВ. За трајно решение е неопходна опсежна, пред се‘ не-воена стратегија. Воениот дел, пак, подразбира проширување на нападите врз ИД и во Сирија.

Условите во Сирија и Ирак се различни

Но, политичките предуслови за воздушни напади во Сирија се поинакви отколку во Ирак. Американската воена авијација во Ирак дејствува на барање на владата во Багдад, додека такво нешто од Сирија не може да се очекува. Режимот на Башар ал-Асад е непријателски поставен спрема Западот. И Русија и Иран, како сојузници на Асад, досега ги отфрлаа сите пошироки иницијативи на Западот и на арапските земји во врска со Сирија. Русија со вето блокираше повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН. Тоа беа иницијативи насочени против режимот во Дамаск. Во борбата против ИД сега има преклопување на интересите на Западот, Русија и Иран, вели експертот од Хамбург. Сите на радикално-сунитскиот џихадизам гледаат како на голема закана.

Islamischer Staat Propaganda
Регионите под контрола на ИД во северниот и западниот дел на Ирак и на североисток на Сирија се поврзаниФотографија: picture alliance/abaca

Воздушни напади против цели на ИД во Сирија би биле проблематични и поради фактот што тие идиректно би му дошле добро на режимот во Дамаск. Владата на Асад им нанесуваше удари и ги ослабна своите противници во три и пол годишната граѓанска војна со тоа што се бореше пред се‘ против секуларните групи на отпорот, а радикалните исламисти најверојатно долго време ги толерираше. Тоа на Исламската држава и‘ помогна да ги зацрвсти своите позиции во Сирија.

Според Банк, режимот на Асад има голем интерес ИД да постои и натаму на сириска територија, макар и ослабната. ИД е неопходна за Дамаск да може да ја одржи реториката во стилот „Ние сме секуларен режим, овде се бориме против терористите“. Режимот е соочен со обвинувања за тешки повреди на човековите права и за воени злосторства. Затоа, опоменува Банк, мерките против ИД на сириска територија не смеат во никој случај да му помагаат на режимот на Асад. „Меѓутоа, за жал, има знаци дека во моментов токму тоа се случува“, вели експертот.

Обама мора да претстави стратегија

Како САД си ја замислуваат натамошната борба против ИД треба да образложи претседателот Барак Обама во текот на утрешниот ден (10.09). Мајкл Стивенс, заменик директор на канцеларијата за Блиски Исток на британската тинк-тенк организација за безбедносни прашања „Royal United Services Institute“ (РУСИ) од говорот на Обама очекува три работи. Прво, тој мора да ги дефинира попрецизно целите на воениот ангажман. Второ, мора да образложи каква улога треба да играат државите во регионот каде доминираат сунити. „Дали се тие дел од развојна стратегија или од воена стратегија?“, прашува Стивенс, мислејќи на арапските држави во Заливот. Трето, неопходен е хуманитарен план.

USA Irak Bombardierung Islamischer Staat US-Kampfjet USS George H.W. Bush
Американски борбен авион на носачот „Џорџ Вашингтон“Фотографија: picture-alliance//epa/US Navy

И Стивенс и Банк нагласуваат дека покрај воените напади, важни се пред се‘ политичките и хуманитарните фактори. ИД е одраз на политичките, општествените и конфесионалните проблеми во регионот. Во Ирак ИД стана силна затоа што многу сунити се чувствуваа дискриминирани од шиитите кои се во мнозинство. Сепак, во земјата и натаму има еден вид национално чувство, убеден е Стивенс. Тоа би требало да се искористи за можни политички решенија. За таа цел Багдад би морал сериозно да почне да се грижи за своите провинции. Тоа во Сирија тешко е можно. „Сирија всушност не егзистира веќе како држава“, оценува Стивенс. Дури и кога ИД во Сирија би била поразена, се поставува прашањето - што ќе дојде на нејзино место? „Дали тогаш едноставно режимот повторно ќе ја преземе контролата над територијата?“, прашува критично експертот на РУСИ. Според него, тоа луѓето во градовите под власт на ИД, како Рака и Деир ал-Сор, нема да го прифатат.