1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е заднината на политичките тензии во Бугарија?

Петар Чолаков
7 февруари 2020

Долготрајниот конфликт меѓу владата предводена од Бојко Борисов и шефот на државата Румен Радев во моментов достигнува досега незабележана кулминација. Тоа со себе носи правни, но и политички импликации во Бугарија.

https://p.dw.com/p/3XPMH
Bulgarien Rumen Radev Staatspräsident
Претседателот на Бугарија, Румен РадевФотографија: BGNES

Односите меѓу бугарскиот премиер Бојко Борисов, лидер на централно-десничарската партија ГЕРБ и претседателот на државата Румен Радев отсекогаш беа одбележани од жестоки меѓусебни критики. Но, на почетокот на февруари 2020 година, конфликтот меѓу институциите ескалираше до највисока точка досега, кога г-дин Радев, кој победи на изборите во 2016 година со поддршка на социјалистите, објави дека ја повлекува својата „доверба во владата“.

Според претседателот, на владата ѝ недостасува „политичка волја за реформи“. Радев ја обвини владата за катастрофалната состојба на животната средина: „Бугарија не е контејнер за ѓубре“, рече тој, мислејќи притоа на нелегалниот увоз на отпад од Италија. Тој додаде дека кабинетот допрва треба да преземе целосна одговорност за недостигот на вода за пиење во Перник, град во близина на престолнината Софија, со над 80.000 жители.

Иако бугарското обвинителството веќе покрена обвинение против министерот за екологија за кризата во Перник, другите министри кои се вмешани во скандалот беа „поштедени“. Покрај тоа, прашањето за личната одговорност на „архитектот“ на владата- Борисов - останува неодговорено.

Претседателот зборуваше и за раширената корупција и истакна дека владата не дејствува во интерес на граѓаните. „Колапсот на државноста“ предизвикан од кабинетот, „мора да биде запрен“, заклучи тој.

Bulgarien Bojko Borissow GERB
Бојко Борисов, премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Можеби остриот тон на обраќањето на Радев до нацијата се должи на фактот дека тој лично се чувствува нападнат. Неодамна, главниот јавен обвинител Иван Гешев побара од Уставниот суд да го толкува членот 103 од бугарскиот устав, во кој е содржана процедурата за отповикување на шефот на државата.

Номинацијата на Гешев за функцијата главен јавен обвинител доби премолчена поддршка од партијата на премиерот ГЕРБ, но беше неуспешна поради ветото на претседателот. Во официјалното обраќање Радев имплицираше дека дејствијата на обвинителството се пристрасни и политички мотивирани. Навистина, според некои адвокати, воопшто нема потреба од толкување на текстот на членот 103, зашто во моментов нема докази за поведување постапка за импичмент.

Уште позначајно, некои критики на Радев кореспондираат со тонот на американската амбасадорка во Бугарија, Херо Мустафа, која самата го истакна проблемот со корупцијата во Бугарија, како и недостатоците во правосудниот систем и ограничената слобода на медиумите.

На 5. февруари САД објавија дека ќе воведат забрана за патување на Андон Миталов, судија на специјалниот кривичен суд на Бугарија. Миталов му дозволил на поранешниот пратеник Николај Малинов да патува во Москва во 2019 година, каде што доби медал од претседателот Путин, а во истовреме беше пуштен на слобода со кауција, чекајќи го судењето за шпионажа во име на Руската Федерација.

Санкционирањето на САД на високиот бугарски јавен службеник за корупција е без преседан, а според амбасадорката Мустафа ќе биде проследено со посериозни санкции против други лица.

Кои се причините за американската загриженост за сериозниот проблем со корупцијата во Бугарија? 

Според научниците како Марк Галеоти, широко распространетата корупција ги прави државите беспомошни против странските „влијанија“. И, според Транспаренси Интернешнел, Бугарија и натаму е членка на ЕУ со најголем степен на корупција во јавниот сектор. Затоа, во некоја смисла, корупцијата е „најголемиот сојузник“ на Москва. Кредибилитетот на Бугарија како членка на НАТО е дополнително поткопан  од „сомнителниот чин на балансирање“ на нејзините лидери помеѓу Москва и Вашингтон.

Премиерот Борисов се заложи да ги диверзифицира изворите на енергија во Бугарија (најголем дел од потрошувачката на нафта и на гас во Бугарија зависи од увозот од Русија), нешто на што инсистираат и САД. Меѓутоа, премиерот, исто така, работи напорно да го реализирагасоводот Турски тек - проект на рускиот „Газпром“. И претседателот Радев, генерал во НАТО, се залага за суспендирање на западните санкции против Русија.

Türkei Istanbul Eröffnung TurkStream-Gaspipeline | Wladimir Putin, Russland & Recep Tayyip Erdogan
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Во септември Бугарија започна невиден „лов“ на руски шпиони, најверојатно поради притисокот од Вашингтон и од Брисел. На крајот на јануари 2020 година, бугарското обвинителство конечно призна оти има докази дека руската воена разузнувачка служба ГРУ била вмешана во обидите за атентат врз бугарскиот дилер на оружје Емилијан Гебрев во 2015 година. Тројца руски државјани беа обвинети за обид за убиство. Една година претходно, властите соопштија дека „здравствените проблеми“ на Гребев се последица на „труење од храна“, а сега тие изјавуваат дека е можно тој да бил нападнат со нервниот отров „Новичок“.

Згора на тоа, главниот јавен обвинител започна постапки против некои бугарски олигарси. Најбогатиот бугарски бизнисмен Васил Божков, кој со години се поврзуваше со криминалното подземје, исто така, не беше поштеден. Во моментов, Бугарија врши притисок за негова екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, акциите на господинот Гешев изгледаат прилично селективни. Додека некои олигарси се наоѓаат под оган, се чини дека други, кои се поврзани со владата, се поштедени. Уште поважно, „тактиката“ на главниот јавен обвинител да објави докази во медиумите во врска со тековните судски постапки преставува манипулација на јавното мислење и ја нарушува презумцијата на невиност.

Повлечената доверба за владата од страна на Радев нема правни, туку политички импликации. Претседателот е политичар со најголема доверба меѓу Бугарите и неговите критики можат дополнително да ја поткопаат поддршката за владата. Под притисок на САД, конечно може да се постигне напредок во реформите во судството и да се намали руското влијание во Бугарија. Но, сè додека водечките политичари флертуваат и со Вашингтон и со Москва, ефектот од западниот притисок веројатно нема да произведе долготрајни резултати.