1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Крешник Бектеши не сака да биде „македонски министер“?

13 мај 2022

Во време кога РСМ е соочена со негации на идентитетот однадвор, резигнираноста е уште поголема кога ударот ќе дојде одвнатре: кога македонски министер не сака да биде ословуван како „македонски“.

https://p.dw.com/p/4BEZc
Контроверзна посета на Тирана на министерот Крешник Бектеши
Контроверзна посета на Тирана на министерот Крешник БектешиФотографија: picture-alliance/epa/A. Babani

Реакции во јавноста предизвика односот на министерот за економија Крешник Бектеши за време на неговите официјални средби во Тирана. Три албански знамиња и ниту едно македонско, стоеја зад него на средбата со министерката за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку.  Но, и кога зад него имаше македонско знаме на средбата со министерката за финансии и економија, Делина Ибрахимај, сето тоа падна во сенка на потегот на Бектеши. Одговарајќи на новинарско прашање, тој направи корекција откако беше ословен како македонски министер.

„Имам прашање до македонскиот министер..." рече новинарката, а Бектеши одговори: „Јас сум министер на Cеверна Македонија, не сум Македонец, јас сум Албанец".

Чија е државата?

Зошто на еден македонски министер, етнички Албанец, му е неприфатливо идентификување со државата од каде што доаѓа? – гласеа реакциите во јавноста. Неговата „корекција“ се случува во време кога РСМ е соочена со негации на нејзини идентитетски обележја однадвор, па резигнираноста е уште поголема кога ударот доаѓа „одвнатре“.

Министерот за економија Крешник Бектеши (прв од лево) заедно со министерот за земјоделство Љупчо Николовски (во средина)
Министерот за економија Крешник Бектеши (прв од лево) заедно со министерот за земјоделство Љупчо Николовски (во средина) Фотографија: Ministerium für Land-, Forst- und Wasserwirtschaft Nord Mazedonien

Социологот проф. д-р Петар Атанасов, поранешен пратеник и заменик-министер за образование, проблемот го лоцира во различните партиски визии за државниот идентитет и за општествената интеграција. 

„Изјавата на министерот на ДУИ е уште една од многуте ‘албански' изјави во последните неколку години, преку кои се наметнуваат прашања од типот чија е државата, а истовремено се врши притисок за редефинирање на политичкиот модел, ‘согласно' Рамковниот договор. Затоа што и тој често различно се толкува. Рамковниот договор веќе произведува негативни процеси во однос на етнизацијата на општеството, при што етнички се сегментираат или гетоизираат одредени општини, но и цели градови. Имено, според европските искуства, 80 - 90 процентно мнозинство би било доволно за најголемата група или народ да биде главен носител или суверен на политичкиот проект наречен нација-држава. Идеално е, според Ернест Гелнер, да се поклопуваат политичката и културната матрица. Кога големината на најголемата група е во дисбаланс, по теорија се проблематизира употребата на јазиците, симболите на државата, како и територијата на политичката заедница“, објаснува Атанасов.

Као сето ова се рефлектира на домашен терен?

„Кај нас, трите најголеми партии имаат различни визии за државниот идентитет и за општествената интеграција: СДСМ се залага за интеграција, ВМРО-ДПМНЕ го брани македонскиот карактер на државата, а ДУИ турка целосна етничка диференцијација и паралелни политички структури. Тоа на долг рок ни носи нови општествени фрустрации. Изјавата во овој момент има и одредена политичка тежина, бидејќи постојано трпиме напади од соседите во врска со нашиот национален идентитет, мислам на етногенезата на Македонците“, вели Атанасов.  

Партисокото седиште на ДУИ во Мала Речица
Партисокото седиште на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Недолично за министер

„Кој не сака да биде ‘македонски министер' - веднаш нека си даде оставка“, гласи еден од бројните коментари на неговиот потег.

Постапката на Бектеши е изненадувачка, со оглед дека во неговото досегашно поведение не пројавувал манири на етнизирање на функцијата.

„Никогаш не ми паднало на ум да ја коментирам етничката припадност на било кој министер на Владата, освен кога сакам тоа да го истакнам во контекст на рушење на стереотипите кaj некои луѓе, кои по правило сметаат дека ако некој е Албанец или од друга етничка заедница не е ‘достоен‘, а особено не е способен за таква државна функција", вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

„Во овој состав на македонската Влада, клучните ресори ги водат токму Албанци, кои се образовани и прилично добри во областите кои ги водат. Младиот министер за економија, Бектеши, пријатно изненадува и со добрата елоквенција во комуникацијата со сите. Бев многу непријатно изненадена што му е тешко да се идентификува како македонски министер и ја отфрла придавката „македонски", одговарајќи дека е Албанец од Северна Македонија. Недолично за министер кој ја претставува Македонија надвор, и кој е платен за тоа од парите на сите даночни обврзници без оглед на етничко потекло, вера, пол...“, вели Марковска.

За поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска постапката на министерот Бектеши во Тирана е изненадувачка
За поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска постапката на министерот Бектеши во Тирана е изненадувачкаФотографија: DW/K.Blazevska

И таа се осврнува на моментот во кој се случува ваквиот настап на Бектеши во соседна Албанија, со која РСМ генерално има добри меѓусоседски односи.

„Ова е многу лош пример, во кој, не кој било туку министер од македонска влада гордо и со ништо неиспровоциран, го става етничкиот пред државниот статус. Една поговорка вели: ‘Не му го прави на никого она што не сакаш тебе да ти се прави'. Во овие лоши времиња - невремиња, со цртање на нови геополитички сфери на влијанија, политиката - ‘ми се може и сега ми е моментот', може многу лесно да се смени“, потенцира Марковска. 

По Бектеши, Џафери

Овој акт се случува и во време на внатрешни превирања меѓу власта и опозицијата, која бара предвремени избори и обвинува дека „државата се води и управува од Мала Речица".

Постапката на Бектеши ги зајакна аргументите на опозицијата. Одговарајќи на новинарско прашање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тоа го оцени како „непријателски акт“.

„За мене непријателски акт е кога министер којшто го плаќаат граѓаните, огромно мнозинство од нив Македонци, стои пред знаме на друга држава и се срами да каже доаѓа од оваа држава, како што беше тоа чинот на еден министер во текот на неговата посета. Резултатот од овие политики на СДСМ е токму тоа", рече Мицкоски. 

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, постапката на Крешник Бектеши во Тирана е „непријателски акт“.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, постапката на Крешник Бектеши во Тирана е „непријателски акт“.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозициското незадоволство од кадрите на ДУИ се зголеми и по аудио-снимката објавена во медиумите, на која се слуша на каков начин претседателот на Собранието „комуницира“ со вработени во парламентот. 

„Скандалозен и примитивен е односот на Талат Џафери, пцовките и навредите за вработените се недозволиви. Оставка веднаш!“, побара ВМРО-ДПМНЕ.
„Фрапирани сме од примитивизмот на Талат Џафери, кој ја извршува должноста претседател на Собранието, кој мислејќи дека камерите се исклучени ги навредува и со најпогрдни пцовки малтретира вработени во Собранието (...) Оваа аудио снимка од која се слуша примитивизмот на Џафери е доказ зошто СДСМ и ДУИ мора да заминат во опозиција и зошто мора да има предвремени парламентарни избори час поскоро“, порачаа од партијата.