1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Џон Кели, новиот шеф на кабинетот на Трамп?

Луис Сандерс
2 август 2017

Од американската морнарица до шеф на кабинетот на Белата куќа. Како се случи подемот на пензионираниот генерал Џон Кели?

https://p.dw.com/p/2hXNs
John Kelly
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/A. Edelmann

Џон Кели „ќе донесе нова структура во Белата куќа“ изјави прес секретарот на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, при објавувањето на неговото именување. Кели, роден Бостончанец и пензиониран воен генерал, положи свечена заклетва во понеделникот на функцијата шеф на кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп откако претходно помина шест месеци како секретар за внатрешна безбедност, позиција на која тој воведе строга политика за масовни притворања на илегални мигранти.

Кратко откако Белата куќа ја објави оставката на секретарот за печат Ентони Скарамучи, Сандерс изјави дека од „целиот персонал“ се очекува да поднесе извештај до Кели. Заминувањето на Скарамучи од функцијата за аналитичарите значеше јасно чистење на куќата во рамките на администрацијата од страна на Кели.

Кели на кој штотуку му започна мандатот во Белата куќа влегува во следната фаза на својата политичка кариера, која следи по долгогодишното искуство како американски воен службеник.

Од маринец  до генерал

Кели ја започна својата кариера во американските маринци во 1970 година. Откако беше ослободен од службата во 1972 година, тој се врати како офицер во 1976 година.

USA John Kelly wird neuer Stabschef von Donald Trump
Фотографија: Reuters/J. Roberts

Покрај службата како специјален асистент на Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа во 1999 година, Кели остави впечаток во својата воена кариера додека служеше во Ирак. Тој  во 2002 година работеше како помошник-командант во Првата маринска дивизија пред да стане командант на оперативните сили Триполи во 2003 година по падот на Багдад.

Тој ја презеде командата врз коалициските сили кои дејствуваа во западен Ирак во 2008 година. По една година, тој се врати во САД, каде што тој стана висок воен помошник на поранешниот секретар за одбрана Леон Панета во 2011 година

Во 2012 година, Кели беше назначен за командант на американската Јужна команда , која ги надгледува воените операции во Јужна Америка, Централна Америка и Карибите, вклучувајќи го и воениот затвор во заливот Гвантанамо на Куба.

Додека беше на чело на Јужната команда, генералот пред Комитетот за вооружените сили на Сенатот во 2015 година изјави дека криумчарењето на луѓе на границата меѓу САД и Мексико претставува екзистенцијална закана за земјата.

„Сметам дека, релативната леснотија со која криумчарите на луѓе префрлуваат десетици илјади луѓе до прагот на нашата земја служи како сигнал за предупредување: овие криумчарски рути претставуваат потенцијална ранливост за нашата татковина. Терористичките организации би можеле да се обидат да ги искористат тие криумчарски рути за да префрлат оперативци со цел да им нанесат големо зло на нашите граѓани па дури и да донесат оружје за масовно уништување во САД.“, истакна тогаш Кели.

USA General John Kelly
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Balce Ceneta

Вистинска ѕвезда на администрацијата на Трамп

Кели се пензионираше од воената служба во јануари 2016 година, чекор што ефективно го означи неговото префрлување во цивилниот живот. Речиси една година подоцна Трамп го назначи за министер за безбедност на татковината.

На оваа позиција, Кели раководеше со повеќе од 240 илјади вработени, вклучително и агентите за гранични патроли, тајната служба и агенцијата задолжена за надзор на имиграцијата и натурализацијата.

Кели продолжува да биде главен поддржувач на предлогот на Трамп за изградба на ѕид на границата со Мексико. Претседателот го опиша неговиот сегашен шеф на кабинетот како „вистинска ѕвезда на мојата администрација“.