1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е шеф на Косово?

5 декември 2008

Пред стартот на мисијата на ЕУ - Еулекс, весникот „Франкфуртер Рундшау“ ја коментира ситуацијата околу меѓународното присуство и улога на Косово. Автор на текстот „Прашањето за шефот на Косово“ е Норберт Мапес-Нидик.

https://p.dw.com/p/GA81
Приштина - седиштето на УНМИК, мисијата на ОН на КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

Како само можеше да и’ се дозволи независност на една ваква земја? На Косово работите повторно изгледаат лошо. Кога таму се демонстрира, веќе втор пат за две недели, тоа не е фолклор. Тонот на демонстрантите е непомирлив и заканувачки. Повторно се спомнуваат „предавници“. Владата плива. На Косово нема стабилни гледишта, партии, односи. Се’ може да се случи.

Но, проблемот не е дека една ваква земја е независна, туку прашањето дали смее да биде. Независност не е нешто што е свечено доделено од ЕУ, ОН или од било кого. Таа прво е изборена, па потоа доаѓаат другите за да го признаат резултатот. Никаков шеф не им даде ослободување на косовските Албанци од превласта на Белград. Перспектива на функцонерите е дека секој народ има свој претпоставен. Косовските Албанци, се разбира, не ја споделуваат таквата перспектива. Нивната република не беше признаена оти беа толку мили, туку затоа што не дозволуваа други да владеат со нив - ни Белгград, ниту некои меѓународни функционери.


Дипломатски „наставнички колегиум“


Начинот на кој беше инсценирано „отпуштањето“ во независност го сврти „на глава“ вистинскиот тек на настаните. Од агол на гледање на меѓународните надзорни власти, Косоварите, како некој училишен клас, мораа осум години да учат „демократски стандарди“ и потоа со триста маки ја положија матурата. Погледнато од агол на функционерите, дипломатскиот „наставнички колегиум“ сега поради тоа мора да образложи зошто на кандидатите им даде разубавено свидетелство. Но, Косоварите немаат потреба ни од свидетелство, ниту од образложение за тоа. Напротив, од нивен агол на гледање е потребно оправдание за тоа што Европа им испраќа вицекрал, полицајци, судии, обвинители и дипломати. Тоа не им паѓа лесно. Кралски пратеници од било кое кралство, историски не можат да прикажат позитивен биланс. Странските полицајци, судии и обвинители на Косово имаа речиси една деценија можност да докажат дека можат да ги решат проблемите на земјата. Тие правосудно не обработија до крај ниеден од големите шверц-бизниси или корупциски скандали - воените злосторства ни да не се спомнуваат. Ни многу амбициозните специјални пратеници не успеаја на земјата да и’ донесат некаква употреблива политика и управа.


Само од Косоварите може да дојде импулс за подобрување на околностите во кои живеат

Kosovo Proteste in Pristina gegen Eulex Plan der UN am 02.12.2008
Од последните протести во Приштина против планот на ОН за ЕулексФотографија: AP

Политичката класа на земјата може да не е способна или да не сака да ги реши проблемите. Но, не мора странските функционери да ја воспитаат или да ја сменат, туку народот. Ако Косоварите не можат да излезат на крај со нестабилноста, корупцијата и организираниот криминал, тогаш не може ни никој друг. Меѓународна мисија може да биде од полза само ако биде побарана помош. Импулс на Косоварите за подобрување на околностите во кои живеат е незаменлив со импулс од странство. Се’ додека интернационалците се претставуваат како натполитичари и вистински чувари на правото и законот, шверцерите со луѓе, дроги и цигари ќе си дозволуваат да мобилизираат дури и национална солидарност за своите мрачни бизниси. Новата мисија на ЕУ уште не е официјално ни отворена, а веќе дава простор за проекција на сите желби и поплаки: вие смеета да владеете, но ние внимаваме да се придржувате кон законите. Аранжманот е бесмислен и навредлив.


Што направи косовската влада во меѓувреме?!


Западните сили мора да понесат одговорност само за последиците на нивната интервенција. Тоа нив ги обврзува на физичка заштита на српското малцинство, на чување на мостот во Митровица и енклавите на југот, како што прават заштитните трупи на НАТО. Од таа одговорност западните сили не ќе можат да се ослободат ни тогаш, кога на косовските ученици ќе им дадат добри свидетелства. Но, странците нема да ги решат проблемите меѓу Белград и Приштина, меѓу албанската и српската етничка заедница на Косово. По којзнае кој пат точно е спротивното: косовската влада, која толку љубоморно опстојува врз својата независност, откога постои не поведе ниедна надворешно-политичка иницијатива, не востанови ни една единствена амбасада. Освен неколку симболични гестови, не креира никаква политика спрема малцинствата. Се додека има шеф, не мора ни да го прави тоа.