1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е за поделба на Косово

14 август 2007

Поделени реакции во Србија и на Косово во врска со поделбата на Косово како можно решение на статусот на покраината.

https://p.dw.com/p/BUQV
Преговарачите за идниот статус на покраинатаФотографија: AP

Поранешниот српски премиер Зоран Живковиќ денеска оцени дека преговорите на српската и албанската страна за иднината на Косово се осудени на неуспех, ако не почнат разговори за поделба на покраината.

„Идејата за поделба на Косово е далеку од совршенство,но е најмалку лоша за двете страни,сите знаат дека до компромис нема да дојде“,изјави Живковиќ за агенцијата Бета.Бившиот премиер за поделба на Косово се залага уште од 2003 година.

Лидерот на српското движење на отпорот за Косово Момчило Трајковиќ пак е енергично против.

Србија никако не смее да влезе во проектот поделба на Косово.

„Можеби звучи еретички,но и надгледуваната независност е подобра од сценариото на делба.Таа на Србија и остава каква таква шанса еден ден кога ќе зајакне,во ЕУ,да го врати влијанието над покраината“,смета Трајковиќ.

Од косовска страна идејата за поделба на покраината е оценета за неприфатлива.Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу е категоричен,не ја исклучува можноста Приштина да го разгледа своето учество во преговорите ако поделбата на Косово биде претставена како алтернатива.

Ветераните на расформираната Ослободителна војска на Косово предупредија дека евентуалната поделба на покраината би довела до нови војни на Балканот,изјави претставникот на асоцијацијата Фаик Фезлиу.

Илир Дуголи,професор по право на Универзитетот во Приштина и соработник на Институтот за политички истражувања и развој во интервју за Дојче Веле укажува на опасностите кои ги носи позицијата на меѓународната заедница за можна поделба на Косово:

„Кога почнува да се зборува за поделба како можна опција,постојат можни опасности,зашто тоа е разделба од принципот на мултиетничност и може да предизвика домино ефект,особено ако се посматраат другите проблемски области,и дека Србија може да се почувствува како губитник.Тоа важи и тогаш кога се постапува многу внимателно и постојано се потенцира дека ова не е предлог на меѓународната заедница,но е можност ако двете страни се согласат за неа.Проблематично е што преку ова меѓународната заедница се извлекува од својата сопствена одговорност и ја препушта топката повторно на двете страни.“

Што значи конкретно ова,Дуголи појаснува:

„Тоа значи,дека меѓународните посредници се обидуваат да играат улога и покажуваат креативност во момент кога нема простор за неа.Притоа се обидуваат да најдат друг излез,додека планот на Ахтисари стои на маса по големите напори да биде направен.Јасно е притоа дека овој обид носи повторно опасност да не донесе резултат и меѓународната заедница пак да биде пред проблемот пред кој стои и сега“,укажува Илир Дуголи.

Прашањето за поделба инаку прв го покрена претставникот на ЕУ во преговарачката тројка Волфганг Ишингер,кој по посетата на Белград и на Приштина навести подготвеност на тројката за сите опции околу кои ќе се согласат двете страни,вклучувајќи и поделба на Косово.Ишингер потоа ја демантираше сопствената изјава,образложувајќи ја како погрешна интерпретација.