1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коха диторе: Техничкиот дијалог Белград-Приштина веројатно нема да продолжи

10 октомври 2011

Посредникот на ЕУ во преговорите на Белград и Приштина, Роберт Купер, денеска (10.10) престојува на Косово. Весникот „Коха диторе“ пишува дека техничкиот дијалог меѓу двете страни е „во грч“.

https://p.dw.com/p/12ot5
Крај на техничкиот дијалог?Фотографија: DW

Посетата на посредникот на ЕУ во преговорите меѓу Белград и Приштина, Роберт Купер, треба да донесе јасен одговор на прашањето дали преговорите меѓу двете страни ќе продолжат на 14 октомври или не. Купер минатата недела престојуваше во Белград. Приштинскиот весник „Коха диторе“ денеска пишува дека дијалогот за техничките прашања најверојатно нема да биде продолжен, но дека напролет ќе почне суштински дијалог меѓу двете страни.

Според весникот, Купер не успеал да го убеди шефот на преговарачкиот тим на Белград, Борислав Стефановиќ, да разговара со колешката од Приштина Едита Тахири по прашањата за енергија, телекомуникации и регионална соработка.

Иако бил конструктивен по тие прашања, Стефановиќ барал прво да се разговара за премините Јариње и Брњак, пишува „Коха диторе“, дополнувајќи дека Купер не одговорил на барањата на Стефановиќ, но нагласил дека Брисел очекува продолжување на разговорите. Неименувани дипломати за весникот наведуваат дека „грчот“ во техничкиот дијалог нема да се надмине, но дека е пробиен мразот во разговорите. Европските претставници очекуваат по изборите во Србија да почне суштински дијалог со „големо Д“.

Автор: ЕМФ/бета

Редактор: Б. Георгиевски