1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовското ембарго ги руинира фирмите

10 септември 2011

Ембаргото за стоката од Србија, воведено од страна на Косово, предизвика големи неволји за сопствениците на мали и средни фирми, кои најголем дел од профитот го остваруваа на косовскиот пазар.

https://p.dw.com/p/12O1O

Месечните загуби на седум средни по големина фирми од Прешево и Бујановац, општини со најнеразвиено стопанство и со најголема стапка невработеност во Србија, изнесуваат околу 600 илјади евра, проценува Агенцијата за развој за Бујановац и Прешево. Џелал Хасани, директор на Агенцијата за развој, објаснува:

„Кај некои фирми постои голем ризик да бидат затворени, некои драстично ќе го намалат обемот на производство со оглед што нашиот локален пазар нема потреба од толкав обем на производство, колку што е капацитетот на тие фирми“.

Проценката на загубите е направена врз примерот на средните фирми, па Хасани смета дека штетата е двојно поголема, зашто за косовскиот пазар беа врзани десетина мали фирми и исто толку занаетчиски дуќани.

Непроценлива штета

Компанијата „Флуиди“, која произведува сокови и извезува и во земјите од ЕУ и во САД, месечно губи и до 400 илјади евра, зашто 60 проценти од соковите ги пласираше на косовскиот пазар, објаснува нејзиниот менаџер Бујар Мустафа:

Baustoffe Baumaterial
Загуби кај фирмите за градежни материјалиФотографија: picture-alliance/ZB

„Отпуштивме половина од работниците по воведувањето на ембаргото. Имаме огромна штета“.

Трговското претпријатие „Елхан комерц“ од Бујановац, кое на Косово пласираше градежен материјал од големите градежни фирми од Србија, е принудено да бара партнери во соседните земји:

„На нашето претпријатие му е нанесена голема штета, зашто последните месеци не успеавме ништо да однесеме на Косово, штетата е исто толку голема и за производителите на градежни материјали од Србија“, истакнува сопственикот Неџад Бељуљи.

И фирмите на српските сопственици во јужниот дел од Србија се во слична ситуација. „Симпо“ и „Алфа план“ од Врање на пример регистрираа загуба од 400 илјади евра за еден месец, додека загубите од затворањето на косовската граница за српските производи на ниво на Србија се мерат со неколку стотини милиони евра.

Автор: Милица Ивановиќ/Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски