1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовскиот парламент го усвои законот за амнестија

БГ/бета/миа12 јули 2013

Усвојувањето на законот беше дел од постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите. Опозицијата обвинува дека со него се амнестираат криминалци.

https://p.dw.com/p/196cf
Фотографија: dapd

Косовскиот Парламент вечерва со 92 гласа „за“ и 17 „против“ го ја усвои новата изменета верзија на Законот за амнестија, предложен од Владата во Приштина. На претходната седница на Парламентот, предлог-законот беше отфрлен поради спорни членови и вратен на преработка.

Лидерот на парламентарната група на „Самоопределување“, Висар Имери и други пратеници од оваа партија не го поддржаа предлог-законот, истакнувајќи дека „тој е штетен за Косово и амнестира криминалци“.

Законот за амнестија е обврска што косовската Влада ја презеде со Договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Претставникот на ЕУ во Косово Самуел Жбогар и амбасадори од земјите-членки на Унијата настојуваа законот да се донесе по скратена постапка. Со овој документ се предвидува амнестија за криминални дела, како што се учество во вооружен бунт, шпионажа, поттикнување на национална, расна, верска или етничка омраза, илегално поседување на оружје и загрозување на територијалниот интегритет на Косово.

Во пресрет на изгласувањето на законот, кој претходно беше одбиен од косовскиот парламент, во посета на земјата беше шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон, кој ги потсети косовските лидери за обврските преземени од договорот со Белград за нормализација на односите.

По средбата со премиерот Хашим Тачи, Ештон изјави дека за постигнувањето на договорот со Србија, Приштина била наградена со отворање на преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација.